Животот е суров и радосен: Дарио со искрена приказна

Со својата нова песна „Еј животе“, Дарио сака да испрати универзална порака до сите луѓе, во времето на изолацијата поради опасноста од ширењето на коронавирусот. Песната е напишана и промовирана наменски во овој период.

„Во ова незапаметено време на изолација и карантин, се надевам дека луѓево ќе бидат доволно свесни и паметни да стават прст на глава, да ја ислушаат мојава песна неколку пати, и да го го ценат и живеат својот живот на многу поинаков и поквалитетен начин отколку досега“, ни изјави канатворот.

"Еј животе" и како што кажува и самиот наслов, го опева животот на најреален можен начин. Суров и прекрасен, тажен и радосен, победи и порази итн. Универзален текст во кој ама баш секој се пронаоѓа и се идентификува со радоста, со болката, со оптимизмот и со суровата вистина. Песна за сите луѓе, песна за концерти и за во кафана, класична тамбурашка поп- хитовска емотивна композиција што ќе остане долго да се слуша“, ја опишува Дарио својата нова песна.

До пред неколку месеци, тој беше сопственик на кафе-барот „Миг 21“ во центарот на Скопје, наречен по бендот со кој Дарио ги испеа првите хитови.

„Кафе-барот го продадовме точно на Нова година. Еве веќе три месеци сум слободен уметник, растеретен од многу претходни обврски околу кафичот, што на крајот резултираше со пишувањето и издавањето на најновата песна. Што се однесува до катрантинов, генерално го почитуваме. Сите сме дома, со мали кратки прошетки и шопинг во маркет, како и сите. Не ни е нешто напорно и досадно дома, напротив, се дружиме интензивно и тоа е најголемиот бенефит од целава ситуација“, додава Дарио.

М.Џаровска