Животот ми донесе длабока тага, нарушено здравје, духовната учителка ме спаси: Искрено со пејачката Агни Авшар

Добивај вести на Viber

Инспиративна животна борба има младата поп-пејачка Агни Авшар, која неодамна ја промовираше своја прва песна, „Сознавам“.  Досега, Авни има испеано неклолку преработки на светски хитови, а во оваа песна, чии автори се Никола Мицевски (музика и аранжман) и Рената Кралевска и Бети Јанковиќ (текст), нејзиниот силен вокал доаѓа до израз. Агни, освен што има интересно име за кое раскажува дека ѝ е духовно, вели дека многу научила од својот духовен учител, во времето кога на 26 години, било нарушено нејзиното здравје. Целата своја музичка и лична приказна, и за тоа како се извекла од лошиот животен период, Авни ја раскажува за Женски магазин.

*Имаш интересно, несекојдневно име. Од каде е потеклото, и дали навистина се така се викаш или е уметничко? 

- Да, навистина се викам Агни Авшар. Агни е спиритуално име, со длабока симболика, а истото ми го има дадено мојата духовна учителка Бети Јанковиќ. Што се однесува до презимето, го носам презимето на мајка ми која по такова линија е словенка, а татко ми е Македонец. По националност сум Македонка, родена и растена во Македонија. 


* Од кога почна да се занимаваш со музика?

- Првиот контакт со музиката ми беше на 7 години кога ме запишаа во нижото музичко училиште „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, каде 7 години изучував свирење клавир, солфеж и теорија на музика. Имам завршено студии на музичката академија во Скопје, на отсекот по соло пеење на катедрата за џез и популарни жанрови. Во моментов работам како наставник по музичко образование во меѓународното училиште IPS во Скопје, каде се разботи по IB лиценца и целата програма е базирана на истражување и креативна работа од страна на учениците. 

* Како настана твоја нова песна, „Сознавам“, која приказна ја крие таа?

- Сознавам, од иницијалната идеја па се до реализацијата на истата, е креација на Бети Јанковиќ, мојата духовна учителка која ја споменав претходно. Текстот и видеото на еден сликовит начин го прикажуваат животот на млад човек кој застранува на животниот пат, но притоа постојано се прашува дали има алтернативен начин, спас, бидејќи животниот стил му носи неспокој и длабока тага. Тој млад човек сум јас, а видеото има среќен крај бидејќи јас го најдов спасот во духовна преобразба. 

*Како те заинтересира истражувањето на духовниот свет, имаше ли некоја лична случка или причина што те инспирираше да го засакаш духовното?

-Заради сплет на животни околности, зародишот на потрагата по духовното ОСОЗНАВАЊЕ е временски лоциран уште во детскиот период. Но, клучниот пресврт се случи на моја 26-годишна возраст, во период во кој заради погрешни животни избори, нештата во повеќето животни сегменти, се движеа по надолна линија. Крајна негативна инстанца беше моето нарушено физичко здравје.


*Како го запозна твојот духовен водич, што те научи за животот и во што ти помогна во тој тежок период?

-На волшебен начин, ја сретнав Бети Јанковиќ, која уште на првата средба, без притоа јас да изустам ниту еден збор, ја дијагностицираше мојата психо-физичка состојба. Ме упати на секојдневна и дисциплинирана духовна пракса која подразбираше севкупна трансформација на мојата дотогашна физичка, емоционална и ментална неподобност. Со особена динамика, која од рационален ракурс е едноставно неразбирлива, почнав да нижам успеси на секое поле што е директна последица на покачувањето на свесноста. "Поголемо ниво на освестеност и хармонизација на телото, умот и душата овозможува хуман карактерен кредибилитет и социјално-психолошка зрелост за да можеме да го манифестираме најдоброто од себе во прилог на заeднички општествен интерес - како што вели мојата учителка.

* Што е она што ти во овој период го сознаваш, поврзано со насловот на песната?

-Животот, себе, светот... Преголемо прашање за краток одговор. Во секој тековен миг СОЗНАВАМ колку погрешно, во оној миг кој претходел, сум ја перцепирала и интерпретирала реалноста.


*Веруваш ли дека ќе постигнеш успех на македонската музичка сцена, кои ти се цели и соништа?

-  Немам очекувања, се надевам дека музиката која ја пеам ќе ја пренесе пораката до сите оние кои треба да ја слушнат, дека ќе ги инспирира слушателите и дека ќе побуди кај нив чувства на ентузијазам, љубов, надеж и верба во себе. 


Милица Џаровска