Зоран Џорлев: Сопругата Офелија е мојот воздух

Добивај вести на Viber

Концертниот музичар, професор по виолина и автор на Тв емисии за традиционална музика во себе гордо го носи споменот на својата мајка Грозда и таткото Наско кој е автор на една од најубавите македонски традиционални песни „Не кажувај либе добра ноќ“. Пред неколку дена, тој го промовираше новото цеде со македонски поп-евергрини „Свирете ја зајди зајди“. За Зоран Џорлев, повредно од музиката е само семејството, тој е горд татко на синовите Наско и Мартин , а својата сопруга Офелија ја нарекува негов воздух и столб. Зоки на социјалните мрежи со радост објавува фотографии од семејните соборанки и летни одмори во Црна Гора каде што традиционално летува со поширокото семејство.  Во искреното интервју за Женски магазин, Џорлев се сеќава на своите приватни и професионални почетоци и открива интересни приказни. 

Со сопругата Офелија слави 25 години брак

Женски магазин- Ако си вратиш еден кус филм во главата за сите овие 40 години со виолината, на кои нешта прво помислуваш?

Џорлев- На сите убави и позитивни нешта кои ми ги исполнија овие 40 години дружење со виолината, на се она што го оставив, се надевам, како позитивен пример за младите генерации. На чувството кога по неколкумесечно работење со виолината ја освоив првата награда, на заедничките моменти со многубројните оркестри со кои сум настапувал, на задоволните лица на публиката, на луѓето кои ги запознавав на патот поврзан со музиката, на возбудата и среќата кои ме преплавуваат секогаш кога ќе застанев на сцена.

Женски магазин-  Кога си имал 5 години, професор во музичко училиште ти рекол дека не си за виолина туку за пиано. Дали тие зборови те демотивираа и кога точно се реши дека виолината ќе биде твојот инструмент?

Џорлев- Баш напротив, едноставно знаев уште од најраното детство дека сум предодреден да свирам виолина. Тука чувствувам потреба да ја спомнам мојата драга професорка Љиљана Крстева која беше со мене во моментите кога ми беше потребна подршка и кај која го завршив основното и средното образование. Таа денес е пензионер, но редовно и со големо задоволство контактираме.


Зоран со татко му, Наско Џорлев 

Женски магазин- По директорскиот ангажман во МБУЦ и во Танец, какво е чуството да си повторно професор во средното музичко училиште во Скопје?

Џорлев- За време на мојот ангажман како директор, јас не престанав со педагошката дејност туку намалив со интензитетот, така што сега работам со полн интензитет и се чувствувам како прероден.

Женски магазин- Како лично ја прифаќаш оваа промена на функција, се чуствуваш ли деградирано ?

Џорлев- Оваа промена е на мое лично барање бидејќи лично ја поднесов мојата оставка и сакав од есен да се посветам потполно на педагошката работа, семејството и на виолината. Жал ми е само што се изнаслушав и изначитав се и сешто по социјалните мрежи, но свесен сум за одредени аспекти во човековата природа, како и за фактот дека покрај сувото гори и суровото. Но, факторот време работи независно од било кој и ќе ги изнесе работите на свое место.

Женски магазин- Кој е највредниот совет што си го добил од твоите родители, Наско и Грозда?

Џорлев- Да бидам и да останам чесен, да помагам и да не одмагам, да ги почитувам оние кои постигнале чесно во животот без разлика од која средина доаѓаат или каде припаѓаат, и секако да се грижам за семејството како најсвета работа.


Стара слика од семејството Џорлеви во Струмица 

Женски магазин- Што најмногу ти недсостасува од детството во Струмица, и на што со најголема радост се сеќаваш?

Џорлев- Со најголема радост се сеќавам на детството во Струмица, првиот школски час во ОУ Сандо Масев, другарите Мито, Томче, Мите, Жан. Потоа,  деновите поминати кај вујко ми заедно со мојата мајка, деновите во село Турново и нижење на тутун кај тетка ми, корзото, трчањето по улицата Пере Тошев и повредените колена, првите настапи во ресторанот Монте Карло (сегашен ресторан Парк).

Женски магазин- Годинава со сопругата Офелија  славивте 25 години брак. Што е она што најмногу го сакаш кај неа, и како ќе го прославите јубилејот ?

Џорлев- Офелија- мојот воздух, мојот столб, моето јас.  Едноставна жена на која чесноста, скромноста, борбеноста, работливоста и се карактерна особина, моја водилка. Прекрасна мајка на моите две деца. Таа и децата се моето богатсво и мојата смисла на животот. Секој јубилеј ни е значаен така да што овој, и следниот ќе биде ист како и доасегашните, со желба да дочекаме што повеќе јубилеи и нормално како што течат годините да бидеме со проширен состав на семејството на трпезата. 

Женски магазин- Твојот син Наско е интернет стенд ап комичар, како дел од дуото „Дебелиот крај“. Како ти се допаѓаат нивните скечеви и дали беше тешко да те наговорат да учествуваш во еден од нив, оној во кој ти ја „крадат“ златната Бубамара на популарноста?

Џорлев- Во Наско, како и Мартин (мојот помал син) вложивме многу внимание, дружба, љубов. Тој сега ќе дипломира на факултетот за музичка уметност на отсекот гитара а во меѓувреме и тој се занимава со музика и педагогија. Ова што го прави со „Дебелиот крај“ е еден дел од креативните работи што ги прави во животот и со задоволство го чекам секој нов клип. А за учеството? Идејата ми беше симпатична и воопшто не беше тешко да ме наговорат да учествувам, напротив, ми беше задоволство.

Женски магазин- За што е телентиран твојот помал син, Мартин?

Џорлев - Мартин е многу сличен на брат му, многу се дружат и се поддржуваат и сум горд на тоа. Мартин заврши основно музичко образование на отсекот класична хармоника и има освоено десетици први републички и меѓународни награди, но средното образование го продолжи во гимназијата „Корчагин“ каде што е трета година. Моментално посетува часови по џез гитара и хармонија, а музиката му е душевна храна, дел од животот.

Семејството е столб на сите нешта.- Џорлев со Офелија, Наско и Мартин 

Женски магазин- Колку години ја негуваш долгата коса, си помислиш ли некогаш да го смениш имиџот? 

Џорлев- Долгата коса е дел од мојот имиџ, веќе петнаесеттина години, ми се допаѓа така и не размислувам да го сменам тоа, како и брадата која претрпе неколку варијанти во должината. Секако, внимавам само да ја задржам косата што подолго на главата. 

Милица Џаровска