Зорица Нушева: Ние сме или сакаме да бидеме Петрунија

Откако во февруари минатата година за прв пат беше прикажан на Берлинскиот фестивал, филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска освои повеќе од 30 награди на меѓународни фестивали, а барем 10-ина од нив отидоа кај актерката Зорица Нушева, која ја игра необичната главна хероина. Предвелигденски, Зорица доби уште една актерска награда, која доаѓа од руската република Јакутија.


*Вашата Петрунија доби уште едно признание „Silver Snow Googles“ за најдобра актерка од фестивал на јакутски филм. Што е тоа кај оваа улога што така успешно функционира секаде во светот, без оглед на локалните традиции и култури?

-Универзалната тематика, претпоставувам, која не е само феминистичка. Таа прикажува отпор кон секаков вид подчинување. Филмот е комплексна уметност и бара апсолутна инволвираност на многу структури. Но, во основа, имаме одлично сценарио. Теона, Елма (Татарагиќ, з.н.) и Лабина (Митевска), креирале хероина, преку која зборуваат за слабостите на денешното општество, за важноста на доброто образование, за традицијата, за верата, за вербата, за основното човеково право на среќа. И публиката многу лесно се пронаоѓа во тоа што го гледа. Сето тоа им е познато, го разбираат, сочувствуваат. На многу начини, ние или сме, или сакаме да бидеме Петрунија. Можеби во тоа е клучот.

*Петрунија е вашата прва филмска улога. Како ги примате сите овие награди – како товар или како мотивација? 

-Големината на наградите е во потврдата, која ти дава сила да се спротивставиш на компромиси кои не се добри за тебе. Во тоа има убавина која, после сè ова, никој не може да ти ја одземе.

*Има ли допирни точки меѓу ликот на Петрунија и Зорица, приватно?

-Ги има доста. Но во најголемата причина за нејзината судбина, нема. Таа нема работа, а јас ја имам среќата да го работам тоа што го сакам. И храброста што таа ја има, за да скокне по крстот, за да се избори и да остане до крај на своето... Не сум сигурна колку би била и јас лично истрајна на сите тие репресии. Но, тоа што ми го даде овој лик, преку искуството да ја глумам е непроценливо. Ми даде глас, сила и отвори нови врати на нови светови. Длабоко сум благодарна и среќна заради тоа.

*Што станува во меѓувреме со театарот? Дали сте се уште дел од ансамблот на театарот „Комедија“?


-Да, вработена сум таму од самите почетоци на функционирањето на театарот. Но, ја разбирам потребата и природата на ова прашање. Ме нема на сцена, барем не така интензивно како порано. Последните неколку години беа неверојатни за мене, полни предизвици. Тоа е најубавиот и најзначајниот период во мојот живот. Но, не мислам дека тоа треба да влијае врз мојот работен однос во матичната куќа. Сепак, на крајот од денот, за тоа дали и колку ќе играм одлучува менаџментот на театарот. Јас не се мешам во причините и поривите на внатрешната политика.

*Во Берлин, Петрунија беше опишана како модерен крстоносец. Каков крст на своите плеќи носат модерните млади жени во уметноста, особено сега, во времето по кампањата Me too?

-Па, уште го носат. Тоа зборува доволно. Но се менуваат работите. Има доста примери каде жената е вреднувана според вистинските квалитети. Но тоа не се  случува спонтано, туку со труд и свесност за стегите на стигмата. Сепак сè повеке можеме да видиме силни жени кои прават филмови, сценаристи кои пишуваат силни главни женски ликови... Жената е сè поприсутна и сè посвесна дека може многу повеќе од потсвесните убедувања.

*Поминуваме низ уште еден период на преиспитување. Како ги мислите филмот и театарот по крајот на оваа пандемија?

-Вистина е, и јас така го доживувам овој период. На преиспитување, гледање кон себеси, согледување на вистинските вредности и утврдување на грешките, покајание и челичење. За мене тишината од секогаш била клучна и исклучително битна при креација. Па, ако се водам по себе, од ова би можеле да излезат многу квалитетни и плодни дела.


*Како го поминувате ова застанато време на изолација и карантини?

-Со најнормални секојдневни активности без стресот на кариерната брзина. Има некој благослов во тоа. Повеќе време за гушкање, за играње, за разговор, за средување, за вежбање, за читање...

*Нешто сосема лично: сопруга, мајка, актерка... За да може сè ова да функционира, нешто лично мора да се жртвува. Што?

- Комфорот, егото, наивноста... И, мислам да го смениме редоследот на епитетите. Мајката е секогаш на прво место, сопругата и актерката се договараат.

*Има ли на повидок некој следен ангажман? Иако признавам ова не е вистинско време за такво прашање зашто сè е застанато...

-Но Стерната бучи, расте, без починка, и го чека својот час да рикне!

Сè во свое време.

*Каде се гледате себеси по 10 години?

-Не знам навистина. На некое добро духовно среќно место, се надевам. Со сигурност ќе продолжам да работам сè дури ме сакаат и има работа за мене. За другото, здравје и љубов да има.


Јасна Франговска