Зошто децата се љубоморни на браќата и на сестрите?

„Зошто е љубоморно кога има сѐ што му треба? Нема причина за тоа.“ Ова е честа констатација на родителите кои имаат повеќе деца. Ако се зема здраво за готово, лесно доведува до формирање на погрешни уверувања, како кај родителите, така и кај децата. 

 Кога ќе добие брат или сестра, постарото дете почнува да стравува за безбедноста на својот однос со родителите, пред сѐ со мајката. Почнува да се грижи и да се прашува: „Ме сакаш ли и понатаму? Дали сум ти еднакво важен? Ќе биде ли и понатаму за мене се исто? Дали сум сигурен? Можам ли да се потпрам на тебе? Зошто родија друго дете, ако ме имаат мене?“

Зад однесувањето кое ние го препознаваме како љубомора кај децата, не само кога се роди бебе туку и подоцна, во односот на постарите браќа и сестри се наоѓа многу болно, комплексно чувство. Тоа што возрасните така лесно го кажуваат: „Ма пушти го, љубоморен е. Само бара внимание!“ нема да му помогне на детето да научи како да се носи со ова чувство. Сеедно дали е во прашање помало или повозрасно дете. Љубомората, всушност, претставува своевиден микс од интензивно чувство на страв, тага и бес во исто време, во однос на лицата со кои сме емоционално поврзани. 

Кога сите овие емоции се иницираат и „измешаат“ во поединечни ситуации,  кај оние  кои ќе ги преплават, создаваат силна телесна нелагодба. Децата на помала возраст уште немаат емотивни и ментални капацитети да ги контролираат своите импулси, да бидат „разбрани“, ниту имаат свест за тоа што им се случува. Нешто повозрасните деца полека може да стануваат свесни за своите чувства (дури кога се смират страстите), но и понатаму имаат тешкотии да се контролираат кога се во налет на емоции. Од тоа колку родителите ќе препознаат вакви ситуации, ќе му пружат шанса на детето да се изрази, ќе го учат како да се носи со овие чувства, ќе му помагаат оваа состојба да ја надмине, ќе зависи тоа колку детето ќе развива емоционална интелигенција и способност за изразување на своите потреби и чувства на прифатлив начин, велат психолозите.