ЗОШТО ТРЕБА ДА СЕ ВЕЖБА ПОД НАДЗОР НА СТРУЧНО ЛИЦЕ?

Добивај вести на Viber

Одлучувате да започнете со вежбање. Можеби сакате да ослабете, да додаде мускулна маса, или пак едноставно сакате да се рекреирате. Но, прашањето е како да започнете и кој тип на активност да го одберете, бидејќи што и да правите, ако тоа го правите „без компас“, може не само да не ви ги даде саканите резултати, туку и да ве однесе во несакана насока.

Прв чекор: треба јасно да знаете што сакате да постигнете, јасно да знаете која е вашата цел. Запишете ја!

Вториот чекор е да направите избор.
Можете сами да се информирате и едуцирате во однос на вежбите и да се обидете сами да го најдете излезот низ лавиринот кој е препрека меѓу вас и вашата цел, притоа со можност да се изгубите и никогаш да не стигнете на целта или пак да изгубите премногу време барајќи го вистинскиот пат.


 


Другата можност е да учите од професионалец кој директно ве води од точка А до точка Б. Можете сами да пробивате или да барате пат низ непознат предел или да најдете водич кој одлично го познава тој предел и може да ви го покаже патот до вашата целна дестинација.

Од вас ќе се бара само дисциплина!


     Доколку ја одберете можноста да ве води стручно лице, потребно е да направите уште едно истражување. Да пронајдете тренери, и да дознаете која е нивната стручна подготовка во делот на спортот и спортската рекреација, кое е нивното искуство, успеси и како спортисти и уште повеќе како тренери, како и нивните карактерни особини, пристап во работата, итн.

  Тренерот треба да има соодветно СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ! Да има познавање од основните анатомско физиолошки карактеристики на човечкиот организам, карактеритиките на локомоторниот апарат, основните карактеристики на скелетните мускули, треба да знае како физичката активност влијае врз општиот тонус на организмот, како влијае на кардио васкуларниот систем, респираторниот систем, итн.

  Физичката активност треба да биде плански и системски организирана и да се темели врз стекнати искуства, принципи и методи што придонесува за успешно реализирање на поставените цели. Важно е познавањето на основните принципи на работа, како и вистинскиот избор на  методи и форми на работа. Во оваа прилика ќе издвојам неколку: принцип на мотивација, принцип на систематичност и постапност, принцип на индивидуален пристап, принцип на оптимално оптоварување, принцип на на разновидност на формите и содржините на работа, принцип на следење на резултатите, итн.

  Значењето на вежбање под надзор на стручен тренер е големо! Тренерите се професионалци, едукатори, и мотиватори. Тие се вашиот водич на патот кон остварување на вашата цел.Исклучително е важно во чии раце ќе одлучите да го ставите вашето здравје или здравјето на вашите деца. Затоа, внимателно при одбирање на стручно лице на кое ќе му ја дадете вашата доверба.  Без разлика дали ќе се одлучите да вежбате групни активности или пак индивидуални тренинзи под водство на персонален тренер, исклучително важно пред да започнете со каква било физичка активност е да ја утврдите вашата здравствената состојба, да се утврди моменталната психофизичка состојба, дали има некои активности кои може да бидат корисни, но можеби и штетни по вашето здравје.  По ова следи утврдување на целта, методите на работа и времето кое е потребно да се постигне истата. Се прават иницијални мерења по што се пристапува кон изработка на програмата за вежбање. За време на тренингот персоналниот тренер ви објаснува, демонстрира, коригира и асистира за време на изведбата на вежбата.Има за задача да ве научи на правилно држење на телото при одредена вежба, правилна изведба на таа вежба и правилно дишење.   Доколку вежбачот ги следи упатствата на тренерот за време и по тренингот, успехот е загарантиран. Тренерот ќе ви помогне да остварите максимален
резултат за минимален временски период.


Проф. Лазар Иванов, професионален тренер по Микс Аеробик и Фитнес

Сите права се задржани