ИНТЕРВЈУ ПРИНЦ: Парите не се доволни за основни трошоци
ИНТЕРВЈУ ПРИНЦ: Парите не се доволни за основни трошоци

ИНТЕРВЈУ ПРИНЦ: Парите не се доволни за основни трошоци

На познатиот музичар, автор, интерпретатор и продуцент Александар Ристовски – Принц во првите две години откако стапи на сила Законот за поддршка на домашната музичка продукција му биле одобрени 18.000 евра за шест композиции на кои е комплетен автор и продуцент и над 30.000 евра за продуцирање на дваесетина видеозаписи за други изведувачи. За „Женски Магазин“ тој прифати да проговори како ги трошел народните пари нагласувајќи дека кога ќе се одбие персонален данок и ДДВ таа сума е далеку помала.

КАТЕГОРИИТЕ СЕ БЕСПРЕДМЕТНИ

Женски Магазин *Во првите две години за кои самите потврдивте дека парите се исплатени, Ви одобриле 18.000 евра за шест композиции на кои сте комплетен автор, но и продуцент на видеозаписите. Дали сте задоволни од ваквиот исход?

Принц – Да. Три песни во 2014 и три песни во 2015 година. Бев задоволен со три композиции годишно наспроти педесетина на други автори. Со парите од првите три песни со бендот „Барбарела“, покрај трите песни и спотови („Чиста сметка долга љубов“, „Барбарела“ и „2 гитари и 3 напалени баби“) го издадовме првиот наш албум „Барбарела“, направивме промоција и снимивме три ТВ-концерти за Телма, МРТВ и заеднички за БлаБла ТВ и 24Вести. Тоа ни овозможи, колку толку, да нè слушнат и видат бидејќи како што кажувам 15 години наназад, нема музичка продукција, ниту музички уредници во ниедна телевизија во Македонија.

Со парите од следните три песни, покрај тие спотови, го издадовме и нашиот втор албум „Флерт“ и дополнителни три спота кои не беа субвенционирани, бидејќи станува збор за обработки на мои стари хитови за други бендови („Минско Поле“, „Ме исфрлаш од колосек“ и „Во Боја“. Направивме и целовечерен концерт во „Кино Фросина“ комплетно снимен со цела видеопродукција.

Во спотовите, како и на албумите, јас напишав благодарност кон МРТВ бидејќи парите кои ни беа доделени имавме можност повеќекратно да ги употребиме. Сепак, тоа беше возможно бидејќи мојот труд во сите овие ставки остана ненаплатен, тоа беа пари за останатите членови од екипата и за изнајмување опрема.

Женски Магазин * Во првата година сте рангиран како „истакнат“, а веќе следната 2015 година како „врвен“ изведувач. Зошто?

Принц – После првото издание на „Барбарела“ се стекнав со право да конкурирам во категоријата „Врвен изведувач“ што воопшто ништо не значи, бидејќи парите и условите се исти. Затоа и самите категории се беспредметни и сувишни.

МНОГУ ГЛУПОСТИ И ПО НЕКОЈА ДОБРА ПЕСНА

Женски Магазин * Во првите две години Ви се одобрени и над 30.000 евра за спотови на кои стои Вашиот потпис. Како се потрошени овие пари?

Принц – Буџетот за еден спот не е 1.500 евра како што се кажува, туку 1050 евра или 65.000 денари. Тие 30.000 евра од старт стануваат околу 21.000 евра. Ако човек влезе во продукција за спот со сите трошоци, 65.000 денари не се доволни ни за основни трошоци, но изгледа тогашната Влада заборавила колку чини видеопродукција/кампања. Значи, да работиш спот за субвенции е жива дупка, а колку спота си сработил, тоа е помножено со толку дупки, финансиски гледано. Овој закон би го крстил Закон за уништување на видео продукцијата во Македонија.

Женски Магазин * Голем дел од тие видеозаписи не се достапни на „Јутјуб“, меѓу нив и оние што сте ги сработиле за Стевче Ќироски и Вера Јанковиќ, како и спотот за наменскиот рефрен за семејни вредности „Топол дом“ на Ристо Апостолов. Зошто?

Принц – Јас не вршам дистрибуција на спотовите никогаш, немам право на тоа и само ги предавам на клиентот. Тоа би требало да го прави МРТВ како продуцент на спотовите, но тоа за жал не го предвиделе во нивните обврски. Спотот за Вера Јанковиќ беше првиот кој го изработив за субвенции, спот кој многу ми се допадна и тешко ми падна кога гледам дека никаде го нема. За него имавме и несогласувања, бидејќи сите пари отидоа за изработка, јас останав без хонорар, а немаше разбирање дека субвенциите се само помош, а не целосен буџет. За жал, понатаму субвенциите останаа целосен буџет за сите спотови кои сум ги изработил од конкурсите. Што се однесува до „Топол дом“, јас не се нафаќам да изработувам спотови од тие категории. Ова беше исклучок бидејќи со Ристо веќе требаше да работиме два спота за „Љубовна песна“ и „Кога и каде“. Од Стив (Стевче Ќироски н.з.) ги имам сите спотови, но не сум јас тој што треба да ги објавам. Самиот Стив се разочара, мислеше дека МРТВ тоа ќе го стори за него бидејќи живее во Австралија. Искрено, подобро продуцирани македонски песни не сум работел. Звучат светски и спотовите се сосема пристојни, но за жал си стојат во архивата на МРТВ.

Женски Магазин * Откако „Женски магазин“ го објави последниот конкурс на кој Ви се одобрени средства за нови три композиции, а кој Министерството за култура одлучи да го поништи, излеговте со низа обвинувања во јавноста. Зошто вака жестоко не реагиравте претходно? Зошто воопшто сте продолжиле да конкурирате ако институциите немале слух да ги неутрализираат маните на овој, според Вас, бурлескен закон?

Принц – Секогаш зборував за измените и за маните на Законот, за тоа слободно можете да се информирате во Министерството, бидејќи тоа се обидувавме да го направиме институционално. Како и секогаш, јас бев најгласниот. Мене веќе и престанаа да ми одговараат на телефон и во МРТВ и во Министерството бидејќи ми го знаат бројот. А кога ќе одлучат да ми одговорат, првата реченица е: „Извини Принц“, па после е „Добар ден“. Мора да разберете дека фронтот не е еден. Паралелно се боревме и уште се бориме со триста други небулозни измени во Законот за авторско право и Законот за медиуми. Од една страна носат закон за субвенционирање, од друга страна сакаа да ги сотрат авторските права. Долг е муабетот и гневот.

Јас пријавувам не само на овие конкурси, туку и на многу други кои ги распишува Министерството за култура, Општините. А, Законот е сè уште на сила и се распишуваат конкурси. И покрај сите маани на Законот, јас бирам со кого работам и потпишувам договор само за песни кои ми се допаѓаат, од автори кои ги ценам. Да не наведувам колкава бројка имам одбиено. А, со свои песни конкурирам бидејќи можам парите повторно повеќекратно да ги употребам. За крај, мора да разберете дека не постои ниедна претстава, краток или долгометражен филм, балет, опера, сериозно дело, да не ги наведувам сите фестивали на популарна, сериозна музика, поезија. Сè е тоа со државни пари. Дали некој се запрашал за ефектите од сите тие десетици конкурси кои имаат ист или поголем буџет од субвенциите?! Добрите песни во субвенциите не добија шанса, лошите и онака немаше да поминат кај публиката, како што е впрочем и кај било кој обичен фестивал, многу глупости и по некоја добра песна.

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов

Create Account



Log In Your Account