АНА БУНТЕСКА: Во овој циркус

Во овој тажен циркус самуваме

Како кловнови уморни од глумење смеа

Кои едвај чекаат шминката да ја извадат

Со страв дека еден ден и ликот ќе си го избришат

Како акробати кои напамет точките си ги знаат

И секој пат се на раб намерно да згрешат

За да ја одиграат претставата на својот живот

Ти и јас

Во овој тажен циркус скапуваме

На свилена жица чекориме

Грб со грб свртени

И со секој чекор воздухот меѓу нас е постуден

А оздола нозете живи рани ни се

Со се’ подлабоки засеци како врвиме

Секој сам по сам

Како на два краја од светот да заминуваме

Поврзани со жица

Крвава од нашите уморни стапала

Како од различни планети дојдени

Та по грешка на иста точка сме се нашле

Од која се оддалечуваме

Без да знаеме каде сме кинисале

Ти

И јас

Во овој циркус

Во овој толку тажен циркус се ловиме

Потајно молејќи се да не се најдеме

И умешно сите околу нас ги забавуваме

Опкружени со празни флаши вино

И отпечатоци од накарминисани усни на чашите

Лебдиме во чад од цигари

Притиснати од музика која не ја слушаме

Ама знаеме дека ни пречи за да се чуеме

Еден со друг се подбиваме

Напразно отворајќи ги усните

Демек нешто важно си зборуваме

Без никаков смисол во сета таа игра

Ти

Во овој тажен циркус

Ти жонглираш со моето срце

А јас

Јас се обидувам од душава

Зајаци и гулаби да извлечам

Оти публиката така бара

Од нас некаква магија се очекува

А ние

Ние двајцата како улави аплауз чекаме

Од една обична толпа на која ништо не и’ значи

Ниту ако го испуштиш од раце срцево мое

Ниту ако од душава некој мртовец извадам

Ти и јас

Во овој циркус одамна сме

И се’ поретко деца доаѓаат за да не’ гледаат

А и тромави стануваме

Како безволно да се движиме

Под силно светло од кое лицата ни светат

И старечките пеги на рацете ни се гледаат

Како во арена да сме

Во која само еден од нас жив ќе излезе

И нема ниту да го памети другиот

Во овој циркус од живот кој го живееме

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска