,

Виктор Новаковски: Училиштето „Нова“ одбележува јубилеј од 20 години и продолжуваме да се надградуваме

Меѓународното училиште „Нова“ неодамна на голема прослава го одбележа јубилејот од две децении, а по тој повод поразговаравме со директорот на оваа образовната институција, Виктор Новаковски. Патот кој го имаат изодено за да стигнат до оваа точка не бил едноставен, но упорноста и подготвеноста да превземаат ризици се дел од нивната работна философија. Досега низ училиштето поминале околу 5000 ученици,  а во моментов во „Нова“ учат деца од 45 различни земји низ целиот свет. Годинава меѓународното училиште „Нова“ одбележува голем јубилеј – 20 години постоење. Кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте во изминатите две децении? Зреењето на нашиот идентитет, од мало приватно училиште со 40 средношколци, до етаблирано меѓународно училиште со 760 ученици од 45 земји беше исполнето со предизвици. Благодарение на таквите предизвици ние израснавме во заедницата којашто сме денес. Во првите години од нашето постоење бевме изложени на чести потценувања, како приватна установа наспроти дотогаш докажаниот систем на државни училишта. Нашите заложби за градење на инклузивна заедница, во периодот на етничка нетолеранција и бројните конфликти во и надвор од границите на нашата држава претставуваше сериозен предизвик. Нашата репутација како сериозна академска институција создаде потреба да ги балансираме академските амбиции на нашите членови со други еднакво вредни образовни процеси, какви што се карактерното образование, социјалната и емотивна добросостојба, учеството во спортските и воншколски активности и свесноста за и помагање на пошироката заедница. Конечно, секојдневен предизвик ни е да ги препознаеме бројните индивидуални потреби на секој ученик, вклучително и оние на ранливите групи и на учениците со посебни потреби. Сметам дека ваквата инклузивност не прави вистинска заедница, место каде сите се чувствуваме подеднакво вредно. Гимназијата „Нова“ од нејзиното отворање е синоним за образовна установа која уште од самиот почеток на средното училиште успешно ги подготвува средношколците за понатамошното универзитетско образование. Која е формулата, начинот на кој  го постигнувате тоа? Многу едноставно, формулата е грижата кон членовите и нашата континуирана поддршка кон нив. Според мене, секој успех во животот ја следи оваа формула! Грижата кон ученикот значи повеќе од професионална обврска и сведочи за желба за човечко поврзување.  Тогаш ученикот многу лесно ни возвраќа со чувство на припадност кон нашата заедница. Му помагаме на ученикот да создаде основа од вештини кои се предуслов за сиот понатамошен академски успех: критичкото читање и пишување, вештото комуницирање и квантитативното резонирање. И сето тоа преку наставни програми кои што еднакво ја третираат практична примена и теоријата. Колегите во „Нова“ следат слични педагошки практики и се надополнуваат во поддршка на гореспоменатите вештини, во контекст на своите области. Покрај домашната образовна акредитација, гимназијата „Нова“ поседува и американска и меѓународна акредитација, што ја обврзува институцијата дополнително да почитува и одредени меѓународни стандарди. По што се разликуваат тие стандарди од домашните и колку е тешко да се исполнат?       Како член на еден меѓународен одбор за акредитација бев дел од дваесетина посети на училишта во четири земји, а помал дел од посетите и ги предводев. „Нова“ е акредитирана од страна на комисијата за основни и средни училишта при асоцијацијата на средните американски држави (Мидл Стејтс). Ние сме членка на организацијата за меѓународна матура и на американскиот Колеџборд. Поддржани сме од американскиот Стејт Департмент и членка сме на асоцијацијата на меѓународни училишта од централна и источна Европа. Верификувани сме од Минстерството за образование и наука и од Министерството за труд и социјална политика. Стандардите за воспоставување одговорен образовен процес и обезбедување на соодветни услови за поддршка на членовите на секоја заедница, сеедно дали стандардите се наши или меѓународни, не се едноставни да се постигнат, а уште помалку да се одржат на подолг рок. Вредноста на меѓународната акредитација е во потенцирање на индивидуална поддршка кон потребите на секој ученик.  Наставникот има повеќе дијагностички алатки на располагање преку кои може да го мери ефектот на своите заложби, да планира индивидуален приод, и да го следи развојот на ученикот. Тоа не значи дека детето ќе се развива изолирано. Напротив, индивидуализираната настава која е мошне изразена во меѓународните модели,  поттикнува на здрава и безбедна социјална средина и се смета за предуслов во постигнување на академски успех. Дел од наставниот кадар се странци, професионалци докажани во своите земји кои поради работата во „Нова“ се преселија во Македонија. Што ги мотивира професорите да ги напуштат своите земји и да почнат да работат во „Нова“ и кои се основните критериуми според кои ја вршите нивната селекција?   Странскиот наставен кадар често и нема преголемо искуство од сопствената земја, но затоа пак има работно искуство во меѓународни образовни институции низ целиот свет. За нас е важно едукаторот да демонстрира успешност надвор од рамките на сопствениот систем и земја, да умее да се грижи за учениците и заедниците надвор од сопствените национални граници. Јас ги проверувам препораките на секој финално селектиран кандидат, во последните пет години од нивното работење, со цел да разберам дали е тоа така. Училиштето „Нова“ може да се пофали дека има ученици од повеќе од 45 нации во светот. Едноставно ли е да се спроведе образовната програма, но и да се градат вредностите што ги негувате во училиштето кога имате мешавина на толку различни култури? Всушност и нема избор освен да градиме образовен процес околу вредностите кои што се универзално прифатени. Тие ни ја даваат нашата најголемата сила и легитимност. Љубопитноста, истрајноста, подавањето рака, соработката, негувањето на храбри стремежи, креативноста, одговорноста, дарежливоста, критичноста, практичноста, сочуствителноста, ранливоста и истражувачкиот дух се сите вредности врз кои би можеле правилно да го градиме граѓанството на многу идни општества. Во сите хетерогени заедници постои спротиставеност и конфликт и тоа во „Нова“ го прифаќаме со раширени раце како можност да научиме нешто повеќе, за себеси и другиот и тоа на многу автентичен начин. На нашите ученици им овозможуваме да грешат, но и очекуваме да ја разберат грешката и да понесат сопствена одговорност. Конфликтите и грешките се моќен учител. Неодамна се сретнав со човек кој сметаше дека не да му доликува на нашето училиште да се поистовети со грешките на еден свој ученик. Јас помалку размислував за нашата репутација, а повеќе за исправноста на нашите следни чекори.  Сметав јавноста ќе ја разбере нашата вредност единствено преку процесот на поддршка, и изведување на членовите на прав пат, а не преку создавање или бранење на некакви перцепции за безгрешност. Голем интерес меѓу основците секоја година предизвикува програмата за стипендирање „Борис Трајковски“ преку која може да се добие целосна четиригодишна стипендија за гимназијата „Нова“. Колку стипендисти досега сте имале преку оваа програма и што покажуваат резултатите кои тие ги постигнуваат во „Нова“?      Четириесет и пет ученици ја имаат добиено оваа стипендија во последните 15 години од оваа програма, што и не е голем број ако се земе предвид дека безмалку 5000 ученици го имаат завршено своето гимназиско образование во „Нова“. Програмата е селективна бидеќи покрај академските опфаќа и други индивидални вредности кои кандидатите треба да ги покажат преку влезните тестови и интервјуа. Следниот предизвик на програмата за стипендирање „Борис Трајковски“ е да ја трансформираме нејзината селективност, од претежно фокусирана кон академскиот дел, кон вредностите на нашиот претседател, вклучително и дарежливоста, соработката, меѓусебната почит и помошта кон заедницата. Планираме да организираме дополнителен ден со кандидатите од вториот круг каде во помали групи тие ќе треба да соработуваат, креираат, да си помагаат, и да го вежбаат своето автентично лидерство. Истовремено се надеваме и дека ќе обезбедиме дополнителни средства за оние надвор од главниот град, со што би ги поддржале во целта да учат во Скопје и „Нова“. Многу голем процент од средношколците од „Нова“ го продолжуваат своето високо образование на престижни универзитети во странство. На кои светски универзитети студирале или студираат ученици од „Нова“? Колку образованието што го стекнале кај вас им помага да стигнат до таму?       Секако дека успехот на нашите ученици е подеднакво нивен и дека ги поддржуваме најдобро што умееме. Но тука и ќе се откажам од очекуваниот маркетинг со имињата на престижните институции кадешто се запишуваат нашите ученици.  Колку и да е тоа признание за успехот на дел од нашата популација, истовремено може да засени безброј подвизи на ученици коишто го немаат обезбедено звучното факултетско име, но кои се имаат самоостварено и надминато, и кои подоцна, гледано низ призмата на работните места на нашите 20 генерации се подеднакво успешни како и своите поизвикани соученици. Во „Нова“ сме подеднакво горди на сите достигнувања, колку и да се чинат тие мали или големи во очите на јавноста. Ваквиот пристап ни овозможува поголема сплотеност, а се надевам дека и во иднина ќе умееме да се грижиме и подеднакво да ги поддржиме сите наши членови да си го пронајдат сопствениот пат и да си го испишат сопственото патешествие. Какви се плановите за развој на гимназијата „Нова“ во иднина? Во поблиската иднина ни следува предизвикот на справување со листите на чекање за упис во „Нова“, коишто веќе постојат во повеќето групи од предучилишна до гимназиска возраст, бидејќи сегашните бројки на ученици се блиску до нашиот капацитет. На среден рок се обидуваме да обезбедиме дополнителни содржини на нашиот кампус: спортска сала, простории за креативно и иновативно учење и простории за поголем број уметности. Акцент ставаме на професионалното известување за работењето кон нашите фамилии, без потребата од формални оцени, на начин каде и детето и фамилијата разбираат што е совладано и заеднички учествуваат во планот на тоа што следи. Се обидуваме да ги воведеме родителите во образовниот процес на нивните деца, преку практичноста на наставната програма и преку нивното континуирано вклучување. Истовремено ги поддржуваме нашите наставници да продолжат да се усовршуваат и да применуваат современи воспитно-образовни практики. И конечно, поминуваме многу време филтрирајки талентирани наставници, како од нашата така и од другите земји, кои би се надоврзале на нашите напори за подобра поддршка на нашите ученици и подеднакво би се грижеле за нашата заедница, како и сите ние досега.