ЕКСКЛУЗИВНО: 170.000 евра за настан во чест на Тоше и за концерти на „Авалон“

Министерството за култура ќе го поддржи и гостувањето на култниот јапонски композитор Руичи Сакамото со 16.000 евра.  Речиси 100.000 евра (6 милиони денари) Министерството за култура одобри за јубилејните концерти во Скопје и Охрид на „Авалон продукција“ која годинава слави 25 години од своето постоење. Од „Авалон“ најавија историска година за Македонија со ексклузивни концертни спектакли со ѕвезди од сите области на музиката, а дел од овие настани ќе бидат потпомогнати со народни пари. Над 70.000 евра (4,5 милиони денари) државата одобри за настанот „Деценија без Тоше“. Министерството за култура денеска го објави списокот со проекти од национален интерес во културата за 2018 година. Од областа на музичката и музичко-сценската дејност, вон националните установи,  најмногу средства се одвоени токму за проектот, „25 години Авалон продукција“ и за шоуто во чест на легендарниот пејач и автор Тоше Проески кое ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“. Со 1 милион денари Министерството за култура ќе го поддржи гостувањето на култниот јапонски композитор Руичи Сакамото Според објавените резултати од годишниот конкурс, со 16.000 евра (1 милион денари) Министерството за култура ќе го поддржи и гостувањето во Скопје на култниот јапонски композитор Руичи Сакамото за кој учесникот на конкурсот – „Мјузик инкубатор“ за овој настан првично побарал преку 4,5 милиони денари. По 1 милион денари Министерството одобри за фестивалот „Таксират“ кој со низа концертни настани годинава го одбележува јубилејното 20-то издание, како и за штипскиот фестивал „Макфест“. Од „Пасворд продакшн“ побарале околу 80.000 евра за дојранскиот „Д фестивал“, но Министерството им одобрило 6.500 евра. Идентична сума е предвидена и за фестивалот на детски и забавни мелодии „Бум фест“. Комисијата била многу подарежлива за фестивалот „Џез фест“ во Тетово за која одобрила скоро 25.000 евра. Над 10.000 евра треба да бидат исплатени на сметката на Здружението „Амадеус Мозарт“ од Гостивар за организација на „Гос фест 2018“. На листата е и радиото „Канал 77“ на кој му се одобрени 8.000 евра за „Радиски рок џез фестивал“. Народни пари за Трпчевски, Дуке Бојаџиев, „ПМГ рекордингс“. Државата ќе одвои 500.000 денари за македонската премиера на проектот „Македонисимо“ на нашиот светски познат пијанист Симон Трпчевски. Идентична сума е одобрена и за Европското првенство во стрит шоу и за Светскиот куп во Хип Хоп и диско денс. Од 200.000 до 500.000 денари Министерството за култура одобри и за музички хепенинзи во внатрешноста, меѓу кои е и фестивалот „Џој фест“ во Крива Паланка. Со 200.000 денари Министерството ќе партиципира и во буџетот за целовечерниот концерт на нашиот композитор и продуцент со интернационална кариера, Дуке Бојаџиев, во Македонска филхармонија. Идентична сума за концерти на истата локација им е одобрена и на браќата Тавитијан, но и на Влатко Стефановски за веќе најавениот промотивен концерт на 17 март на кој ќе го претстави материјалот од албумот „Мајчин јазик“. Државата одвои 200.000 денари за уште еден јубилеј, 20 години „ПМГ рекордингс“ кој ќе се слави во МКЦ. Толкава сума е одвоена и за детскиот фестивал „Златно славејче“. Речиси 15.000 евра ќе бидат уплатени на сметката на Сојузот на албански артисти „АРТ Тетово“ за проектот „Запознавајќи ги нашите вредности“. Предлозите во музичко и музичко - сценска дејност ги разгледуваше Комисија во состав: Васо Ристов (претседател), Маријана Николовска (член) и Рами Мустафа (член). Од Министерството за култура информираат дека многу културни манифестации и истакнати уметници, кои со години биле игнорирани, првпат влегуваат во програмата или за првпат добиваат достоинствена поддршка. За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов