Интервју Фрајле: Тоше заслужува неговите песни да живеат

Интервју Фрајле

Четири прекрасни девојки од Приштина, Сомбор и Нови Сад се споија и го создадоа брендот Фрајле. Бренд кој музиката ја донесе на едно поинакво, различно и за нив препознатливо ниво. Со својата музика, ја шират својата позитивна енергија како убав вирус каде и да одат.

Марија Мирковиќ, Наташа Михајловиќ, како и сестрите Јелена и Невена Буча се фасцинантен музички спој кој ужива во настапите, пријателството, заедничките настани и патувања. Автентични и различни, својот сценски настап секогаш го спојуваат со барски столици и акустична гитара.

Денес за Женски Магазин, споделуваат како се мотивираат, како функционираат, кога се споија, но и како ја освојуваат публиката.

Женски Магазин Имам впечаток дека позитивната енергија е секогаш присутна во вашиот бенд. Што беше пресудно да се споите? Кој беше иницијаторот да се роди бендот?

Фрајле Љубовта кон музиката, истите амбиции и соништа! Ние првенствено сме пријателки и сестри, а дури потоа колешки. Марија се вљуби во едно момче на море, па, за да го види повторно, не повикуваше на помош да свириме со неа и така да одиме на море! Тогаш ние имавме наши бендови, но го прифативме предизвикот! Од таа љубов не бидна ништо, но затоа бендот е тоа што е.

Женски Магазин Кои се вредностите кои ги делите како група? Постои ли нешто што ве мотивира заеднички, освен музиката?

Фрајле Имаме исти културолошки, морални и човечки вредности. Потекнуваме од слични работнички семејства, па воспитувањето и ставовите кои ни се всадени, многу ни се слични. Сакаме кога се забавуваме и кога се смееме.

Женски Магазин На вашите песни, женска публика реагира со задоволство. Ова секако не значи дека ги исклучуваме мажите. Какви се вашите впечатоци, како публиката најлесно ве препознава?

Фрајле Ние имаме публика од 0 до 107. Од бебиња до баби и дедовци. Навистина е така. Онаму каде доаѓаат жени, таму се и мажите. Се пронаоѓаат во нашите песни во кои на духовит начин ги опишуваме љубовните проблеми, среќата, тагата, радоста, сè со доза на хумор. Во тоа се пронаоѓаат сите. Тоа е една голема љубов и искреност, која постои меѓу нас и нашата публика.

Женски Магазин Вашите песни ги препеавте на француски, јапонски, шпански. Како публиката ги доживува песните кога ги пеете на друг јазик? Дали реакциите остануваат исти?

Фрајле Сензибилитетот на песните се поклопува со сензибилетот на јазикот. Англиски, шпански, италијански, француски, јапонски, засега… За понатаму, ќе продолжиме да го вртиме глобусот, па во која земја ќе одиме…

Што се однесува до публиката, тие ја чувствуваат секоја песна, па дури и тогаш кога не го разбираат текстот, ја чувствуваат музиката. Свиревме пред странци, ние, пееме и на седум јазици, а коментарите се фантастични. Сите го разбираат тој универзален јазик на љубовта.

Женски Магазин Дали изборот на „Во коси да ти спијам“, беше смислен за да ја освоите публиката во Македонија?

Фрајле Песната ја знаеме од кога се појави. Многу ни е жал што не го запознавме Тоше, беше извонреден уметник. Наш избор беше таа песна. Сите четири многу го сакаме Тоше, па затоа и сакавме да имаме нешто од него во нашиот репертоар. Тие песни заслужуваат да живеат.

Женски Магазин Која беше формулата за вашиот успех?

Фрајле Љубовта кон музиката, многу работа, упорност и истрајност во сè она што си го зацртавме, превенствено на нас како тим. Откажувањето никогаш не ни беше опција.

Женски Магазин Што ве инспирира?

Фрајле Нови луѓе, градови, патувања, нова енергија. Покрај сè, љубовта е нашиот главен мотив.

Женски Магазин Каква музика сакате да слушате приватно?

Фрајле Приватно сакаме да сме во тек со она што го прават нашите колеги, нивните нови песни. Ја следиме и домашната, но и светската сцена. Во нашиот фрајломобил“ ги слушаме локалните радија.

Женски Магазин Дали подготвувате изненадување за публиката на својот настап сега во Македонија?

Фрајле Нам секој концерт ни е различен, спонтан. Ние комуницираме со публиката, па така секој настап е изненадување, дури и за нас. Промоцијата на нашиот нов албум е во тек, активно ги свириме новите песни. Нормално, тука се и старите, но и преработките, како и приказните од сите наши патувања. Четири жени на сцена, не можат да молчат, па дури ни помеѓу песните.

Женски Магазин По што ќе ја паметите 2017?

Фрајле По големиот број концерти, новиот албум „Љубав на дар“, по преубавите патувања.

Женски Мгазин Која е вашата визија за 2018?

Фрајле И таа ќе биде работна. Посакуваме патувања на долги дестинации, многу преубави концерти. И може еден авион со Фрајле Аирлајнс“, за побрзо да стасаме до сите дестинации.

Женски Магазин За крај, која е вашата порака до македонските фанови?

Фрајле Обожуваме кога сме тука. Секогаш. Се радуваме на секоја средба со вас. Среќна Нова 2018. Ви посакуваме многу љубов, прекрасни патувања, насмевки, сончеви денови, да уживате во прекрасна музика и да го живеете животот со полни бели дробови.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска

Фото Наташа Кукиќ