КОЛКУ ПАРИ, ТОЛКУ МУЗИКА ЗА НАЈЛУДАТА НОЌ: Скромно на улица, отмено во театар

Спектакуларните новогодишни прослави на градските плоштади на кои нè навикна претходната владејачка гарнитура се минато. Бесплатните забави кои редовно се организираа за најлудата ноќ се сведени на минимум, а парите ќе бидат пренаменети, според најавите, најмногу во хуманитарни цели. И додека едни коментираат дека станува збор за популистички мерки, други сметаат дека ваквите потези на општините се реален одраз на општеството во кое живееме.  Импровизирана бина во Центар, пристоен избор за фановите на електронска музика Во метрополата масовно ќе се слави под отворено небо само во Центар. Градоначалникот Саша Богдановиќ порача дека средствата се обезбедени преку спонзорства. На импровизирана бина на „Сквер Јадран“ ќе настапат Тамара Тодевска, Кристина Арнаудова,  дуото „Некст тајм“ и групата „Ај Кју“. На другата страна на Вардар, уште неколку нивни колеги 2018 година ќе ја дочекаат работно, но нив ќе можете да ги гледате само доколку одвоите од 1.600 до 2.000 денари. Македонскиот народен театар ја продолжува традицијата со новогодишни шоуа, а овојпат настанот е насловен „МНТ Супернова 2018, соѕвездие на добрата забава!“. Организаторот кани на една поинаква Нова година со многу смеа, рокенрол и ретро за добро расположение. На иста сцена ќе настапат актерот Сашко Коцев, Бени Шаќири и „Нонстоп“, Биба Додева со својот бенд, Александар Митевски, „Дамир Имери бенд“ и легендарниот радиоводител и диџеј Драган Б. Костиќ. Скопје и годинава нуди пристоен избор за фановите на електронскиот звук. Во Младинскиот културен центар повеќе од 1.500 „журкаџии“ ќе уживаат во богата фестивалска програма. - На два подиума ќе настапат реномирани домашни и странски артисти, 21 на број. Двајцата најуспешни македонски и светски деко-артисти ќе го дизајнираат и украсат целиот простор – информираат од МКЦ. Новогодишен аудио-визуелен перформанс е најавен и во малата сала на „Борис Трајковски“ во организација на „Сан продакшн“. - На менито имаме навистина специјален гостин, владетелот на моќниот психоделичен транс, израелскиот виртуоз U-Recken. Ќе уживаме и во еден од најдобрите транс-проекти со неодолива фузија на мелодии, Tropical Bleyage, но и во македонскиот амбасадор на светската транс-сцена, Spirit Architect – порачува организаторот. Приредби со локални музичари Во останатите македонски градови, меѓу ретките организирани прослави на плоштад ќе биде оној во Кавадарци. Општината најави скромно шоу со локални музичари. Програмата ќе ја води актерот Диме Коцевски, а во музичкиот дел ќе настапат Александра Михова и бендовите „Трилоџи“, „Лексикон“ и „Бадасал“. Во Дојран е предвидена само предновогодишнa програма. На 29 декември, петта година по ред во градскиот парк во Нов Дојран ќе се реализира шоуто „Новогодишна бајка“. Гости ќе бидат нашата претставничка на неодамна одржаната „Детска Евровизија“, Мина Блажев, и Виктор Апостоловски. Настанот во кој е предвидено да партиципираат стотина деца ќе го води Ели Танасковска. Скромна прослава за различни вкусови најави и новата локална власт во Битола. Ќе настапат битолски музичари и аниматори, ќе има детски претстави и други перформанси. Ќе се слави и во Охрид, но на официјалниот сајт на Општината сè уште нема детали за шоуто. Од новогодишна претстава се откажа градоначалникот на Крушево, а парите ќе се искористат за патна инфраструктура. Организирани прослави нема да има ниту во Прилеп и Струмица.  Поп-пејачите без ангажман Со семејството и пријателите 2018 година ќе ја дочекаат повеќето поп-пејачи кои низ годините ретко остануваа без ангажман на 31 декември. Новогодишна „тезга“ не договорија Каролина Гочева и Елена Ристеска, а се немаат огласено ниту Калиопи и Владо Јаневски. - Сè уште немам ништо договорено. Ако не пеам, ќе славам со моето друштво на планина или во последен момент ќе отпатуваме некаде подалеку – ни изјави Ристеска. Од домашната поп-сцена веројатно ќе заработат само оние што редовно имаат „тезги“. Димитар Андоновски со „Тајфата“ ќе ги забавува прилепчани, а Александар Белов е ангажиран во познат скопски клуб. За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов