УТРИНСКО КАФЕ СО РЕЖИСЕРОТ КУЗМАН КУЗМАНОВСКИ: РАДОСТ МИ НОСАТ СИНОВИТЕ И СОПРУГАТА

Освен кафе, рано изутрина скришно и внимателно, да не случајно ги разбудиме децата, пиеме лимонада без шеќер со мојата сопруга со која веќе 13 години сме заколнати на интересност. Радоста што ми ја носат трите сина и сопругата ми овозможува да најдам љубов и во дождот, сонцето, умните деца, пријателите, арните луѓе, атерирањето на нови идеи во мојата глава, по некоја поплава во подрумот каде што снимаме тон, шампита во Малага, точено пиво, виски со една коцка мраз, ајвар, Џенис Џоплин на слушалки… Луѓето кои ме познаваат знаат да кажат дури и да ме скараат (особено мајка ми) со зборовите: „Ова вашево е како воз без станица“; „Како што си наоѓате работа така да си најдете и време за одмор…“ Но, како можеме да запреме кога во „Тинтири – Минтири“ не чекаат насмеани и ведри лица кои исто како нас едвај чекаат да си „играме филм“, да се наместат и да одглумат како вешти професионалци и во крупен план исто како и во тотал, да смислат сценарио и заедно да се радуваме на невообичаените преврти… Тој реверзибилен процес на размена на позитивни емоции не може да се спореди со ништо на Светот. Во таа квалитетна дружба сериозно е вклучено целото мое семејство и сите сме среќни и насмеани како после петка по математика. (барем така ми изгледа) Околу 21 часот почнуваме да долетуваме во гнездото, поголемите синови од клавир или час по германски, ние од часови во Тинтири Минтири или некој состанок, најмалиот син од игротека раскажуваме кој што интересно доживеал во текот на денот и заспиваме со мирис темјан и молитва… Филмови никогаш доста, најголемиот син кому пубертетот не му дозволува да заспие на време ги симнува од интернет и кога другите ќе заспијат „одработуваме трета смена“ затоа со Чехов трпеливо се чекаме да се потсетиме еден на друг.