Утринско кафе со Славица „Цаци“ Ставревска: Утрото ми е најубаво

Колку и да сакам денот да ми започне малку подоцна, ништо од тоа. Без разлика дали е работен ден или викенд, станувам во 05:00 и да се разбереме, воопшто не се жалам, бидејќи утрото ми е најубав дел од денот.

Влегувам под туш, си го подготвувам протеинскиот шејк и седнувам да видам што сум пропуштила од настаните кои се случиле додека сум спиела. Како радио водител, сметам дека треба да бидам информирана буквало за сѐ што се случува, па затоа емисијата која редовно ја подготвувам во попладневните часови, ја довршувам наутро. Е, потоа следува најтешкиот дел…будење на мојата ќерка, која за разлика од мене, има проблеми со станувањето. Откако ќе се молиме некои 15-тина минути, потоа е се полесно. Таа заминува на училиште, а јас на работа, каде го пијам првото утринско кафе или какао и со нетрпение (иако 25 години сум во етерот), но верувајте со нетрпение ги очекувам моите 180 минути на Сити. Имаме одлична дружба од 10:00 до 13:00 во Сити Кафе, каде си пиеме кафе, си појадуваме со слушателите, слушате добра музика и си муабетите за разно разни работи.

По завршувањето на емисијата, најчесто одам на тренинг во Форма Витале или пак на кафе со оние кои си ги сакам најмногу на целиот свет, за веќе во 15:00 да бидам дома, да спремам ручек и да ја пречекам Лена од училиште.

Попладнето ми е комплетно посветено на неа (иако кутри деца и немаат многу слободно време поради обврските на училиште), па таа си ги завршува домашните задачи, јас ја подготвувам емисијата за следниот ден, но секогаш знаеме да си најдеме време за нас две…обожаваме да си направиме домашно кино, со пуканки и со сѐ што е потребно за гледање на еден филм, а тука ни се и домашните миленичиња, Клои нашата мачка и Симона папагалот со кои дружбата секогаш ни е незаборавна.

Бидејќи денот ми стартува многу рано, во кревет сум најдоцна во 22:00, а некогаш со Лена знаеме да си легнеме и пред кокошките 

За викенд е друга приказната…прошетки на Кеј, Водно, повеќе дружења со пријателите…или кратко и јасно, уживање во малите нешта кои го прават животот поубав.