Ана Бунтеска: И после сѐ

И после сѐ

Што ќе дојде и помине 

И после сѐ 

Што ќе намине и одмине

Ќе останат само оние

Кои грбот ти го чуваат

И кои столб ќе ти бидат

Тие кои знаат како да те љубат

Без во суети да те губат

И после сѐ

После сите подеми и падови

Крвави колена и рани превиени

После сите болки и модринки

Ќе остане таа шака луѓе

Чиј збор иљач ти е

И чија рака силна е

За да те додржи тогаш кога треба

Да ти бидат тука и лете и зиме

Кога времето над тебе ќе се стуши

И кога удолу душата ти оди

И после сѐ

После сите победи и порази

Кога клечиш на земја

Тие ќе те кренат

И кога во облаци ќе леташ

Тука ќе се за да те спуштат

За да не треснеш силно долу

Да те поштедат од неуспех

Да ти се радуваат на успехот

Оти ништо друго не останува

И ништо друго не вреди

Ако после сѐ

Ги немаш тие алтан луѓе до себе

Во кои со две раце се крстиш

Оти се големи како небото

И поголеми од надежта

Кои те љубат и тогаш

Кога за себе љубов немаш

И на кои убав си им

И тогаш кога себеси не можеш

Во огледало да се гледаш

Да ни се живи и здрави

Душите со кои нашата сродност нашла

И кои останале тука

Секогаш...и после сѐ


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска