Тамара Мартиновска тренер по тенис, која живее и работи во Хонг Конг: Во овој град го открив луксузот на мојата професија

Тенисот е најголема љубов на скопјанката Тамара Мартиновска (39). Била јуниорски државен првак во повеќе категории, ја претставувала нашата држава во таа категорија подолго време. Тренер по тенис е повеќе од 10 години, работела во неколку скопски клубови, член е на Тениската Федерација на СРМ. 

Во Јуни 2021 година добила понуда да работи за Tipsarevic Tennis Academy во Малдиви, каде престојувала околу две години.

- Работев сезонски во два луксузни ресорта, каде академијата имаше договор. По две години островски живот и сезонска работа, решив дека ми е потребна промена. По препорака на мој многу близок другар и колега од тенисот кој веќе извесен период беше заминат да работи и живее во Хонг Конг, почнав преговори со неговата академија и еве ме од месец септември 2023 година живеам и работам во Хонг Конг како senior coach во ATA Tennis Aces Academy. – вели Мартиновска на почетокот од нашиот разговор.

ЖМ: Која беше причината што не ја продолживте својата успешна кариера како тенисерка, а потоа како тренер и решивте вашето знаење за тенисот да го претставите прво на Малдиви, а сега во Хонкг Конг?

- Во последните години од мојата играчка кариера женскиот тенис во Македонија беше во многу незавидна состојба, скоро и да немаше женски играчи. Тешко се пополнуваше ждребот и многу поретко се одржуваа турнири. Опцијата беше да заминам во Америка на колеџ, каде и добив стипендија, но сепак одлучив да останам во Македонија, најмногу поради моите родители. Друга причина која влијаеше на одлуката за продолжување на кариерата беше секако финансискиот дел, спонзори многу тешко се наоѓаа, а тоа што го имав како спонзорство беше премалку во однос на потребите.

ЖМ: Како се прилагодивте на животот во Хонг Конг, едно од најгусто населените места на светот, на големиот метеж и раздвиженост?

- Почетокот беше доста тежок морам да признаам, градот е доста голем и има 7.5 милиони жители. За разлика од дома, а и од Малдиви, овде сѐ мора добро да се испланира бидејќи за сѐ ти е потребно подолго време. Исто така има доста културни разлики бидејќи Хонг Конг е кинески град кој во моментов е независна административна провинција на Кина. Сепак овде преовладува кинеската култура, иако има и доста странци кои живеат и работат. Ми беа потребни три до четири месеци за прилагодување, сега можам да кажам дека станува сѐ подобро и подобро, сѐ е одлично организирано и функционира беспрекорно, на што искрено, не ти е потребно долго време да се навикнеш. 

ЖМ: Малдиви беше сосема поинаква приказна. Која е разликата таму и сега?

-Малдиви е прекрасна туристичка дестинација, рај опкружен со тиркизна вода, палми и многу богат воден свет. Островска држава составена од 1.200 мали острови на кои живеењето е убаво, сите се опуштени и никој никаде не се брза. Таму научив да ги гледам нештата на еден поинаков начин, со една поинаква динамика. Ми беше голем предизвик повеќе да се осознаам себеси бидејќи, природата таму ја дава таа спиритуална нота која искрено ми беше потребна како промена од градскиот живот од претходно. Одлично искуство, пресреќна сум за таа можност и искрено доста ми недостасува. Но, сепак по две години одлучив дека е доволно и дека ми е потребна друга динамика, која најверојатно повеќе одговара на мојот карактер. За Хонг Конг не знаев многу од претходно, но за среќа имав можност прво да дојдам на посета кај мојот другар и да видам и осознаам од него, што искрено доста ми помогна во одлуката, а и во адаптацијата понатаму. 

ЖМ: Кои се предностите и убавините на градот?

- Хонг Конг е еден уникатен град кој нуди доста можности и квалитетен живот. Тој е финансискиот центар на Азија и еден од најскапите градови во светот. И изгледот на градот е магичен. Некаде прочитав, ќе цитирам „Хонг Конг е како Њу Јорк и Хаваи да направиле дете.“ Толку е густо населено, со толку облакодери и висококатници со повеќе од 100 ката, а сепак има толку зеленило и природа насекаде. Излегува на море, има одлични плажи, кампови, острва наоколу, а и доста убави патеки за пешачење, што е многу популарно овде. Јавниот превоз е одлично организиран и не е скап, храната е вкусна, има одличен ноќен живот и достапни се буквално сите активности кои ќе ви паднат на памет.

ЖМ: Познат е по изградбата на исклучително мали, но функционални станови. Во кој дел живеете вие?

- Да, становите се доста мали, бидејќи просторот им е ограничен и затоа одат во висина. Ова е најчесто на островскиот дел, каде е всушност центарот на градот и сите најголеми случувања се таму. Живеам во земскиот дел на Хонг Конг, во понова населба. Градот доста се шири бидејќи има повеќе од 7.5 милиони жители. Во нашата населба за среќа становите се поголеми, скоро нормални како кај нас. Локацијата ја одбрав поради близината до работа. 

ЖМ: Типично за тамошниот народ е воркохолизмот и претераната енергија. Колку часа ви трае работниот ден,кои работни обврски ги извршувате?

- Да, вистина, овде се работи од наутро до вечер, што исто така ми беше тешко за прилагодување. Сега откако видов кои бенефити и квалитет на живот ми ги обезбедува работата, повеќе не ни размислувам за тоа. Работам во просек по 6 часа во денот, но обврските ми се распределени преку целиот ден, часовите не се во конзистентност, бидејќи децата се на училиште, возрасните на работа, па мора да се прилагодуваме на нивните барања. Некои денови работам и по 9 часа, но избегнувам колку можам, сепак е физички напор. Преку ден и во утринските часови работам како тренер во најдоброто интернацинално училиште, со децата кои посетуваат основно и средно образование таму. Во попладневните и вечерните часови работам на терените во резиденцијата каде живеам, најчесто со деца и возрасни. Овие локации се под менаџмент на мојата компанија за која работам.

ЖМ: Колку таму луѓето се заинтересирани за спортот, поточно за тенисот? Постојат ли тенденции кај одредени родители нивните деца од мала возраст да се занимаваат со тенис, со оглед на фактот што многу од нив се и финансиски потковани?

- Тенисот е многу популарен спорт овде. Родителите имаат амбиции да ги запишуваат децата на спорт од многу мала возраст. Генерално овде на децата им се задаваат доста обврски и активности во текот на денот, најчесто образовни и спортски. На локациите во градот каде ние работиме и каде тенисот е популарен најчесто живеат добро ситуирани луѓе кои се наши клиенти, бидејќи тенисот е скап спорт. Низ градот има и многу јавни игралишта кои секогаш се полни со луѓе кои играат. Генерално, народот е доста активен овде, спортскиот начин на живот е приоритет на населението во Хонг Конг, што мене лично многу ми се допаѓа.

ЖМ: Живеете во град кој се смета за луксуз за туристите, но и за дел од тамошното население. Може ли да се заработи од вашата професија и да се живее убаво?

- Бидејќи тенисот е доста популарен овде, како што веќе кажав, за тренери по тенис има многу работа. Ние овде го имаме луксузот да си дозволиме некогаш и да одбиваме работа поради пребукираност. Нашата професија е доста ценета овде и доколку работиш вредно и клиентите го препознаат твојот квалитет, може да се живее многу убаво и квалитетно. Единствена мана во нашата професија е што се работи секој ден и се нема доволно слободно време за лични задоволства и рутини. Работам 6 дена во неделата. 

ЖМ: Кои се вашите идни планови. Размислувате ли за враќање во Македонија или ве очекува нова дестинација?

- Засега сум овде, договорот ми е на две години. Како поминува времето, животот ми станува сѐ поквалитетен, запознавам нови луѓе кои, како што рековме погоре, се доста прогресивни и енергични, што одлично ми одговара на карактерот. Хонг Конг географски е супер позициониран да може лесно и брзо да се патува наоколу, така што ќе ја искористам приликата да ја истражам Азија малку повеќе. Враќање во Македонија, хммм.

ЖМ: Како ја опишувате состојбата со тенисот во Македонија? Дали финансиите се главната пречка да создадеме врвни тенисери?

-Тенисот во Македонија во моментов е на многу подобро ниво од минатото. Во изминатите 20 години имаше еден голем пад, кој што пред сѐ се должи на целокупната состојба во државата. Финансиите и немањето на доволен број на инфраструктури за развој на тенисот, се причина поради која имаме мала бројка на деца кои го играат овој спорт, а со тоа има мала конкуренција во категориите. А немањето конкурентност сите знаеме дека носи слаб резултат. Немањето на национална тениска академија, во која ќе се развиваат системски и персонализирани програми за деца и тенисери од секогаш било проблем во овој спорт. Сѐ се сведува на приватни клубови и бизниси, во кои секој го гледа својот интерес и профит. Тренерите најчесто работат за тие интереси, а и тие од нас, кои навистина сакаат да дадат повеќе и да се потрудат да го подигнат тенисот на повисоко ниво, најчесто се соочуваат со организациски и финансиски проблеми. Тениската Федерација на СРМ во последниве две години ја подобри состојбата на тенисот во државата, инвестираше во знаењето на тренерите, се направи некоја одредена селекција за компетентноста на тренерите, се организираа комитети за посебни категории и се одржаа многу интернационални турнири за сите категории на деца, мажи и жени. Двапати бевме домаќини на Били Џин Купот за жени, во кој минатата година нашиот тим се пласираше за една светска група погоре.

Соња Алексоска Неделковска