Златна Буба Мара на популарноста-Забавен „притвор“ и заедничко фотографирање за пасоши

27-то издание на Златна Бубамара на популарноста е зад нас. „Денот потоа“ – како што утрово го нарече Јасна Франговска на брановите на Радио Буба Мара, започна мирно и загадено. Кој успеал да се разбуди на време, полека се влечеше кон своето работно место, а сите други среќници кои можат да си поспијат и кои сношти до 01 часот се забавуваа на Буба Мара, ги сонуваа Тамара, Марјана, Драган Мијалковски, Жељко Самарџиќ, Нино Величковски или Рамбо Амадеус. Секој според својот афинитет. 

По 27-ми пат Златна Буба Мара на популарноста го оправда своето постоење и нè потсети дека цела година сме се занимавале со политика и сосема малку сме се посветиле на убавите нешта, како спортот, музиката, театарот …

Во најавите и поканите за годинешното издание на единствената забавна манифестација во Македонија, беше потенцирано дека 22.02.2022 е терминот во кој сите ќе можеме да се фотографираме, смееме и забавуваме со добра музика, хумор и сатира. Редно е да ставиме ред. Во холот на СЦ Борис Трајковски секој можеше да се фотографира со голем образец на лична карта, само ако ја стави главата на соодветното место. И ако некој кликне и го фотографира. 

Со директна алузија на проблемите со вадењето на новите документи, кои со месеци ги имаат граѓаните на нашата земја. На седиштата вода и хартиени марамчиња. Веројатно за плачковците. Или за оние што плачат од смеење.

Прекрасна публика. Дотерани дами и господа, подготвени за нова маратонска забава. А2 и Б2 дел со донесени конференциски црвени столчиња, во кои полека се сместуваат многу ѕвезди и ѕвездички од јавниот живот. Д-р Миодраг Врчаковски со сопругата Софија, Ванчо Димитров, Перо Антиќ, Марјана Станојковска, Иџе Стефановски, Мики и Светле Црнокрак, Кире Лазаров, Кармен Костова, Снежана Георгиевска, Наум и Зуица, Горан и Ленче … Политичарите се горе на трибината, десно од сцената. Таму им е и местото … Одлична сценографија, осветлување, сè е подготвено и за ТВ снимањето. Зашто без снимка на телевизија, Буба Мара како и да не се одржала … Тоа одлично го знае Ранко и неговиот тим и затоа секоја година најголема енергија и пари трошат токму на видео и аудио дизајнот на целиот настан.
Со само 20 минутно доцнење, околу 20 часот и 20 минути, пред преполната сала, започнува Шоуто. Танчарска точка за загревање. Спектаклот може да започне! Лет број 27.


Првите две точки, како и секогаш, беа посветени на најмладите. Некогаш тоа беа Супер ѕвездите, некогаш Златните славејчиња, а година – новите тинејџерски миленици од ТВ серијата „Тин камп“, како и балетските ѕвездички од детската балетска претстава „Петар Пан“. Токму тие ги добија и првите две Буба Мари, за најпопуларна ТВ серија, односно за најпопуларна детска балетска претстава.

Аудио најавата за баце Ранко Петровиќ и годинава ја прочита доајенот на македонското спикерство, Благоја Крстевски. Тој го нарече Ранко „Пилот на авионот, капетан и прв врскаџија во Пасошко.“ Ранко во свој стил им се обрати на присутните, ја отвори годинешната Златна Буба Мара на популарноста и домаќински им посака убава забава и издржливост. Тој го нарече годинешното издание музичко-сатиричен лет. Забавен притвор. Заедничко фотографирање за пасоши и добра забава …

И почнаа како на филмска лента, по сценариото тајно кроено со месеци во штабот на Буба Мара, да се редат награди, прекрасни музички точки, танцувања, скечови …
Награда за трајни вредности во танцот доби Тодор Миладинов, за својот 50 годишен придонес во развот на танцот, по што следуваше интересна танчарска Ча-ча-ча точка.
Следуваа сатиричните минути со неизбежните Тино и Атанас, кои слатко ја насмеаа публиката со пресекот на настани кои ја одбележаа 2023 година, видени од нивни духовит агол. 

Дали сме најглупавата нација? Имаме ли контрола на нешто? Хм, да се замислиме … Златна Буба Мара на популарноста секоја година, освен што забавува и наградува, и тоа како замислува. И се бори за зачувување на македонскиот идентитет. Со сите сили. И браво за тоа.

И кога сите го очекуваа Сашко Коцев, се појави неговиот двојник. Жарко Јовановиќ, актер и комичар, кој живее и работи во Куманово. Тој имаше одличен настап, имитирајќи повеќе политичари и јавни личности и беше вистинско освежување на Златна Буба Мара.
Потоа следуваше наградата за трајни музички вредности, која ја доби вечниот боем и шегаџија Нино Величковски. Тој ја почести публиката со изведба на неговиот најголем хит „Свирете ми тамбури“.

Очекувано, целата сала експлодираше од воодушевување по појавувањето на неповторливиот Сашко Коцев. Тој имаше еден (ама вреден!) одличен блок хумор и сатира, во кој безброј пати ја изнасмеа публиката со својот вонсериски талент и хумор. Тој погоди повеќе пати точно во целта, не штедејќи никого, ни власт, ни опозиција, ни инфлуенсери, ни пензионери …

Награди за трајни музички вредности доби лекарот, текстописец и автор на радио емисии, проф. д-р Миодраг Врчаковски. Постхумно награда за животно дело беше доделена за неповторливиот автор, Кире Костов, во чија чест Ленче Кукиќ извонредно ја исполни антологиската „Летај галебе мој тажен“, во придружба на Ревискиот оркестар, со кој цела вечер диригираше Маестра Дијана Илковска Имери.

За најдобар спортист на годината беше прогласен Иџе Стефановски, а во негова чест во офф се емитуваше специјално напишана нова верзија на песната „Флојд“ од филмот „Национална класа“, со модифициран текст, посветен на Иџе.
Награда за најдобар спортски успех во 2023 година заслужено ѝ припадна на Одбојкарската репрезентација на Македонија, а за најпопуларен спортист беше прогласен одбојкарот Никола Ѓоргиев, кој се обрати на видео бим, зашто моментално игра во Словенија.
Награда за најдобар концерт доби Владо Јаневски, кој го изведе својот нов хит
„Златни години“, по што Игор Џамбазов му додели награда за животно дело на Драган Мијалковски, најавувајќи го со специјална песна, која Игор ја напишал за него и која ја исполни во свој стил свирејќи на пијано, со неколку модулации, како што го учел Маестро Александар Џамбазов.

Следуваше извонреден настан на Драган Мијалковски, кој покажа дека и по толку години е во топ пејачка форма и нè потсети на неговите најголеми хитови „Кажи ми“, „Кажи нешто, драга“, „223-305“ и „Дојди Лено на перниче бело“ во придружба на Горан Алачки на хармоника.
Награда за трајни вредности доби Жељко Самарџиќ, кој рече дека има трема да пее после Драган Мијалковски, кој според него е најдобриот македонски пејач на сите времиња. Жељко само го испеа првиот стих од неговиот хит „Грлица“, а целата сала ја испеа песната како хор. Следуваше изведбата на „Безобразно зелене“, при што на сцената се качи Драган Мијалковски, кој му помогна малку на Жељко во пеењето, на општо задоволство.

Театарските награди оваа година комплетно отидоа во Театар Комедија. Најпопуларен млад актер е Сергеј Димовски, актерка на годината е Наталија Теодосиева, најпопуларна претстава е „Ало, ало“ во режија на Синиша Евтимов (кој рече дека ова му е 6-та Буба Мара, како и претходно Цаци Паковска.)
Годинава Златната Буба Мара на популарноста имаше и хуманитарна мисија. Па Игор Џамбазов, а подоцна и Тамара Тодевска побараа од публиката да донира средства за лекување на младиот Леонид Индов, за што беа поставени и кутии во холот на салата Борис Трајковски.

Следуваше рок настап на Гуру Харе и Игор Џамбазов и одличната тема „Македоникејшн“, во чиј текст беа вметнати и стихови од вонвременската песна „Денови“ од Коста Солев Рацин. За настапот тие беа облечени во специјално дизајнирани маички, на кои пишуваше „Македоникејшн“. Со иста таква маичка подоцна настапи и Рамбо Амадеус.
Додуша, покриена со „златна“ наметка во негов стил.
Потоа следуваше потсетување на сите популарни личности кои го нашитија овој свет во 2023 година: Мето Јовановски, Димче Мешковски, Трајче Ѓоргиев, Катина Иванова, Владимир Ендровски, Љубомир Бранѓолица, Ферус Мустафов, Кире Костов …
Во чест и во спомен на легендарниот композитор, аранжер и инструменталист, маестро Кире Костов, Тамара Тодевска ја исполни неговата (и на Васил Пујовски) „Кога те нема“, а Андријана Јаневска, во придружба на Танец и Синтезис, го изведе хитот на векот „Тајно моја“. Легендарната песна на нашиот непребол Тоше Проески, чии автори се Кире Костов и Огнен Неделковски.

Награда за трајни вредности доби и најдобриот македонски ракометар, селектор и тренер на РК Алкалоид Кире Лазаров, кој имаше одличен и инспиративен говор, посветен на значењето на спортот за една земја како Македонија.
Минатогодишниот голем успех со рецитацијата на „Цветови“, очигледно беше мотив на организаторите и годинава да издвојат минути за македонската антологиска поезија. Игор Џамбазов прекрасно и вдахновено ја рецитираше песната „ТГА ЗА ЈУГ“ од Константин Миладинов, која е преведена на 42 светски јазици и која Игор, во придружба на Дамир Имери на пијано и Александар Јовевски на кавал, им ја посвети на сите наши коишто се во странство.

Награда за етно песна на годината доби Давид Темелков за песната „Мојата Македонија“, а Танец и Националната Опера и Балет, за својот заеднички проект „Фолклорно-класична симбиоза“, ја добија наградата за сценски проект на годината
Специјална награда доби и графиќкиот дизајнер и типограф Ласко Џуроски, за своите кирилични фонтови, а особено за фонтот „Рацин“. Ласко е автор и на логото на Радио Буба Мара, кое веќе 30 години зрачи со убавина.
За дуо на годината беа прогласени Драган Спасов – Дац и Александар Митевски, кои заедно со Билјана Ѓошева го исполнија хитот „Воли ме, сакај ме“, а за пејачка на годината е прогласена Андријана Јаневска. Албум на годината е „Македонијо во срце те носиме“, на Скендеровски Продукција, со повеќе изведувачи и со аранжмани на Николче Мицевски

Награда доби и Националниот Џез Оркестар, кој под диригентска палка на маестро Џијан Емин имаше извонреден настап, а му се придружи на сцената и легендарниот Рамбо Амадеус, кој доби награда за најуникатен музичар во Универзумот. Рамбо половина час музицираше со своите хитови во придружба на Националниот Џез Оркестар, па дури и им диригираше на овие одлични музичари. Публиката вистински уживаше во нивното шоу, иако одамна помина полноќ. Но, кога станува збор за Златна Буба Мара на популарноста, како да не постои категоријата време. Така е секогаш во изминативе 27 години.
Јаготка на шлагот на ова издание на Златна Буба Мара на популарноста беше заедничкиот настап на ДНК и Врчак, чија нумера „Посреќна“, беше прогласена за песна на годината.

Сашко Коцев вечерва, доделувајќи една од Буба Марите, рече дека самата награда Златна Буба Мара, како таква, е всушност „кинеска“ … Можеби и е „кинеска“, но нејзината вредност е голема во светот на музиката, спортот и театарот и секој посакува да ја има во своите витрини. Барем една нејзина верзија.
И дојде крајот. Публиката, или тие најиздржливите се во транс. 4 ипол часови поминаа за миг.
Зад нас е уште едно незаборавно издание на Златна Буба Мара на популарноста, кое ќе се прераскажува цела година.
А денес е нов ден и 30-ти роденден на Радио Буба Мара.
Честит роденден Радио Буба Мара и уште многу јубилеи и одлични манифестации!


СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА

Фото: ВАНГЕЛ ТАНУРОВСКИ