„ЖЕНСКИ МАГАЗИН“ ОТКРИВА: Кои се најпродавани македонски албуми? Каква музика купуваат странските туристи?
„ЖЕНСКИ МАГАЗИН“ ОТКРИВА: Кои се најпродавани македонски албуми? Каква музика купуваат странските туристи?

„ЖЕНСКИ МАГАЗИН“ ОТКРИВА: Кои се најпродавани македонски албуми? Каква музика купуваат странските туристи?

Во Македонија речиси и да не се дистрибуираат оригинални цедеа од светски артисти, но за домашните изданија сè уште постои некаков интерес. Од „Југотон“ нагласуваат дека значително е зголемен интересот за плочите

Голем е интересот за винилното издание на „Суперхикс“

Музиката како никогаш порано им е достапна на луѓето. Со само неколку „клика“, сингловите и албумите од омилените изведувачи веќе ги имаме на нашата плеј-листа. Пиратеријата во комбинација со современата технологија веќе подолг период е погубна за дискографијата. Тиражите на светскиот пазар во континуитет опаѓаат, иако виртуелното продавање музика сè уште носи голем профит. Во Македонија речиси и да не се дистрибуираат оригинални цедеа од светски артисти, но за домашните изданија сè уште постои некаков интерес.

– Годинава најпродавани кај нас се албумите на „Љубојна“, етно-проектот „Македонско девојче“ на Каролина Гочева, „Еден ден“ на Тамара Тодевска, петтиот студиски албум Underground evergreens на ска-панк составот „Суперхикс“ и компилацијата од народни игри и песни „65 години Ансамбл Танец“ – информираат од музичката продавница „Југотон“.

„Еден ден“ на Тамара објавен во 2015-та одлично котира и годинава

Од таму нагласуваат дека македонската публика сè уште има респект кон домашните производи, бидејќи оригинални изданија се продаваат претежно од македонски артисти. За нашата музика се интересираат и странските туристи.

– Освен компилацијата на „Танец“, одлично се продава Антологијата на македонската народна песна составена од четири цедеа, компилација со дела од легендарните интерпретатори Никола Бадев, Александар Сариевски, Васка Илиева и Кочо Петровски–откриваат од „Југотон“.

Македонската народна песна најинтересна за странските туристи

Кога станува збор за регионални и странски албуми, продажбата е многу ретка појава. На цеде единствено добро поминуваат двата хит-албума на Адел. Сè друго што се продава е винилно издание.

Од „Југотон“ нагласуваат дека како во светски рамки, така и кај нас значително е зголемен интересот за плочите. Најбарани се џез-изданијата и оние од нашата алтернативна сцена.

– Моментално како што се продава винилот, ниедно цеде не може да го замени – велат тие.

Албумите на Тоше со години се меѓу најпродаваните

Што се однесува до најпродаваните албуми генерално во поновата македонска историја, цедеата на Тоше Проески и проектот „Патот на сонцето“ на Драган Даутовски веќе подолго време ја предводат листата. Во ова мало друштво се и изданијата на групите „Анастасија“, „Љубојна“, „Баклава“, „Суперхикс“ и на „Архангел“, како и изданијата на Каролина Гочева и на Влатко Стефановски.

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов

Поврзани написи

Create Account



Log In Your Account