Ана Бунтеска: Како чоек стареј, поубо љуби

Само да не ми ти изгори срцето пиле

Се’ друго се крепи и се врви

Си подвикнала

Ти подвикнал

Ами поминува ко на кутриња

За миг се заборава ко да не е речено

Ниту ти да замеруваш со деној

Ниту да дајш тој да ти се мурти со саати

На смеа истерај го и толку од карачката

Дури и некојпат да не знајш

Од лутина шо да му прајш

Гризни устата и сврти ја глата

Премолчи

Оти дур е жежок зборот

Отпојќе боли и лузни остава

Та ко ќе се олади

Тогај кажи му оти те чепнал по душата

Се’ поминва

Ехеееее

Сиот бес и лутина ќе ги снема

Та со годините ќе омекниш

А и тој помил ќе стани

И тогај речта ко тазе локум ќе ви биди

И кафето наутро со мерак ќе го шмркате

Како стареј чоек пиле

Некако поубо љуби

Појќе себе се дава без страв

И убоста во давањето ја гледа

Во она да му напрај на тој до себе

Ете нему, убо да му биди

Како чоек стареј веќе знај

Знај оти нема уште многу пат пред себе

Па љуби со сета сила

И повторно така младоста ја живеј

Така и ти пиле, еве така и ти прајш

Ама пази да не ми ти изгори срцето

Оти срце ко се поболва ко да нема спас

Срце на овие години ко гори

И чоекот јабана си оди

Ко пресечен таму кај градите

Онаму

Кај мекото и убавото

Кај што зборот извира

И песната кај што му цути

И гори

Гори дур не изгори

Дур во пепел не се стори

Ама срцето човеково Феникс не е

За повторно од пепелта да заживеј

Зато пиле умно да ми бидиш

Дај љубов и себе дај се

Не

Не мери и не сечи

Не

Не клавај на кантар и не се пазари

Не

Не барај исто тој до тебе да те љуби

Ама барај срцето да ти го чува

Да те го гали и љуби ко своето

Нежен да е и да знај како да му запеј

За назад песна да добие

Тоа да бараш чупче

Само тоа и само толку од него да бараш

И то не оти така ти се ќефнало

Или оти така ти се сака

Туку за да не прегориш

За да не изгориш

За срцето младо да ми ти остани

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска ФОТО: Александар Колов