Да ми е мисла да се сторам

Да ми е за љубов да ти пејам

Ко биљбиљ на гранка расцутена

Под раскошна крошна ти да дојдиш

И на трева зелена да легниш

За душа со мене да одмориш

Дур меѓу лисја сончев зрак лице ти гали

Да ми е соништа да ти раскажувам

Како приказни пред сонот да те фати

Да ги раскројам и зашивам по твоја мерка

Со срмен конец порабени

И со нив да те покријам

Ко мајка чедо во студена ноќ

Љубов моја

Да ми е слика да ти насликам

Од оково зелена да земам

За рајска градина да засадам

Од усниве црвена да исцедам

За покрив на куќата наша

Од кожава белината да ја извадам

И тебе крај мене убав да те стокмам

А јас до тебе ко трендафил да цутам

Душо моја

Љубов моја никогаш прежалена

Да ми е стихови да ти напишам

Секоја буква небо чисто

На небото ѕвезди од воздишки

А секој збор месечина ко погача тазе измесена

Од рака на млада невеста

Та земјава светлина да се стори

И од неа ко на извор планински

Главите да ни се доближат

А усните од исто да ни пијат

Пиле мое

Да ми е крај тебе да се разбудам

И првото видело ликот твој да ми биди

Та насмев на усниве да ми осамни

И на срцево од топлина

Снег вековен да се истопи

Та да не му се мислам дал денот жива ќе го минам

Или ко ќе легнам дал мирно ќе заспијам

Да ми е

Да ми е мисла да се сторам

И во умот твој да се вгнездам

Та нежно по душа да те скокоткам

И од смеата твоја да се најадам

А од твојта љубов да се напојам

Да ми е

Да ми е време да се сторам

И назад да се вратам

Та онаму кај што едно бевме

Ете таму да застанам

Стрелките на сите часовници да ги искршам

И се’ да сопри во еден миг

А мигот векови да трае

Во кои јас со тебе вечно млада ќе останам

Пиле

Љубов

Душо моја

Да ми е

Само да ми е...она што никојпат не ќе ми биди

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска