Интервју со Ебру Радевски: Скопје сити мол секогаш е носител на нешто ново во Македонија

Скопје сити мол како најголем трговски центар во земјава навистина донесе многу промени. Од една страна донесе многу светски познати брендови кои порано ги немаше на домашниот пазар. А од друга ги смени и навиките за пазарување... Интервју со Ебру Радевски, генерален менаџер на најуспешниот Трговски Центар
  • Скопје сити мол неодамна одбележа пет години присуство на македонскиот пазар. Неговото отворање дефинитивно придонесе многу за промена на навиките во пазарувањето и донесе едно ново шопинг искуство. Колку вие како генерален менаџер сте задоволни од постигнатото?
Скопје сити мол како најголем трговски центар во земјава навистина донесе многу промени. Од една страна донесе многу светски познати брендови кои порано ги немаше на домашниот пазар. А од друга ги смени и навиките за пазарување. Молот не е само место каде може да се подновите со некое ново модно парче или моден додаток, со убави елементи за опремување на домот, или место каде може да купите бела техника или мали апарати. Тоа е и место за забава и за убаво поминато време за целото семејство. Без разлика дали се оди во кино да се видат некои од светските филмски хитови кои се прикажуваат во исто време како и во другите светски метрополи, дали се оди во некој од рестораните и кафетериите, или пак децата се забавуваат со некоја од многуте организирани настани наменети токму за нив, кај нас за секого има по нешто што може времето поминато тука да го направи убаво. Навистина сме задоволни бидејќи изминатите години успеавме молот да го направиме регионален лидер кога се работи за шопинг-центрите. Од денот на отворањето, па сè до денес, во него поминале повеќе од 35.000.000 посетители и тоа не само од Македонија. И така планираме да продолжиме и во иднина.
  • Многу нови брендови кои порано ги немаше на домашниот пазар токму благодарение на Скопје сити мол денес се достапни и на македонските купувачи. Дали планирате зголемување на нивниот број и која ќе биде вашата стратегија во наредниот период?
Во Скопје сити мол моментно има 175 закупци, а ZARA, Massimo Dutti, MAC, Tom Tailor, Nine West се само дел од брендовите кои за првпат најдоа свој продажен простор во Македонија. Годишно се заинтересирани повеќе од 200 бренда за отворање своја продавница. Токму затоа во идните планови ни е зацртано проширување на нашите капацитети за да ги задоволиме барањата на нашите заинтересирани клиенти. Но брендовите не се само тоа што го има Сити мол. Покрај мулти-плекс киното со 3Д технологија на Синеплекс, има и куглана за семејна забава и деловно дружење, Бо Боулинг, многу кафе барови, ресторани, продавници за козметика, книжарници, детски катчиња и многу други содржини чие развивање и во иднина ќе биде во нашиот фокус.
  • Од ноември ланската година Скопје сити мол има нови сопственици. Дали тоа донесе некакви промени во работењето?
Нашиот нов сопственик „Хајстед лимитед“ е водечки специјализиран фонд за трговски центри и во неговото портфолио се неколку шопинг-центри во Југоисточна Европа. Стратегијата на „Хајстед“ е да поседува висококвалитетни трговски центри на пазарите во развој каде што таквите средства може да се стекнат или развијат со атрактивни приноси. Трговските центри на „Хајстед“ доминираат во однос на просечната големина, а со тоа привлекуваат нови концепти и водечки продавници и ги прават нашите центри најпосакувани локации за локални и меѓународни брендови. Структурата на компанијата обезбедува цврста основа за извршување на нашата стратегија, со способни и искусни тимови и практичен пристап кој ни овозможува и гарантира ефикасно управување и натамошен развој, бидејќи нивното портфолио е базирано на долгогодишното искуство во менаџирање на високо квалитетни трговски центри.
  • Имате организирано и поддржано многу хуманитарни настани. Најновата акција на Скопје сити мол е под мотото „Некултурата не е инвалидитет“. Која е причината за нејзино покренување?
Од денот на отворањето, па сè до денес сме организирале и поддржале повеќе од 330 хуманитарни проекти. Најновата акција има за цел да ја подигне свеста околу проблемот на узурпирање на паркинг местата наменети за лицата со инвалидитет од страна на несовесни граѓани. Нашиот мол уште од проектирањето, преку изградбата, а и во своето секојдневно функционирање водеше и води сметка и за потребите на луѓето со инвалидитет. Обезбеден е соодветен пристап до влезовите, лифтови како и специјалните паркинг места за лицата со инвалидитет, кои се прописно обележани и соодветно лоцирани за да можат лесно да ги паркираат своите возила. Но постојано се соочуваме со тоа овие места да бидат узурпирани од несовесни возачи, па дури и сите места да бидат зафатени, но не од оние за кои се наменети. Така, во една прилика се случи, поради непрописно паркирано возило, да биде казнет граѓанин со инвалидитет кој со своето семејство одел на пазарување, практично само затоа што сите места предвидени за оваа категорија граѓани биле узурпирани. Овој настан беше и директен повод да решиме да создадеме кампања со која сакаме не само посетителите, туку и пошироката заедница да ја информираме за овој проблем. И секако со тоа да помогнеме во подигање на свеста на граѓаните за тоа дека луѓето со инвалидитет треба да имаат исти права како и сите останати и дека треба да им се овозможи тие права и да ги уживаат. Кампањата ќе трае три месеци, но ефекти веќе има, бидејќи граѓаните почнаа на социјалните медиуми да постираат фотографии од несовесни граѓани кои и покрај најновите обележувања, се паркираат токму на местата наменети за инвалиди. Со оглед дека проблемот е многу поширок се надеваме дека и други компании, но и државни институции поактивно ќе се вклучат во негово решавање. Ги повикуваме и нашите посетители да ги пријавуваат овие случаи на телефонскиот број 192.
  • Се доближуваат новогодишните празници, а потоа и попустите. Дали сте подготвени за шопинг манијата?
Шопинг маниите се нешто што постојано се случува во Скопје сити мол. Не само пред Нова Година и кога се сезонските попусти, туку и постојано во текот на сезоната има слични настани кога на посетителите им се нудат атрактивни попусти и можност по многу пониска цена да дојдат до посакуваното парче облека, чевли, додатоци или други производи. Многу од нашите закупци веќе сега почнаа со попусти, а тоа ќе продолжи и во наредниот период така што со нетрпение ги очекуваме празничната раздвиженост и турканиците по продавниците за попустите, бидејќи можноста да им излеземе во пресрет на потрошувачите е нешто што нè прави среќни и задоволни. Посетителите може да сметаат на кампањата LAST MINUTE SALE која ќе им ги донесе најголемите попусти за сезоната која е во тек и ќе можат по најниски цени да ги набават парчињата од актуелните колекции.