Утринско кафе со Давор Панчевски – Dave’s Kitchen: Секој ден е ново искуство

Секое утро станувам пред 6 часот, па денот ми започнува прилично рано. Во последните месеци утринското кафе го пијам на работа преку работната недела, додека пак за време на викендите денот ми започнува со музика, па утринското кафе знам да го испијам и во кујната каде ги подготвувам рецептите кои секојдневно ги споделувам на мојата FB страница, Dave’s Kitchen. Ме мотивира фактот што го работам она кое го сакам, готвам и го споделувам она коешто ќе го креирам во кујната со блиските пријатели и семејството. Ме мотивираат прекрасните пораки од фановите кои секое утро ме будат со насмевка на лицето и денот веднаш започнува позитивно. Секој ден е ново искуство и доживување, секој ден со себе носи нови обврски и планови. Најчесто после работа ги планирам идните случувања на мојата страница, што ќе се готви, правам план кога ќе биде објавено, како ќе изгледа сетот за фотографија итн. Работејќи ја работата која причинува огромно задоволство, не се чувствувам уморен, напротив со голема енергија и пасија преминувам кон следните обврски. Вечерите често се резервирани за гости. Речиси секогаш вечерта ми поминува во добро друштво, со вкусна храна и со добра чаша вино. Убаво е секогаш да наздравиме за убавите случувања во животот без некаков посебен повод. Секогаш кога времето ми дозволува сакам да се дружам со добра книга. Особено задоволство ми причинува читањето на книга кога сум во Охрид во летниот период кога поминувам време во дворот или на балконот со поглед кон езерото. Често знам за време на викендите да изгледам и по неколку филмови во еден здив.