Утринско кафе со Томислав Кежаровски: Денес е ден за мојата книга „Живот во кутија“

И ова утро, впрочем како и секогаш, првото кафе го пијам со сопругата. Ете, навика. А, таа навика ни трае со години. Се менува само времето, половина час погоре-подолу, се друго е како по некаков терк. Кафето со Марина ни е „заедничко“, дури и кога сум во Хамбург, каде што времено престојувам. Само што муабетите што вообичаено одат во тој период ги правиме по некој од „операторите“ на Интернет. Со кафе го почнуваме денот. Ме мотивира се. Ме мотивира она чувство дека морам да ја достигнам целта, зацртана некаде пред мене. Ме мотивира тоа да научам нови работи, да запознаам нови луѓе, да помогнам некому. Денеска денот сакам да трае подолго од вообичаено. Денес е промоцијата на мојата книга „Живот во кутија“. Таа ги отсликува приликите во државата низ сеќавањата додека бев во затвор. Мито, корупција, прекршувања на човековите права, лош здравствен систем, притисоци, закани. Искрено, од душа ви велам, ова сакам да е последна ваква книга што некој ја напишал кај нас. Сакам секоја друга што ќе биде отпечатена да биде збирка раскази за деца, да биде поезија… Денов, со оглед на тоа дека не е како секој друг ден, сигурен сум повеќе од се, ќе го завршиме во друштво со роднини, пријатели и колеги сумирајќи ги впечатоците од одржаната промоција.