Ана Бунтеска: „умот да ти биде пријател, дур’ те крепи, дотогаш се живее“

умот да ти биде пријател

дур те крепи, дотогаш се живее

оти после ништо од човека не останува“

ете така баба ми покојна велеше

а мене спастрен ми е умов

како во кутиче денски го чувам

не му давам да залута онаму кај што не треба

да заплива во длабокото од кај што враќање нема.

Ама ноќите беља ми прават

ете тогаш од вид го губам, кога заспивам

та во темни улички низ градов ми забегува

да се нахрани со забранети мириси

и сабајлината ко ќе станам, ко болна сум

како душава канцер да ми има фатено

со јад и болка за кои не знам од каде дошле

сета полна сеќавања и претчувства.

Ете тогаш умот непријател ми е

ниту знам дал’ ме крепи или полудувам

или пак само се залажувам дека сѐ ќе мине еден ден

дека спокојот еве, баш тука, зад ќошов е

и денот дур’ одминува, полека се собирам

повторно на себе си доаѓам, ко да знам која сум

навистина

ама есен фаќа веќе, та денот се скратува

а со ноќите стравот во срцево ми се вгнездува.

Убаво велеше баба ми покојна

да научам да плетам, да везам

да го порабам умов, да го зашијам по потреба

дупките да му ги закрпам, така да се зацелам

оти со зборови не ќе да се спаструва ум

ветрот ќе ги разнесе, дождот ќе ги удави

низ годините ќе се раздробат, во прашинки ќе се сторат

ко’ не ќе те крепи умот, ќе се заборават.

А јас еве остарев, а да везам не научив

рацеве освен зборови да везат, за друго вешти не се

та она што во умов ми тлее и гори, низ нив го лекувам

онака како што знам, како што единствено умеам

„Умот да ти биде пријател, дур’ те крепи, дотогаш

се живее“

ете така баба ми покојна велеше, дур’ со страв в очи

ми се загледуваше

како да знаеше, за да ме подготви за битка, за онаа

најтешката

кога умот душата ти ја јаде, телото ти го распарчува

и тивко, полека те убива.


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска