Кети Герасимовска: Дијабетичар сум, ми трансплантираа бубрег, добив гангрена, завршив во инвалидска количка - се борaм за да ги видам ќерките невести

Кога Кети Герасимовска (49) животот ја ставил на искушение поврзано со здравјето, тогаш нејзиниот карактер го поминал и најголемиот тест. Наместо да рони солзи и да ја оплакува лошата судбина, се смеела кога ѝ било најтешко и решила да се бори. Прво за себе, а потоа за двете прекрасни ќерки Ангела и Викторија и за сопругот. Во ниеден миг не ја изгубила вербата дека ќе преживее. Позитивната мисла била нејзина водилка.

- До 30 години немав никакви здраствени проблеми. Уживав во улогата на мајка и сопруга. Почна да ми се качува притисокот и многу често завршував на дежурен лекар. За кратко време ја изгубив силата, не можев да станам од кревет. Матичната докторка итно ме прати на испитувања. Тогаш открија дека сум во дијабетска кома. Шеќерот ми беше 30/2. Ми дадоа терапија и шеќерот ми се намали. Потоа отидов на проверка на бубрезите. Резултатите беа страшни. Доктората ме праша дали некој од моето семејство може да ми донира бубрег? Ѝ кажав дека имам мајка и брат кои не се добри со здравјето. Татко ми имаше проблеми со бубрезите. Одеше на дијализа две години и почина. – вели Герасимовска на почетокот од нашиот разговор и открива како почнало лекувањето.

- Прв чекор беше превентивната фистула. Но, таа функционираше само два дена. Потоа ми ставија втора фистула, која работеше само 15 дена. По извесно време ми стана многу лошо и итно ме примија на Нефрологија. Ми ставија катетар и веднаш ме вклучија на машина. Почнав со дијализа. Одев три пати во неделата. – посочува Кети.

- На пациентите на дијализа животот им е многу тежок. Врзан си за машина, 4 часа, не можеш да мрднеш. Дијализата е затвор без решетки. Отворен прозорец, отворена врата, а не можеш да станеш и да излезеш. Многу луѓе велат: „ Ни душманот да не дојде таму“. По неколку месеци се пријавив за трансплатација на бубрег. Сите испитувања ги направив. Имав среќа. Ми се јавија од Клиниката за Нефрологија и ми рекоа: „Дојди брзо, имаме бубрег за тебе.“ Почнав да плачам од радост. – вели Кети.

Тргнала кон болницата со надеж дека на нејзините маки ќе им дојде крајот. Се молела Бог да ја спаси и веќе никогаш да не стапне во просторијата за дијализа. 

- Беа повикани уште една жена и двајца мажи. Ни зедоа крв на сите, за да се види на кои двајца ќе им одговараат бубрезите. Резултатите ги чекавме 7 часа. Во тој миг среќници бевме јас и другата жена. Ги направија подготовките и утредента нѐ префрлија во одделот за трансплантација. По операцијата бев три недели во изолација. Немав никаков контакт со надворешниот свет. Потоа си дојдов дома. Опоравувањето се одвиваше добро. – раскажува Герасимовска, но по еден месец ѝ се појавила рана на глуждот од десната нога.

- На Торакална хирургија ми рекоа дека имам гангрена и дека ногата мора да се ампутира. Во меѓувреме слушнав дека еден сосед имал гангрена, но раната му се затворила со мелем што го правела некоја жена од Кочани по старински рецепт. Одбив да ми ја ампутираат ногата. Го зедов мелемот, го ставав трипати дневно и по три месеци раната се затвори. Но, ногата ми се искриви. Сега сум во инвалидска количка. Дома се движам и со помош на штаки. – вели Кети.

И покрај здраствената голгота, не се предава. Секогаш е позитивна и насмеана. Со добра мисла и убав збор за секој човек.

- Јас сум жена борец. Цело време имав поддршка од мојот сопруг и моите деца. Заради нив не се предавав, иако поминав низ многу маки и стресови. Цело време во мислите ми беа зборовите: „ Кетиќе живееш. Мораш да ги видиш твоите ќерки невести.“ Одам редовно на контроли и се чувствувам многу добро. Никогаш не дознав кој беше мојот починат донор. Благодарение на неговото семејство што се одлучило да ги дарува органите на блискиот свој, беа спасени два човечки животи. Денот кога имав трансплатација на бубрег, 13 февруари, го славам како втор роденден. – заклучува Кети.

Соња Алексоска Неделковска