Разочарани од низата неуспешни ИВФ-обиди, надежта ја најдовме кај д-р Ивановски во „Аџибадем Систина“

„По голем број направени испитувања, медицински интервенции, операции, посетени повеќе клиники во Македонија, извршени консултации со доктори од познати ИВФ-центри во Европа, пред да ја продолжиме нашата борба надвор од Македонија, решивме да се обидеме за последен пат и да закажеме разговор и преглед со д-р Митко Ивановски во ‘Аџибадем Систина’.

Разочарани од низата неуспешни ИВФ и бројните неуспеси, и покрај целосната посветеност и фокусираност на ИВФ-процесот, по прегледот заминавме дома со надеж. Секој нареден преглед кај д-р Ивановски за мене беше задоволство, ми влеваше спокој и нашата доверба во него од ден на ден беше сѐ поголема и поголема.  Знаев дека имам сигурна поддршка и доктор на кој може комплетно да му се верува.

Морам да напоменам дека зад себе имав 5 стимулирани ИВФ, една инсеминација, една операција и во целото тоа лекување немав ниту еднаш оплодена јајце-клетка, така што воопшто не му беше лесно на докторот со пациенти како нас. По извршена соодветна корективна операција кај д-р Ивановски, бевме на вистинскиот пат.

Емпатијата, вниманието, стручноста, желбата и посветеноста што ги имавме од д-р Ивановски, пред сѐ, ни дадоа сила да продолжиме со нашата борба, а подоцна и вродија со плод.

И дојде тој ден, како и секој претходен месец, тој јули со закажана пункција на природен циклус за да одмори телото од бројните хормонски стимулации. Добивме јајце-клетка, која конечно се оплоди од страна на ембриологот д-р Билјана Палчевска и конечно првпат добивме ембрион, по 10. ИВФ без ембрион, односно ова ни беше првиот трансфер.

На 28.7.2023 година добивме позитивна бета-ХЦГ. Плодот одлично си напредуваше, соодветно на секоја гестациска недела, а докторот заедно со нас се радуваше на растењето на плодот и уредниот тек на бременоста.

Во 39. недела од бременоста, со мојот сопруг станавме родители, а д-р Ивановски со својот тим направи раѓањето на нашето дете да помине во најдобар ред и ни ја исполни желбата да го доживееме најемотивниот и најубав момент во нашите животи.

Голема благодарност до целиот тим од Одделот за асистирана репродукција во ‘Аџибадем Систина’. Нивната позитивна енергија, блискиот и непосреден однос што го воспоставуваат со пациентите, нивното искуство ми овозможи со леснотија да ги поминам сите ИВФ-постапки.

Писмово го пишувам за да ја споделам нашата приказна, трнливиот пат што го поминавме во овие 5 години за да добиеме дете. Она што нас нè мотивираше да не се откажеме од тешката борба беа успешните приказни што ги читавме и слушавме и кои ни даваа надеж дека и ние еден ден ќе ја испишеме убавата приказна со среќен крај. Се гледаме за второ “ – сподели пациентка С.Т.