Општина Сопиште како Финска: Гризли Иглос е новата уникатна атракција

Популарноста на Бабл Иглос се должи на таканаречената прозрачна купола. Кога сте внатре имате можност од сите страни да гледате надвор, практично како да сте надвор, а сепак обвивката создава неповторливо чувство. Како во некој магичен свет што го има најмногу во Финска. Но, сега и кај нас.

Општина Сопиште овозможи уникатна еколошка туристичка атракција 

Од оваа недела општината е побогата со уште една туристичка атракција. 

Станува збор за проект наречен Гризли Иглос единствен на Балканот а и пошироко, кој што претставува вистински рај за сите љубители на природата и еколошката одговорност. 

Оваа туристичка атракција се наоѓа на планинскиот масив Јасен. Проектот нуди неверојатни можности за авантури, но во исто време ја чува и штити природата.

Градоначалникот Стефче Трпковски вели дека главниот фокус е зачувување на природата и одржување на еколошкиот баланс. Сите активности се спроведуваат со почитување на природните ресурси и животната средина. 

Додава и дека планината е дом на голем број растителни и животински видови, кои се внимателно заштитени. Посетителите можат да уживаат во пешачење по еко-патеки, јавање, или планинарење, додека се восхитуваат на убавината на околината. 

Најинтересно е тоа што сместувачките капацитети се комплетно македонско производство, монтажни, еколошки и одржливи, користејќи обновливи извори на енергија и рециклирани материјали. Тие се изградени во хармонија со природата, обезбедувајќи комфорен престој за гостите, без да го нарушуваат еколошкиот баланс.

Сите заинтересирани ќе можат да се приклучат на организирани тури водени од искусни водичи кои ве учат за локалната флора и фауна, историјата и културата на областа.

"Оваа туристичка атракција има за цел да ја поттикне свеста за зачувување и грижа за националниот парк и природата, додека нуди единствено искуство на своите посетители"- потенцира градоначалникот.