Беше прогласена за технолошки вишок и ја изгуби работа, денес е милионерка: Худа Катан - една од најпознатите жени во светот на шминката
Козметичарката и шминкерка Худа Катан, сопственичка на компанијата „Худа Бјути“, поминала тежок период во животот пред да стане светски позната со својот бизнис.
Денес Худа признава дека губењето на работата е најдоброто нешто што ѝ се случило. Кога била прогласена за технолошки вишок во Дубаи, таа решила да се сврти кон нејзината љубов - шминката. Денес, десет години подоцна, Худа Катан е мултимилионерка, инфлуенсерка и сопственичка на милијарда долари вредната козметичка компанија „Худа Бјути“.
Најдобро од сè, таа гради успешна компанија заедно со семејството, сестрите и соосновачите Мона и Ајла, како и сопругот Кристофер Гонкал, со кој ја има ќерката Нур.
Во интервју за HELLO! таа зборуваше за своето искуство во индустријата за убавина, но и многуте предизвици со кои се соочила.
Таа за шминка се интересирала уште од рана возраст. Како дете била убедена дека не е убава, дури ни симпатична. А сега е една од најпознатите жени чиј трикови и совети за убавина ги ценат девојките од цел свет.
Во кариерата вели дека имала многу тешки моменти.
- Најдобриот совет го добив од мајка ми, која, патем, нема искуство во водење компанија. Ми рече да бидам трпелива. Затоа што, кога работите не одат толку брзо како што се надевавме, ние честопати се фрустрираме.
На прашањето дали вие, како жена во деловната сфера, во машки свет, чувствувате дека имате дополнителни предизвици?
- Секој ден. Жените сè уште се соочуваат со предрасуди. Само затоа што сакаме да се шминкаме и да се облекуваме убаво, не значи дека не треба да се сфаќаме сериозно; ова не значи дека ветар ни минува низ главата, дека не знаеме како да зборуваме или дека не сме способни да носиме паметни деловни одлуки. Реалноста сепак е поинаква. Има толку многу исклучителни жени кои прават извонредни работи и не се вклопуваат во калапот. Земете ги на пример Бијонсе, Опра Винфри, Ева Лонгорија, Викторија Бекам ...
Запрашана каков совет би дала на Худа во младоста вели дека откако останала без работа, најпаметната работа што ја направила било да престане да се грижи што мислат другите и да започне да ги следи своите соништа.
- Како млада жена, бев многу креативна и се свртев кон уметноста, но подоцна станав доста несигурна. Се сомневав во себе и во своите способности. Долго време помина додека почнав да се чувствувам безбедно. Мислам дека сега би му рекла на помладата Худа: „Кому му е грижа што мислат луѓето за тебе? Тоа не нè дефинира нас или нашата судбина“.
Денес Худа е една од најпознатите жени во светот на шминката, ја следат близу 50 милиони луѓе и има живот каков што отсекогаш посакувала.