Др. Софија Крстева: Коронавирусот ги намали гужвите во ходниците кај матичните лекари

Ситуацијава со коронавирусот ги намали гужвите во ходниците кај матичните лекари. „Пациентите се послушни, ги следат препораките од министерството за здравство и надлежните“, вели за Женски магазин др. Софија Крстева, лекар по општа медицина.

„Намален е бројот на пациенти кои го имавме порано, пред новонастанатата ситуација со коронавирусот, деновиве во ординација доаѓаат само пациенти кои морат да се прегледат и кои морат да ја добијат својата терапија“, потенцира др. Крстева.

Доктор Софија вели дека пациентите кои порано доаѓале за понебитни работи денес ги нема во ординацијата. „Со тоа можам да кажам дека пациентите ги следат препораките, кои ги наложи министерството за здравство“, вели докторката.

Ја прашавме, дали пациентите ја бараат телефонски, или преку интернет за совети, за како да постапат во некои ситуации, а др. Софија вели дека дневните повици на телефон и се зголемени од страна на пациенти, дека граѓаните ги користат и социјалните мрежи и електронска пошта како средство за комуникација со неа како матичен лекар.

„Совети бараат пациенти од сите возрасни групи, и млади и возрасни, сите се загрижени за ситуацијата со коронавирусот и ги користат телефоните, социјалните мрежи и електронската пошта како средство за комуникација со мене. Загриженост има, да. Но исто така, морам да кажам дека при разговор со мене кога ќе ги прашувам за средства за заштита, велат дека користат и маски и ракавици и средство за дезинфекција на раце.

И оние пациенти кои морат да дојдат до ординација на преглед ги почитуваат препораките, мосат маски, ракавици и држат растојание еден со друг, имаме среќа што и времето е потопло, па и надвор може да се чека“, вели др. Софија.


Докторката, ги советува сите граѓани, да користат ракавици и маски, доколку морат да излезат од дома да држат растојание со други луѓе, а доколку немаат обврски надвор од домот да не излегуваат и да останат во домашна изолација. Особено ракавици да носат граѓани кои го користат јавниот превоз, кои се возат во такси и кои работат со пари.


Н. Миланова


Клиниката за психијатрија започнува со телефонско психолошка поддршка на граѓани и ранливи групи