Утринско кафе со Александра Јанеска – Илиев: Ме мотивираат амбициозни и позитивни луѓе

Како ми почнува денот… Па би рекла имам среќа, ретко користам будилник, ама имам помош околу будењето во последниве 2 години од ќеркичка Васја. Потоа, следат подготовките околу започнување на работниот дел од денот. Во периодот помеѓу 9 и 10 часот вообичаено го пијам моето прво утринско кафе со некои од колегите. Тој ритуал сакам да го делам со позитивни луѓе кои имаат добар поглед кон светот, со кои можам да споделам нешто, но и да научам нешто. Вообичаено, после 10 часот почнувам со настава. Во текот на целиот ден комуницирам со многу луѓе и најчесто брзо,па дури и пребрзо ми поминува денот. Природата на мојата професија е многу динамична исполнета со многу интеракција, луѓе, разновидност, а во голема мера и слобода. Од друга страна, студентите даваат посебна енергија па, речиси најголем дел од денот ми поминува со нив. Тоа ми овозможува да останам во чекор со сѐ што се случува и да не заборавам на енергијата која ја носи студентскиот живот.


Попладневните часови ми се резервирани за семејството. Во овој период од годината, кога времето е убаво, голем дел од денот го поминуваме надвор. Пријателствата многу ми значат. Несебично и одвојувам време за средби со пријателите, нормално, кога тоа ми го дозволуваат обврските. Сметам дека социјалниот живот е нешто на што секој човек треба постојано да работи. Крадам, условно кажано, дел од секојдневицата, за да се видам со моите блиски пријателки со кои меѓусебно се мотивираме и поддржуваме. Патувањата ме исполнуваат па така секогаш барам прилика за некое ново патување. Сакам да патувам, со сопругот, со другарките и со фамилијата. Сметам дека различните искуства од патувањата не градат дополнително и ни даваат можности да се осознаеме себе си, а и светот околу нас.

Мојот мотив се амбициозни, позитивни луѓе кои „цврсто газат“ на земјата, кои имаат големи соништа, но се и самокритични. Суштината ми е во семејството, во сопругот Филип и во нашата ќеркичка Васја. Тие се мојот мал космос, мојот мир, мојот поттик и сила. Тие се поривот да се борам со секој нареден ден. Ако треба да сумирам би рекла дека најмногу ме мотивираат луѓето кои ми ја даваат смислата на овој живот.


Единствениот мирен и тивок дел од денот е кога можам да прочитам нешто, да се подготвам за наставата, како и работа на научните трудови се доцните вечерни саати. Сепак, бидејќи сум личност која го сака и добриот филм,а времето не го дозволува тоа секогаш, почнав да гледам одредени серии. Па така заедно со сопругот Филип, омилена серија во моментов ни е „Милијарди“(Billions).


Крајот на денот е кога ќе ја ставам главата на мојата перница. Тогаш размислувам за изминатиот ден. Постојано ги преиспитувам моите постапки, зборувајќи сама со себе. Се борам да бидам добар професор, да бидам добар родител, да бидам добар човек.Постојано се трудам… Некогаш ми успева, некогаш не. Животот ме научи дека не мора секогаш сè да биде во ред, но не ја прифаќам инертноста.

* Доц. д-р Александра Јанеска – Илиев, Економски факултет-Скопје