Утринско кафе со Билјана Настеска Каланоска: Верувам во промени

Денот ми почнува многу динамично, во 6 часот наутро.Не е тоа по моја волја, иако сум утринска личност по природа. Во случајов мојата помала ќеркичка Софија, решава да се дружи па обично утрото изгледа вака:станува, се гушкаме, ја хранам, играме, па додека гледа цртани се туширам, подготвувам ручек за неа, во меѓувреме станува сестра и со татко и, па имаме дневна доза гушкање, подготовка за градинка, „расправии“ која шнола сака да ја носи, која облека и е по мерак тоа утро, трчање до градинка бидејќи мојата Калина се мора да прави со трчање:) А потоа заминувам на работа и од мама се претворам во маркетар. Морам да признаам, уживам додека го пијам првото утринско кафе во работна атмосфера каде што не се зборува за пелени. Обично, кафето го пијам заедно со тимот во Хибрид Медиа додека го подготвуваме денот полн со обврски.

 Фото: Дарко Мораитов


Како за утро, доволно е, нели?:)

Ме мотивираат промени, успешно завршени работи и среќни луѓе. Јас сум човек која верува дека секоја промена е добра, иако понекогаш не ни се чини дека е така, посебно ако промената не сме ја барале. Ме мотивира успешно завршен ден со 100% штиклирани обврски. А среќните луѓе, секогаш ми даваат енергија и сила повеќе. Оние другите коишто се негативни и бараат маана во се, нив успешно ги заобиколувам најголем дел од времето.


Плановите и обврските ми се врзани со работниот ден. Таму се мора да биде точно и навремено завршен, на високо професионално ниво, бидејќи за нас клиентот е секогаш на прво место. А ние сме тим кој си ја сака работата, така што е многу полесно на менаџирање на обврските. Кога завршува работниот ден, тука завршува планирањето. Никогаш не го планирам слободното време, само уживам во него со моето семејство.

Денот го завршувам со моето семејство. Во текот на минатите зимски денови, тоа беа активности во дневната соба која магично се претвораше во замок од цртаните на Дизни или пак во диско, се во зависност од желбите на децата. Во овие топли денови, повеќе сме надвор за да го искористиме денот до максимум. Некогаш сме сами, а некогаш со пријатели. Како и да е, гледаме со сопругот Игор, да уживаме во остатокот од денот кој го имаме заедно со децата.


Фото: Дарко Мораитов

Хммм. Можеби во овој период од животот, прашањето би требало да биде:дали Ви недостига да прочитате добра книга или да гледате филм(хахаха)

Искрено, многу сакам да ги практикувам и едното и другото. Сакам со часови да уживам читајќи книга по ќебе со кафе до мене. Или пак да ја изгледам трилогијата „Lord od the rings“ по 100-ти и тоа uncut version… ех да знаете само колку сакам…:)