Утринско кафе со Дарко Панчевски: Ме мотивира живеењето на моментот-

Денот ми започнува позитивно и ведро со подготовка на телото и духот за динамичниот ден кој започнува. Овие мигови ми се неопходни за да можам да го извадам максимумот од себе преку целиот ден. Во работните денови најчесто првото кафе го пијам сам на балкон, читајќи информации од темите кои ме интересираат и гледајќи ги активностите на пријатели од социјалните мрежи. Утрата од викендите кога немам професионални обврски ми се навистина посебни, бидејќи секогаш настојувам првото кафе да го пијам со различни луѓе од моето опкружување на различни локации и во атмосфера во која тотално релаксирачки се балансира со изминатата работна недела со набиена агенда.


Ме мотивира живеењето на моментот- сега и во иднина, а најголем мотив мие она што не сум искусил и се она што повторно сакам да го искусам. За мене мотивот е во сакањето/љубењето на нештата кои не опкружуваат како семејството, пријателите, партнерката, одењето во диско, на планина, омилената храна, искачување на скалило во кариерата, собирање на албум со сликички … Личната мотивација е борбата за подобар јас, професионалната мотивација е во сакањето на работата која ја работам.

Одлична предност е кога имате способност и вештини добро да испланирате и да ги изменаџирате обврските кои Ви се од професионалниот и личниот живот. Моите дневните планови се базирани на исполнување на активности од мојот професионален ангажман во маркетинг секторот на Скопје Сити Мол. Ангажманите кои ги произлегуваат од работењето за ваква институција, едноставно бара целосно и бескомпромисно посветување. Работата има широк спектар на делување па бара и многу знаење, труд и посветеност. Постојано треба да си во тек со секој сегмент од општествениот живот. Тоа што најмногу го сакам во мојата работа е токму тоа – динамичен дневен план со предизвикувачки обврски.

Вечерта за мене е омилениот дел од денот, мигови во кои постојано уживам во различни активности со различни луѓе. Имам широк круг на пријатели со различни карактеристики и интереси, па од тоа произлегува да имам постојано разни социјализирачки активности со нив. Иако сум спонтана личност, која во дадени моменти ужива во домашна седенка со пријателите но ужива и во забава во диско, филм во кино или гледање на театарска претстава, посета на музички концерт или планинско место со добар поглед кон ѕвезденото небо … Пред спиење задолжително правам „преглед“ - осврт на моментите од денот кој изминал, понекогаш од нив правам белешки за професионалните и личните планови.

И двата медиуми ми се еднакво допадливи, и книга и филм, во зависност од можностите и моментите, ги сакам и двете. Уживам во изгледан филм дома и во кино, но уживам и во читање на книга додека патувам а од неодамна уживам и во читање на стручна литература пред спиење.