Утринско кафе со Ели Пешева: Се трудам секој ден да ми биде различен

Најчесто работните утра се хаотични, со бркање на деца по соби, викање за појадок, нивното облекување и дотерување, брзање на училиште, како вклучени во струја. Но, во моментот кога тие ќе заминат, го имам утрото за себе. Еден час јога, а потоа споро, турско кафе, во тишина и самотија, во мојата градина со поглед на шумите на Водно. Едноставни пола саат, за собирање мисли и читање утрински вести.


Предизвици, кои на прв поглед се чинат неостварливи и кои ми ги будат сивите ќелии. Докажување пред себе, но и за моите ќерки и нивните генерации, дека во овој момент во кој живееме и создаваме, нема граници за креативноста, за реализацијата, за талентот. Ме мотивираат новите технологии во сите сегменти кои ми се љубов. Можностите кои светот во 21 век ги нуди за сите нас, посебно за помладите генерации, варијантите како да се надградиме, да станеме подобри луѓе, да се грижиме за себе, за животните и за природата.


Освен планираните средби и состаноци, се трудам секој ден да ми биде поразличен, за да не ме измори секојдневието. Различни проекти, различни луѓе, многу пријатели за дружба.


Вечерите ми се најчесто со семејството. Играме забавни игри, танцуваме. Сакаме друштво и често во нашиот дом имаме пријатели, наши, или на нашите деца. Ние сме едно бучно семејство, во кое сите учествуваат во забавни активности. Понекогаш ако децата ни дадат слободна вечер, изборот ни е вино, вечера, и добар филм. Понекогаш пак, сите заедно одиме в кино.


И книгите и филмската уметност ми се голема страст. Единствениот маж во домот преферира филмови, па му даваме можност да избере да не се чувствува дискриминирано. Јас и девојките обожаваме серии, па затоа во нашиот дом сите имаат пристап до Нетфликс или ХБО. Книгите се пак сосема друга пасија, за мене идеалниот час пред заспивање или викенд без обврски. Штотуку ја завршувам „Ана“, последната книга на Николо Аманити. Имам еден тазе куп со нови книги, штотуку пристигнати, но ќе одлучам според моменталното расположение, дали следниот избор ќе биде серијата за историјата на семејството Медичи, или дистопијата „Светот што требаше да го имаме“ по препорака на ќерка ми.