Утринско кафе со Маја Мартиноски: Ме мотивираат насмевки, сакам среќни луѓе околу себе

Не сум ранобудец, па наутро отварам очи дури во 8 часот. Имам неверојатна среќа да сум мајка на 5 годишни машки близнаци кои се најдоброто „кафе“ кое човек може наутро да го расони. По дозата мазење како и поглед на рејтинзите на гледаноста на ТВ-станиците по СМС во кревет, ја окупираме дневната соба, бидејќи тато ни работи со светските берзи, па го „фаќа“ денот уште во 7 часот.  Имаме ритуал на подготовки, пиење чај и правење фризури пропратен со сериозно гласна музика и потоа летаме низ врата. Е, тогаш започнува вистинскиот предизвик, кој професионалниот и приватниот живот секојдневно го бараат од мене. Благодетот од водење на сектор за односи со клиенти и маркетинг ми предодредуваат динамично темпо кое покрај првото испиено кафе со колегите, второто секогаш им припаѓа на клиентите.

„Нилсен“ е компанијата која единаесета година ми е втор дом. Ја имам привилегијата да го работам тоа што го сакам, па времето поминато во работа ми поминува буквално во една минута. Флексибилноста да го организирам времето согласно потребите на моите клиенти ми дозволува да сум постојано активна и паралелно да работам и повеќе работи без да сум физички во канцеларија. Добрата организација на времето и обврските и мобилниот телефон се моите клучни адути поради кои успешно функционирам и професионално и приватно. Секојдневна обврска ми е да ја следам телевизиската сцена и да ја пратам гледаноста на ТВ-програмите одржувајќи постојана врска и комуникација со сите клиенти. Штом пристигнам во канцеларија ме дочекуваат неколку меил-пораки од клиенти од кои произлегуваат редовните средби во текот на денот. Генералната слика на еден мој работен ден се состои од 2-3 состаноци, 10 меил-пораки, еден конференциски состанок со моите директори Симе и Пеца, 20 телефонски разговори и едно кафе/ручек во Дебар Маало. Посветувам големо внимание на односот со моите клиенти, со луѓето генерално. Сметам дека тоа е една од најдобрите животни инвестиции.

Ме мотивираатмоите родители Димитар и Биљана Минови. Добив во наследство беспрекорен модел за справување и пребродување на сите предизвици и ситуации со кои се соочувам. Давам сѐ од себе секојдневно да ја применувам силата и самодовербата на мајка ми и мудроста и вербата во позитивноста на татко ми. Ме мотивира успех, мој, твој, сечиј. Ме мотивира нераскинливата врска со моите две сестри. Другарките кои повеќе од 20 години се мој секојдневен потсетник на вистински човечки вредности. Пријателството и релаксирачките кафе дружби со мајките од градинката „Детско Царство“ во која израснаа моите деца. Ме мотивираат средбите со клиентите на кои секогаш споделуваме и учиме нешто ново. Сакам дружење, сакам среќни луѓе околу себе, немам место и енергија за негативни нешта и луѓе. Ме мотивираат насмевки, ме мотивира пружена рака, топол збор, насмевка без причина. Се сметам себеси за исклучително среќен и ведар карактер, па мотивација црпам од сѐ што е „хепи енд“.

Секој ден ми завршува со семејството, без исклучок. Не гледам поголемо задоволство од обединување на семејството на прошетка во паркот, гимнастика на средно Водно, мини турнеја на велосипеди низ градот, паркирање пред ТВ и гледање на добар квиз, филм со чаша бело вино.. Имаме огромен број на пријатели, па така секојдневно сме во дружба со пријатели на чело со кумовите, кумашините, старосватите. Едноставно, функционираме како едно големо семејство. Неретко се случува да се собереме во нечиј дом на „кафе“и да ја дочекаме ноќта со испиени неколку чаши вино.

Многу сакам филмови. Од скоро сите жанрови. Откако станав мајка, желудникот не ми е доволно јак за хорор филмови и страшни сцени. Кога сме за викенд дома, скоро секогаш имаме филмски маратон, по ручекот гледаме еден фамилијарен анимиран филм по избор на децата, а од кога децата ќе заспијат со сопругот Горан знаеме да изгледаме еден до два добри филма.

*Маја Мартиноски, раководител на сектор за односи со клиенти и маркетинг во „Нилсен“