Утринско кафе со Маја Саздановска: Малите работи ми се движечка сила за секој нов ден

Денот гледам да го започнам со позитивна мисла, прилично рано наутро, со кратко истегнување и „спуст“ кон обврските. Кога сум на работа, првото утринско кафе го пијам со колешките Јулијана, Тереза и Ели и тоа веќе ми е ритуал. За викендите, друштво ми прави ќерка ми со непрекинато зборување (се смее).

Се трудам деновите воопшто да не ми наликуваат еден на друг. Обврската со работата е своевидна константна матрица, но тоа не ме спречува да бидам креативна остатокот од денот. Дел од плановите ми се поврзани со ќерката. Со Срна возиме велосипед, боиме и сечеме, другаруваме со најблиските и пријателите. Но, има и денови кои едноставно целосно се поминуваат во лежечка состојба (се смее).


Ме мотивираат утринските прегратки, насмевките, сонцето. Дождот ми дава посебна сила. Малите работи околу мене се движечка сила за секој нов ден. Многу сакам да читам и тоа го правам во секое слободно време. Недела е мојот ден за кино и тоа последната проекција, онаа што почнува најдоцна. Последно го гледав „Исцелител“ и сум фасцинирана.


На крајот од денот многу често имам чувство како да немам спиено два дена. Веројатно константното движење, обврските и присуството на многу луѓе во секојдневието го предизвикуваат тоа чувство, ама завршува со гушкање и галење и музика за спиење, кога сите текстови треба да се испеат пред легнување и така некаде попатно се тоне во длабок сон!