Утринско кафе со Марјан Анѓеловски: Ако немаш план, најчесто ќе завршиш во нечиј друг

Не сум сигурен колку сум вистинската личност за оваа рубрика бидејќи кафе не пијам, а и во жени не се разбирам. Сепак јас сум писател, а не психијатар. Обично се будам наутро и појадувам. Велат дека требало да се појадува како цар. Цар сум.

Сатирата може да го направи ова неше општество поубаво место за живеење. Мојата мисија да го доближам афоризмот, пред се, до помладата публика има вдахувачка моќ и буквално знае да ме покрене и во оние денови кога не ми се прави ништо. Открив дека афоризмот, како еден од најкратките и најквалитетни книжевни жанрови, може да биде во необична љубовна врска со драмата и театрската уметност и тоа за мене е одлична насока во кој правец  да ја насочам мојата писателска кариера.


Работни обврски, маркетинг, афоризми, театар, пиво, пријатели, музика, егзибициозен фудбал, некои чудни луѓе... Во денот имало време за се. Клучот е добар план и организација. Ако немаш план, најчесто ќе завршиш во нечиј друг план. Затоа луѓе мои, планирајте си го денот, месецот, годината и животот.


Денот секогаш ми завршува со самиот себе и средување на мислите. Обично најмногу пишувам ноќе. Затоа и преку ноќ станав писател.

Читањето на  книги направи најпозитивна промена во мојот живот. Читам секој ден. Сета мудрост на светот, сите среќни, успешни, тажни и инспиративни приказни ни се достапни денеска. Зошто да не би го прочитал тоа?

(Марјан Анѓеловски - сатиричар)