Утринско кафе со Мила Виклео: Се инспирирам за промени

Мојот ден започнува многу рано, околу 5 часот, а ако се успијам тогаш сигурно гледам цагер 5:55 •. Првото утринско кафе го пијам сама, на раат што би се рекло, додека сите спијат, односно додека другиот ранобудник во фамилијата не викне МАМААААА. Тогаш веќе се сѐ раздвижува по дома и официјално почнува денот.


Како мотивациски говорник сметам дека мотивацијата е многу важна во секој аспект од животот. Верувам дека не постојат мрзливи луѓе туку луѓе кои не се мотивирани. Најголема мотивација наоѓам во Виктор и Леона моите мали а големи учители. Иако дојдоа предвремено на овој свет тие ме научија што е безусловна љубов, тие ми покажаа што значи храброст, што значи да се бориш од првиот ден и да му погледнеш на животот во очи. 


Што значи да сакаш да живееш. Затоа и токму нив им ја посветувам мојата прва книга „Инспирирај се за промени“, која е издадена од Антолог книжевен центар и за која промоцијата е закажана на 21 март на денот на пролета, на денот на будење на природата.


Мојот ден трае долгооооооо, како вработена во Шпаркасе банка 8-9 часа сум целосно посветена на работните обврски во истата, потоа се посветувам целосно на моите деца кои се прво и второ одделение. Кога тие ќе си легнат, а тоа е 8 часот, тогаш гледам да ги завршам „женските“ работи по дома. Бидејќи сум голем перфекционист тоа ми одзема и малку повеќе време, но го работам брзо за да имам време да се препуштам на она што вистински ме исполнува. Пишувам кратки и подолги текстови на моите две страни МАГИЧНИ ПРИКАЗНИ и Mila Vikleo. Пишувам книги кои сè уште не се објавени и си ги осмислувам моите наредни настани.

Читам многу книги коишто се секогаш со различна тематика во зависност од тоа во каков mood сум •.

Викендите ги користам да бидам со пријателите и фамилијата, но и за одржување на моите мотивациски предавања и работилници за личен развој.

За да постигнам се, понекогаш и се откажувам од нешто, но, никогаш од тоа што ме исполнува и што ме прави среќна мене и блиските околу мене.


*Мила Виклео, Банкар, Автор на книгата Инспирирај се за промени, мотивациски говорник и тренер за личен развој