Утринско кафе со Радмила Димовска: Ме мотивира мојата работа

Првото утринско кафе не го пијам. Не сум љубител на кафето, меѓутоа ги почитувам тие што го пијат, па неретко им правам друштво, на мојот партнер или моите родители, најчесто со татко ми, со кого дискутираме за новините во медицината и стоматологијата. Кафето најчесто го заменувам со чај или цеден сок од портокал. Другарките се неизоставен дел од моето секојдневие, кафето некогаш се пие во некое кафуле, некогаш покрај телефон.


Ме мотивира мојата работа, моите пациенти. Нема поголемо задоволство од тоа да видите среќен и задоволен пациент како се гледа во огледало, гледате како си ја враќа самодовербата, повторно се смее со широка насмевка. Посебен мотив ми даваат моите пациенти со расцеп, кои ги лекувам од најрана возраст до нивната 18 -19 година, кога го гледате нивниот развој и ја коригирате природата, носејќи насмевка на нивното лице.


Дневните планови се првенствено врзани со работните обврски, ординацијата, стручни дискусии со колегите. Неретко по завршувањето на работата одиме некаде на ручек, сами или со пријателите. Сакаме добра музика, па често посетуваме и концерти. 


Слободните викенди ги користам со партнерот да бидеме сами и да избегаме некаде каде што ќе ги наполниме батериите, додека средите се секогаш резервирани за моите пријатели од Ротари Клубот Камен Мост, исполнувајќи ја обврската да ја помагаме несебично на заедницата на која припаѓаме.


Вечерта е резервирана за мојот партнер, дискутирајќи за денот што поминал и натамошните планови. Зависник сум од серии, но најчесто заспивам пред телевизорот.


Страстен филмоман сум. Најчесто ги гледаме филмовите во кино, бидејќи ништо не може да ја замени магијата на кино салата.Сакам да читам и тоа многу. Љубовта кон книгите ми ја всади мојата мајка од мали нозе.Најчесто читам кога сум на одмор,а во останатото време се дружам со стручната литература која е неизоставен дел, бидејќи толку многу оди стоматологијата напред што мора да се биде постојано во тек, ако сакаш да останеш на врвот.


*Д-р Радмила Димовска, др.сци Специјалист по ортодонција

ПЗУ КРУНА МС- Скопје