Утринско кафе со Шкипе Мехмети: Ме мотивира животот

Неодамна се вработив во Националната галерија на Македонија. Така што првото утринско кафе го пијам со колегите на работа или со пријателите во време на паузата. Го сакам тој медитерански, јужен, топол и длабоко човечки обичај да се пие кафе со пријатели. Тоа пиење кафе со драги луѓе е добар почеток на денот.


Ме мотивира животот. Драмата на животот која е понекогаш видлива, полна со врева и бес, а понекогаш скриена од погледите, тивка и тајна. Како уметник го чувствувам интензивно, можеби поинтензивно од другите, случувањето на животот. Како што ја чувствувам и природата околу мене со сите нејзини манифестации - ветрот, дождот, облаците, бурата, менувањето на годишните времиња, течењето на времето… Сметам дека е тоа важно за некој кој е уметник. Тоа чувство на поврзаност со светот, а воедно, и таа осаменост во светот.

Ме мотивираат секако и книгите што ги читам, уметничките слики и филмовите што ги гледам. Сето она наталожено знаење и искуство во уметничките дела и имагинацијата на големите мајстори на пишаниот збор и визуелните уметности. Ме мотивираат и разговорите со пријателите за тие книги, уметнички слики и филмови, секако.


Најчесто го следам течењето на животот не правејќи однапред некои големи планови… Сега, откако работам, имам помалку време и сосем поинакви работни обврски од претходно кога бев слободен уметник. Значи, голем дел од денот ги извршувам своите работни обврски во Националната галерија. Остануваат само вечерните часови за креативна работа или за културни активности и забава. Во сета таа динамика на секојдневието сѐ уште успевам некако да се снајдам. Всушност за жена уметник овде кај нас е навистина тешко да најде рамнотежа меѓу семејството, работните обврски, потребата од култура, личното усовршување и креативната работа на своето уметничко творештво.

Се обидувам да ги посетам сите значајни културни настани и манифестации во градот како што се изложби, концерти, филмски проекции, театарски претстави… Да бидам во тек со нештата и случувањата…


Вечерите ги минувам активно, понекогаш со пријателите или дома одморајќи се или обидувајќи се да работам на своите проекти зошто тоа е единственото време кога можам целосно да си го посветам на себе и на семејството. Оттаму и навиката да седам доцна во ноќта. Времето бргу минува, а има толку многу нешта што треба да се направат.

Да. Јас сум голем љубител на книгите и филмовите. Уште од малечка ги засакав книгите. Читам кога можам и колку можам со страст. Одамна како сум маѓепсана и од филмот. Постојано слушам одбрана музика. Филмот, музиката и книгите се нештата без кои, верувам, животот би ми бил сиромашен и би ја немал онаа блескава и таинствена аура што уметноста му ја дава.