Утринско кафе со Тина Мицковска: Сакам да правам добрина секој ден

Првите минути кога ќе се разбудам, уште не знам кај сум, бидејќи мозокот непрекинато ми работи и кога спијам, па очи отворам секогаш уморна. Утринското кафе не е баш секогаш утринско, затоа што повеќе сакам денот да го започнам со цеден портокал, па дури потоа да внесам кофеин. Ако сум дома, кафето го пијам со моите домашни миленици (сè уште чекам мојот мачор да прозбори, па да стане светско чудо и да се збогатиме хахаха). Доколку сум излезена, најчесто кафе пијам со некој од блиските соработници, споделувајќи креативни идеи и подготвувајќи некој нов проект.


Ме мотивира секој ден да направам по некое добро дело. Знам дека можеби звучам стереотипно, но кога поседуваш емпатија, залагањето за подобро општество и помагањето на послабите е нешто што ти дава мотивација да го промениш светот околу тебе.


Периодов снимам нова емисија за миленици заедно со Марко Марк и мислам дека тоа е она што одамна му фалеше на македонскиот телевизиски етер- 60 забавни минути посветени на најдобрите човекови пријатели. Ме очекува и уште една убава работа поврзана со животинки, па најчесто денот го користам за истражување и подготовка на нешто што верувам многу ќе ги израдува жителите на Скопје, особено оние најмладите.


Вечерта секогаш ми е резервирана за најблиските и најсаканите, во последно време сме опседнати со друштвената игра Ticket to ride и постојано се натпреваруваме кој ќе победи (воедно ја препорачувам на сите како добар начин за забава и релаксација). За викенд често се случува да пуштам музика во некое од скопските кафулиња, па така си спојувам ем работа, ем излегување.


Книги читам секогаш кога имам слободно време, последниве години повеќе сум концентрирана на македонски автори, затоа што имаме навистина квалитетни писатели. Би ја препорачала „Резервен живот“ на Лидија Димковска која ги освои сите можни награди. Пријателите знаат да кажат и дека сум филмоман, па така ми се случува да изгледам и по 3-4 филмови во една вечер, а секако опседната сум и со добри трилер/мистерија серии, кои се најголеми виновници за мојот сон сведен на минимум.

Тина Мицковска- Новинар и ПР на Пиволенд, Баскерфест, Вино Скоп и диџеј