Утринско кафе со Весна Поповска: Ме мотивираат луѓето

Денот започнува со првото утринско кафе, кое обично го пијам сама, додека се подготвувам за работа и наизменично проверувам мејлови или потсетници кои би требало да го најават текот на денот што следува. Тоа е краток период од денот кога сум сама со своите мисли и кога можам да се фокусирам на приоритетите кои треба да се најдат први на листата од обврски кои треба да се завршат. Веднаш потоа, следува второто утринско кафе во канцеларија кое се пие заедно со тимот во Хибрид Медиа. Тоа е нашиот ритуал кој досега се покажа дека одлично ни влијае на сите. Тогаш се прави планот за тековниот ден, ги делиме задачите, разменуваме идеи и креатива и веднаш потоа почнуваме со работа.


Она што ме мотивира се луѓето. По природа сум друштвена личност и мојот круг на пријатели е прилично голем, што ме прави особено среќна. Деновите се исполнети со многу средби и разговори, дел со моите колеги, соработници или клиенти, дел со моите пријатели. Уживам во нашите разговори, бидејќи тоа е она што ни е потребно на сите. Некој да те ислуша, советува, па дури и критикува кога грешиш. Верувам дека од секого може нешто да се научи. Само доколку внимателно слушаш, ќе разбереш многу повеќе работи од тоа што соговорникот ќе ги каже. А тоа може да биде многу мотивирачки и инспиративно.

Јас сум од оние луѓе кои никогаш не се штеделе кога е работата во прашање. Сакам да работам, уживам додека го правам тоа и обожавам предизвици. Среќна сум поради тоа што одбрав професија во која целосно се пронаоѓам. Хибрид Медиа е производ на она што од секогаш сум сакала да биде дел од моето секојдневие. Обврски има прилично многу, од организација на дневните задачи, реализација, проверка на тековната работа и се останато што ќе се појави непланирано.

Маркетингот е креативна и динамична професија и според мене најинтересниот дел е во тоа што секој ден е различен и токму затоа е поинтересен.


Денот завршува многу доцна, бидејќи реално она што го работам и нема крај на работното време:)

Ја користам секоја прилика кога сум во можност да се видам со пријателите. Со оглед на нашите обврски во текот на денот, најчесто вечерта е резервирана за средба со нив.

Крајот на денот е резервиран за читање. Обожавам книги откако знам за себе и тоа е најубавиот одмор од секојдневието. Сосема друг свет, каде потонуваш во нечија туѓа идеја, создавајќи своја верзија од истата…

Сакам европски филмови, сметам дека постои многу уметност во нив. Обожавам драма и трилери, што некако во последно време најмногу го среќавам во шпанските и француски филмови.


Иако, кога е во прашање избор помеѓу книга или филм, секогаш одбирам книга. Дава многу повеќе простор за размислување. Веројатно затоа што не сум човек кој ги сака работите сервирани, повеќе сакам да се потрудам сама. Можеби е тоа потешкиот дел, но задоволството од ефектот е секогаш поголемо.