Анонимноста како параван за простотилак

Добивај вести на Viber

Ја мислам темава веќе 2-3 недели, а повод ми беше кога наша позната/јавна личност на инстаграм одлучи (доста храбро, иако не знам што и’ требаше тој луксуз) да дозволи јавно да и’ се поставуваат прашања. Е сега, ова и не би било толку многу чудно, доколку се’ си беше транспарентно од аспект на идентитетот на оние кои ги поставуваа прашањата. Но, овој пат беше вклучена опцијата анонимно да си прашаат луѓето се’ што ги интересира. Уште кога видов каков десерт им дава на душегрижниците ми беше јасно на каде ќе оди сето тоа, ама си реков (познавајќи ја колку е интелигентна) дека знае што ја чека. За жал, моите претпоставки излегоа точни и тоа скоро со 100 од 100, или поточно, предвидувањето дека од сите можни работи кои таа жена ги споделува на својот инстаграм профил, сите ќе се фатат за нејзиното дете и спалната соба. И додека ги читав прашањата, можев да почувствувам како топка горчина и блуеница ми се качува од желудник нагоре, до грлото. Пред да ви опишам на што личеше тоа, само да ви кажам дека секој пат (колку и да се повторува тоа) запрепастена сум од жедта да се влезе со валкани кондури во нечиј живот и да се гази дур не стане мочуриште. И сега ќе речете оти сама си го барала, ама пред да си/им дадете оправдание на оние кои немаа усул, да расчистиме една битна работа.

Муабетов е за жена која никогаш не криела која е и што е, која кога застанува зад некој бренд тоа го прави со цела одговорност кон оние кои ја следат (а се околу 52-3 илјади) и која за ниту една пара нема да ви продава пуфки за да ве навлече да купите нешто што и сама не го користи или е незадоволна од производот. Муабетов е за жена која од мали нозе сама си заработува за живот и која не зависи од никого. Ова последново добро запомнете го, оти е важно за подоцна. Муабетов е за жена која си го живее животот по свој терк и која не се срами да е она што е, дури и тогаш кога е свесна како тоа изгледа во очите на другите. Муабетов е за жена која ја користи својата популарност за да постира апел за донации за нечија операција, помош од било кој вид и поддршка. Воедно, една е од ретките која нема влакно на јазикот и која кажува она што мисли, а не она што се очекува или е политички коректно да биде кажано. Со еден збор, жена која е растеретена од “рекла-казала”, но која знае да ве стави на свое место доколку и’ стапнете на жуљ. Ми текнува на нејзината решеност да стави крај на јадењето гурабии на еден форум, во кој беа саде “прибрани” жени со ореоли на главите. На истиот тој форум еднаш и мене ме имаа изџвакано (ми ги пратија муабетите), па дознав се’ за разводот и ќерка ми оти нели, сите знаат поарно од нас што ни се случува. Патем речено, нејзината детерминираност да стави знак СТОП за мастурбирањето врз приватноста вроди со плод и темата на форумот беше затворена (на голема жал за учесниците, се разбира). Ова ви го кажувам само за инфо дека знае каде се границите и кога се ставаат. Она што е исто така многу интересно е дека и на тој форум сите беа анонимни.

Да се вратам погоре малку. Кога напишав дека е многу важно да се запамети тоа дека се’ што има заработено е со свој труд и со напорна работа, мислев на тоа дека кога ќе биде направено некое интервју со неа или ќе се стават слики од нејзиниот одмор, стан, живот, стално има коментари како го заработила тоа. Инсинуациите кои ги даваат мажите оти жена не може да биде успешна и да има материјални добра ако притоа нема некој јак “спонзор” се веќе видена работа. Гнасотилакот е кога жените ставаат лајкови на таквите коментари и кога се надоврзуваат како своевиден натпревар со мажите кој ќе е поинвентивен во простотилакот. Како да забораваат во какво општество живееме и дека утре и самите тие или нивните ќерки ќе бидат изблуени. Дел од тие жени (поразувачки факт) се’ уште бараат пари од мажите дома за едно кафе или влошки за мензис, друг дел се едноставно згрозени од нечиј стил на живот. Како некој заработува е негова работа дур плаќа данок и не ви влегува по дома за да ви земе нешто. Никогаш не ме интересирало да пикнам нос во нечиј живот и затоа плескам туѓи носеви кога ќе ги најдам во мојот. Едно време си велев дека ако игнорирам ќе спласнат муабети и дрндања, ама после ми стана јасно дека “сврти го и другиот образ” е само амин за да земат уште поголема сила. И да, функционира. Да видите како се чувствуваат обесправено и нападнато сите кои си дале слобода за да ви про*ераваат по профил, пораки, коментари и портали а ги подберете на истиот начин кој тие го примениле.

Не, не е сеедно кога станувате таргет на нечија злоба. И не е тежината во тоа дека ќе си прочитате некаде работи за себе од кои ви се приповраќува, туку кога станувате свесни дека тоа ќе го читаат вашите деца оти интернетот е вечен. Е, драги мои...кога е во прашање здравјето на ќерка ми и тоа не само физичкото туку и менталното, врз кое може да се одрази злобата на другите, немам милост и поддржувам секакво отсуство на истото. Поточно, ако некој не ви се допаѓа ич не го гледајте, не го следете, кажете дури и јавно дека не ви се допаѓа она што го работи. Ама точката да е тука, а не да ставате запирка и да навлезете во една друга димензија која се нарекува “е сега ќе видиш што се’ можам да кажам и изнакажам за твојот приватен живот”. Ви текнува на играта сакате ли војна? Е, тоа е тоа.

Многу пати имам пишувано за отсуство на женска солидарност која лично многу ме погодува затоа што живееме во машки свет. Дури и сум била нападната дека темата за “жена на жена и’ е волчица” била поткопување на жените и нивните права. Ма немојте! Се стои зад жена, особено ако сте жена. Секој удар врз било која од вас е удар и за мене. Секој коментар кој се однесува на вашата чесност, морал, сексуална ориентација, одлука да се има дете или не без оглед дали е во брак или вон, е неуспех и за мене како жена. Додека не научиме да стоиме една зад друга, прашање е дали ќе успееме да се издигнеме врз идејата дека жената е послабиот пол.

И да, редно е да се поработи на анонимноста и на луѓе и на портали. Време е да се открие точно кој што кажува, дали навредува, дали клевети и шири невистини/злоба. Можам да се опкладам дека ако се сите натопорени со имиња и презимиња, ќе подразмислат што зборуваат и на кој начин си го кажуваат мислењето. Кога ќе профункционира тоа дека ќе лапаат тужби за јавни навреди, ќе ни се намали и простотилакот кој сега за сега е основа на душевната храна кај многумина.

Слободата на говор е света работа. Но, тенка е границата меѓу демократија и анархија, па затоа имате безобразлук затскриен поради оправдување дека “имам свое мислење”. А мислењето е како задникот, не се (по)кажува секаде. Простотилакот да си го чуваме за муабет во 4 очи со најблиските, оти кој што си зборува и прави дома е нешто врз што не ни треба да се има контрола. Ама кога излегува надвор, тогаш е веќе атак. Запомнете, животот е маратон во кој некогаш сте први, а некогаш последни во трката. Кога сте назад, добро е да имате некој кој ќе ви даде рака и ќе ве повлече понапред, без сопки и без работење зад грб. И за крај, имајте на ум дека жените кои им ги местат круните на другите жени кои се паднати на колена, се скапоценост. Изборот е ваш.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Да си гледаш чергата чупе

И под неа ѓубре да не збираш

Метла купи си

Од оние старите

Со долга дрвена дршка

И ако те бива ем ќе зачистиш

Ем ќе си се кикотиш на своја сметка

Оти и да леташ на неа можиш

Остај ги модерниве машини

Демек смукале прашина ко душа да смукаат

Та ги гледам по телевизиине

Како за пет минути се’ можело да светни

Ти метла да си земиш!

И по дома со неа да чистиш

И во себе некојпат

Околу себе ко ќе треба

Оти ѓубре и во тебе и околу тебе се збира

Ете така да си знајш

Чоек ко си чисти редовно в куќа и пред порта

Нема време со туѓото ѓубре да си ги валка рацете

Не биди љубопитна да ѕирниш кај комшиите

Или не дај Боже кај нив да сакаш да заметиш

Ете зато во секој дом мора метла да има

Оти секој знај ум да дава секому

Та вака требало да се кажи

Та онака требало да се напрај

А да ги потпрашаш

Никој кај себе не си чисти ко шо треба

Ќе изнапикаат се’ и сешто под ќилими

Ќошојте полни лоши мисли

Во плакарите сеништа од минатото

Ама сите паметни кај другите како треба

Не туку ме гледај така и ум бери

Метлата в раце

Шо почесто, то поубо за тебе

Мрза да не бидиш

И да видиш како ќе засветиш

И ти

А и куќата ќе си ја спастриш

Она шо мака на срцето ти прај

И на градите ми ти тежи

Со метла да го подбериш

И одма в канта да го фрлиш

И не туку се пули во туѓото ѓубре

Ниту таму работа имаш

Ниту да даваш твоето друг да го чисти

Засукај ракајте

Спастри косата и почни

Првото чистење е најтешко

И најдолго трае

Ама па ако си мудра

Секое следно полесно и пократко ќе е

И на душичето леко ќе ми ти стани

Туку вие младите неќите така

Вие сакате се’ ко мачката со опашката да прајте

Вклучи струјата и ајт

Набрзина се’ ќе се зачистело

А ништо на овој век шо е брзо не е арно

Зато и животот така ви минва

Брзај ваму

Да стасаш онаму

Ко муви без глај трчате

Да не се знаело како метла в раце се држи

Демек модерни а ваму несреќни

Чергите да си ги гледате

И нозете да ги пружите толку

Колку што чергите долги ви се

Ни појќе ни помалку

Без да аздисувате метлите в раце да ги фатите

И душите да си ги заметите

Ако сакате со лезет и убост живот да врвите