На „Златна бубамара“ беше откритие, а сега ќе нè претставува на „Белградска пролет“: Интервју со Ана Петан, музичка надеж на македонската сцена

Добивај вести на Viber

Пошироката македонска јавноста имаше можност да ја запознае, при тоа да ги чуе нејзините вокални способности на сцената на „Златна Бубамара на популарноста“, каде ја освои наградата „откритие на годината“. Награда која изминатите години ја добиваа музички имиња кои оставија длабок белег на македонската музичка сцена.

Ана Петановска со уметничко име Ана Петан, заслужено ја доби оваа награда, а тоа го оправда со музичкиот перформанс заедно со легендарната Зорица Поп Панкова и фанк поп евергринот „Диско пар“.

Но зад оваа млада и перспективна пејачка се крие голем музички талент кој почнала да го развива уште од многу мала. Иако професионалната ориентација е психологијата, успева да воспостави баланс помеѓу музиката и професијата.

Пред неа овој месец е голем предизвик, кој со задоволство го прифатила. „Белградска пролет“ фестивал на кој по втор пат ќе се појави и ќе ја направи горда нашата земја.

Иако се „Златна Бубамара на популарноста“ се одржа пред месец и половина, импресиите сè уште тлеат, па еве како тие изгледаат преточени во зборови:

„Голема чест и задоволство беше да се биде дел од таа сцена и манифестација. Навистина емоциите се сè уште силни, се чувствувам пресреќна и многу ми значи тоа што бев таму, меѓу другото беше голем чекор за мене, чувствувам голема одговорност и навистина ми претставува нешто посебно за мене“.

View this post on Instagram

A post shared by (@zlatnabubamara)

„Зорица е многу забавна и легендарна личност. Околу неа имав чувство дека добивам една толку нежна и мајчинска енергија. Извонредна и единствена на свој начин и се чувствувам гордо на себе што имам признание од такви великани на нашата сцена, но и пред сè од луѓе прекрасни како нив!“.

Фото: Вангел Тануровски

Уште како мала безрезервна поддршка добивала од нејзините родители и професори со кои го развивала талентот за музика, а до неа, и братот Стефан кој гордо го чува нејзиниот грб.

„Почетоците можам да кажам дека беа од моите родители и училиштето. Моите наставници и професори беа првите кои влијаеа многу врз мојата желба и развивањето особена љубов кон пеењето, имено во текот на моето основно образование кога почна да се развива свеста за овој талент. Со мојот брат Стефан, кој ми е најголема музичка и морална поддршка, сме растени со музика. Понатаму, родителите ме поддржаа максимално во музичката желба, во тоа да започнам да се занимавам со соло пеење, па така некако природно почнаа да се нижат искуствата со музиката“.

Музиката како терапија, вака некако Ана поставила рамнотежа помеѓу двете работи кои сака да ги работи во животот.

„Пеењето е нешто што постои во мене и се трудам да го негувам и да го изнесам како и технички, така и од срце, па така и со психологијата, двете секогаш некако природно си парираат и се усогласуваат. За многумина, како и мене во мојот случај, навистина музиката има огромно влијание во животот и им претставува вид терапија, нè поврзува едни со други и создава топол комфор за секој. Општо слушањето музика е често едно интимно и индивидуално искуство што секој си го вклопува во секојдневието за поубав ден“.

Ана Петан име кое и се допаднало кога испратила песна на фестивалот „Белградска пролет“, а тоа одлично звучело како прекар и го задржала како некој вид уметничко име како артист по кое ќе биде препознатлива.

Фото: Вангел Тануровски

Кон крајот на месец април, ќе биде дел од музичкиот фестивал „Белградска пролет“ кој традиционално се одржува во српската престолнина. Нашата Ана настапи и минатата година, а тоа и овозможи да биде во друштво на музички имиња кои уживаат во врвот на нивната кариера.

„Да, навистина беше едно супер искуство. Имав шанса да запознаам многу прекрасни луѓе и еминентни имиња како Гоца Тржан, Јелена Томашевиќ, Тијана Богичевиќ, и други. Фестивалите од ваков тип имаат многу убав шарм и традиција, да се биде на сцената е задоволство. Изборот на песна за оваа година е жанровски поразлична од „Балада за ангелите“ (со која се претставив минатата година) и едвај чекам да ја изведам во живо. Верувам дека и оваа година ќе е возбудливо како и минатата“.

Настапите од ваков карактер се отскочна даска за секој еден млад изведувач, каде може да биде препознаен неговиот талент, а потоа да го вивне високо до ѕвездите.

„Сметам дека ваквиот тип настани се добри искуства за еден соло пејач, бидејќи соработката со другите, подготовките околу настапот, самиот ангажман се самите доста големи бенефити. Од моето досегашно искуство, познанствата и жанровскиот стил на песните може да влијаат во однос на пробивањето, а и секако, треба да помине некое време додека се оствари целосниот впечаток кај публиката надвор од Македонија“.

Човекот кој е нејзина верна поддршка и „ветер во грб“, но и човек со кој се надополнуваат, е нејзиниот брат Стефан кој исто така е музичар.

„Со Стефан сме неразделни, можам да кажам дека тој е мојата најголема поддршка и мојот идол. Со него сме проаѓале секакви ситуации и проекти, секогаш ми бил „ветер во грб“ и светлина на патот, и на музички, како и на личен план. Секогаш за многу прашања, како и секако, за музиката, се потпирам на неговиот критериум и во проектите што ги работиме заедно имаме интересно вклопена динамика на начин што вешто се надополнуваме меѓу себе“.

Музиката е сè присутна во животот на Ана, но има денови кога не е на сцената, не треба да размислува на тоа како изгледа, па едноставно се препушта на секојдневието на една обична девојка.

„Ана приватно е многу е слична со Ана на сцена, обожава природа и животни па еден дел од активностите на приватен план се проаѓањето време во природа и дружењето со пријателите и семејството, што ми е секогаш одмор и награда. Студира психологија паралелно на музичките ангажмани и е голем љубител на кафе!“.

Вети дека блиската иднина ќе биде полна со музика и нови авторски проекти, но и настапи во регионот.

„Оваа година во претстојните месеци нè очекуваат повторно настапи на фестивалите во Белград, Шибеник, Тиват и за првпат во Сплит! Ќе има доста авторски материјали, како и концерти и други големи и помали музички проекти, но најскоро сега следува повторно „Белградска пролет 2025“.

Габриела Додевска Глигоровска