Фуриозно до врвот - момчето со инструментот кое прави чуда: Интервју со Мишел Трајковски, виртуозот на хармоника

Со неговиот
талент, скромност и позитивност ги освои срцата на публиката. Уникатноста на
неговото музицирање на најразлични жанрови и доближување на специфичните
музички стилови, преку ноти отсвирени на хармоника, си го загарантира местото
во првите помеѓу музичарите на нашата естрада.
Мишел Трајковски талентирано момче кое може да го видиме во најразлични музички проекти со голем број музички и актерски легенди, но и онаму каде што најмалку очекуваме дека може да се појави.
Со неговата хармоника свири, забавно, народно, поп, рок, џез, се што има ноти, Мишел го претвора во убава музика за слушање.
Уникатен е и по неговото име кое го носи од неговиот дедо, кое само добило некоја помодерна варијанта.
За детството, музичките проекти, девојките, неговиот брат кој исто така е уметник, но и за познанството со Андреј од ДНК ви откриваме во интервјуто.
Има само 30 години а веќе богато портфолио во светот на музиката. Мишел Трајковски е момчето со хармониката кое прави чуда, од соработки со еминентни музички имиња од македонската забавна и народна сцена, преку авторска музика и албуми, па се до музика за филмски проекти. Верува во себе и она што работи, па и затоа е успешен.
- Постои една изрека која вели „внимавајте што посакувате, големи се шансите истото да ви се оствари“. Па затоа внимателно, но со огромна радост можам да ги споделам сите оние убави и релизирани музички остварувања. Животот е полн со изненадувања, силната верба кон бога, чесната и чиста мисла кон она кое го работам ме води кон непречена реализација на идеите кои пловат низ моите мисли.
Првиот јавен настап на Мишел бил во 2002 година на патрониот празник на основното училиште „Страшо Пинџур“ каде што учел и од каде ги има најубавите спомени од детството.
- Се сеќавам на тој период од животот, каде што научив да ги пишувам првите букви од азбуката, а воедно и првите ноти од музичката скала. Тој ден свирев валцер од книгата „Албин Факин“.
Мишел со хармониката се запознава на 7 годишна возраст и од тогаш активно го вежба својот талент. Поддршката за неговиот избор ја имал од неговите родители.
- Талентот за музика го препознале мојот татко и мојата мајка. Нивниот магично – педагошки пристап кон целиот тој процес на креирање музички топол амбиент во нашиот дом, мошне сериозно ме доближил до корените, љубовта кон македонскиот фолклор и генерално кон инструментот наречен хармоника.
Талентот е само првиот чекор.
Паметам за време на летните и зимски распусти, вежбав по три ипол часови наутро и три и пол часови попладне. Посетував приватна настава за хармоника, а потоа во средното музичко училиште поминував од 10 до 12 часови во денот, а за време на викендите го посетував културното игроорно друштво „Кочо Рацин“.
Често го гледаме во работно друштво на актерката Јана Стојановска, нивната соработка започнала уште во 2018 година, кога таа била дел од неговиот видеозапис за „Тарантино Џез“.
- Оваа година ја снимивме нашата авторска песна со наслов „Весник“. Го создадовме џипси бендот „Скопје Виа“, со кого настапивме на концертот на легендарниот Раде Шербеџија во Македонската Филхармонија.
Особено ми е драго гостувањето во Белград на „Глумците пеат“ во Атеље 212 каде што имав можност да ги запознаам едни од најголемите актери од југословенската сцена Светозар Цветковиќ, Горица Поповиќ, Аљоша Вучковиќ и многу други. Наскоро ќе објавиме и нова студиска песна со Раде Шербеџија, јас сум задолжен за аранжманот. И секако следува и ново хитче со Јана и „Скопје Виа“.
На неговата хармоника може даги отсвири сите жанрови. Но она што сака да го постигне тој како музичар е „урбанизирање“ на овој инструмент и доближување до помладата публика.
- Хармониката како инструмент располага со можности за интерпретација на секаков стил, во разни музички жанрови. Работам на „урбанизирање“ на инструментот хармоника во Македонија.
Ако некогаш во минатото хармониката важел за инструмент кој се свирел само на куќните слави и игранките на некоја полјана денес сè почесто го сретнуваме во разни музички жанрови. Истиот го применувам во македонските етно ресторани, потоа во џез композициите, забавната поп – рок-музика како и на филмската и театарска сцена во Македонија.
Свое деби имаше и во филмскиот свет со песната „Ќе те женам, ќе те сменам“ песна која беше звучен запис на филмот „Те дуа жими мене“.
- Песната ја создадовме заедно со Маестро Игор Џамбазов, за филмот на Марјан Гавриловски „Те дуа жими мене“. Јас ги создадов музиката и аранжманот а Џамбаз текстот.
Кога создавам одредено дело воопшто не размислувам на моментот дали нештото ќе биде повеќе или помалку комерцијално. Мојот фокус е насочен на квалитетот на звукот и квалитетниот начин на интерпретацијата. Силно верувам во тоа дека квалитетното парче музика ќе допре до вистинските слушатели. Песната помина одлично и веќе правиме и верзија на француски јазик.
Мишел има брат кој исто така е талентиран уметник, режисерот Гоце Трајковски. Гордо зборува за него, поддршка си се еден за друг, заемни се критиките и братските совети.
- Гоце Трајковски е мојот брат, дипломиран филмски режисер кој лани со свое филмско парче беше дел од еден од најпрестижните фестивали, а тоа е Канскиот филмски фестивал во Франција. И двајцата сме големи критичари кога е во прашање работата и она кое го создаваме. Знаеме понекогаш да се скараме но за 5 минути сме веќе најдобри другари. (се смее) Најбитно од се е дека се заложуваме за финален производ со сите нишани.
Иако хармониката е тешка 13 килограми, Мишел вели дека досега немал тешкотија која ја почувствувал на неговото тело, затоа што редовно спортува.
Создавањето на музиката е процес, главно е да се има инспирација. Уметноста на љубовта кај него ги поттикнува „пеперутките“, а тие пак се муза за музичарот којзнае дека е време за создавање нова композиција.
Кога не е на настапи и нема ангажмани, се опушта со филм и книга.
- Кога ќе започне сезоната темпото на работа е многу динамично и секое слободно време го користам за гледање филмови и по некоја книга. Нешто последно кое сериозно ми го задржа вниманието беа драмите од Горан Стефановски – „Дупло Дно“ и „Хај Фај“.
Неговото име го прави и уникатен, бидејќи не е често. А еве ја приказната како го добил името.
- Името го добив по мојот дедо Мишо. Но веројатно станува збор за надграденаа верзија и согласно кумовата тајфа и фамилијарниот одбор, едногласно се донело одлука за внатрешна и надворешна меѓународна употреба на името Мишел, по Уставен закон. (се смее)
Хармониката го освоила со нејзината способност како испушта убави звуци, па така се заљубил во овој инструмент. Но што е со девојките. Мишел вели очите и насмевката на една жена кажуваат сѐ за неа.
- Девојка со силни амбиции, креативност и самодоверба. Партнер кој е секогаш подготвен за остварување на нови заеднички цели. Нејзините очи дефинитивно, а потоа насмевката. Погледот – очите и насмевката говорат сѐ!
За периодот
кој следи подготвува неколку летни хитови, но и авторски албум со
инструментална музика, како и соработки со странски изведувачи.
Пред неколку месеци Мишел беше дел од песната и спотот на ДНК за песната „Чаршија“. Мишел имал можност да се запознае и да се дружи со Андреј, кому му посвети длабоки и емотивни зборови за неговата прерана смрт. Еве како ќе го памети …
- Ќе го паметам само по убавите нешта. Ќе ги пееме неговите песни, и ќе го споменуваме како пример за тоа како еден уметник умешно опстојувал и се борел на естрадата дури и во најтешките денови на македонската музичка сцена.
Габриела Додевска Глигоровска