Отидов да ги посетам музеите во Холандија и сама си ја скроив судбината - Маја Апостолоска открива зашто децата кои живеат во оваа земја се најсреќни

Добивај вести на Viber

Маја Апостолоска, уметник, графички дизајнер, архитект и естетски советник, како и колумнист во Интернационалниот Магазин EYS, родена во Скопје, денес живее и твори во Холандија со својот сопруг и три деца. Маја има 41 година и по завршувањето на Ликовната Академија во Скопје, го започнува својот уметнички пат во Холандија. Таму има реализирано интернационални изложби, како и самостојни изложби во Белград, Нови Сад и Скопје. Повеќе години е активна во сликање портрети и изработува архитектонски цртежи во рамките на градежната фирма што ја води со сопругот.

-По завршувањето на Академијата, решив да патувам и да ги посетам музеите во Холандија. Но, судбината си ја скроив така што останав тука да живеам и да творам.Се наоѓам во многу убава фаза во животот, кога моите деца се веќе големи и не се зависни од мене, што ми овозможува да се занимавам, покрај работата со фирмата и сликањето на слики, порaчки и портрети, додава таа.

Преку својата работа во Холандија, Маја открива дека клуч за успех во уметноста е постојано учење, посветеност и следење на новите трендови.

-Важно е да се создаде мрежа со други уметници и луѓе од индустријата, кои ќе помогнат во развојот на кариерата. Освен тоа, за мене, најважно е да работам на нови идеи и да бидам постојано предизвикана, објаснува Маја.

Од својот живот во Холандија, Маја истакнува дека образовниот систем е еден од главните фактори што ги прави децата таму среќни.

-Децата во Холандија растат независни, учат да се грижат за себе и да носат одлуки од рана возраст. Во овој систем, децата се учат на самостојност, одговорност и емоционална сигурност. Тие развиваат самопочит и се учат да бидат одговорни од мали нозе- вели Маја.

-Системот нагласува не само академски успех, туку и развој на лични вештини, критичко размислување и емоционално здравје. Образованието во Холандија е флексибилно, и секое дете може да се развива по свој темпо, што им овозможува да бидат исполнети и задоволни со својот напредок, додава и наглсаува дека децата се поттикнувани да учат со радост, а активностите како спорт и пливање играат важна улога во нивниот физички и ментален развој.

Нејзиниот поглед на животот во Холандија ја открива едноставноста и приватноста на оваа земја.

-Во Холандија нема големи разлики помеѓу луѓето во поглед на статус или имот. Секој има слобода да биде себе и да се изразува без страв од осуда. Ова создава културна средина каде што сите се пријатни и нема осудување, додава таа.

Зошто холандските деца се најсреќни на светот? Маја верува дека тоа е благодарение на квалитетниот образовен систем, здравствената заштита, физичката активност и рамноправноста.

-Образованието тука не само што ги подготовува децата за академски успех, туку и ги учи на независност и одговорност. Исто така, имаат големи можности за учење преку активни проекти и развој на лични таленти, изјавува Маја и посочува дека холандскиот систем создава стабилни и среќни услови за децата.

-Ова е земја каде децата растат со слобода и одговорност, што ги прави едни од најсреќните во светот. Децата во Холандија се физички активни, учат за безбедност и развиваат важни социјални вештини кои ги подготвуваат за животот, додава таа.

Животот во Холандија и понудил многу можности, но и предизвици. Иако со нејзиниот сопруг управуваат со успешна фирма, секојдневно се посветени на своите деца и нивниот развој, но и на уметноста, која продолжува да биде нејзина страст и животна цел.

Соња Алексоска Неделковска