Медицината ѝ е неостварена желба, во Америка завршила средно, денес ја гледаме на Тв екраните: Интервју со новинарката Ирена Пепељуговска Цветановски

Добивај вести на Viber

Ирена Пепељуговска Цветановски е долги години во новинарството. Кариерата ја започна со утрински емисии. Пред камерите по долга пауза од 18 години, во 2023 год. се врати повторно пред гледачите и на малите екрани ја гледаме на Тв Алфа.

Таа е ранобудник, и првите минути по станување ги поминува сама со себе. Вели тоа се само нејзини минути. 

„Рамислувам, читам и слушам тивка музика за да не ги разбудам домашните. Се подготвувам за емисија и за сето она што го носи новиот ден“ - ни раскажува нашата соговорничка.

Кафе не пие, но затоа предност дава на сок, чај или некој здрав напиток. Неостварена желба и е медицината, слободното време го поминува со семејството, сака да патува а често знае да посети дестинација за да присуствува на нечиј концерт.  Се обидува секогаш да е толерантна, дружељубива и комуникативна.

Со новинарката Ирена Пепељуговска Цветановски разговараме во денешното интервју.

ЖМ: Ирена, за почеток, раскажете ни за вашите почетоци во новинарството, колку време сте на ТВ екраните? 

- Тв почетоците на мојата новинарско-водителска кариера датираат од 1997 година во Македонската Радио Телевизија во емисиите: Семејна палета, Добро утро добар ден, Добро утро Македонијо и Утринско огледало каде работев се до 2001.


Започнав со снимање на прилози и разговори, следуваа теренските тв патувања низ нашата прекрасна Македонија, линковски вклучувања во програма, се до водење, осмислување на двочасовна емисија во живо со теми и гости од областа на медицина, култура, музика, спорт, социјала, дипломатија, домашни миленици.... Прекрасен период во кој имав можност да учам од доајените на тв екранте (познати и признати спикери, новинари, уредници, режисери и екипа од професионални камермани/сниматели, монтажери, осветлители, тонци, магнетоскопи, сценографи, костимографи и др). Личности кои нѐ учеа дикција, тоналитет на глас, правилен говор, подготовка и концизни прашања за разговор, исправено седење, гардероба и шминка адекватна за утринска емисија, пристојно однесување и почит кон соговорникот. Цветанка Илиева е жената која е најзаслужна за тоа што сум јас денес пред Тв екраните, таа ме покани во Македонска телевизија и беше мој прв уредник и ментор. Ели Танасковска беше мојата втора уредничка, жената од која научив многу и имаше бескрајна доверба во мојата работа. Ќе ги спомнам и колегите Илија, Марија, Сандра, Весна, Ана, Билјана,Ели, Снеже и Елена... 

Потоа следуваше трансфер во телевизија Телма каде се до 2005 година заедно со мојата колешка Марија ги водевме и осмислувавме забавните и квиз шоу емисии „Мислиме на Вас“ и „Не ме знаеш“ во кои со гости од јавниот, културниот, спортскиот и политичкиот живот кај нас и во регионот зборувавме за најразлични теми кои беа дополнети со снимени прилози и телефонски вклучувања. Уште еден професионално прекрасен период исполнет со пријателстава кои сѐ уште траат... По долга пауза од 18 години од 2023 година по трет пат во мојот живот, работам повторно во една прекрасна Тв куќа, Тв Алфа. И во Тв Алфа сме женски тим ( како што беше во претходните две телевизии ) Работиме тимски во три емисии, Утринска програма, Вести од областа на културата и контактната емисија „Збор по збор“. Благодарна сум и од се срце на уредничката Биљана Божиновска која е најзаслужна за моето враќање на Тв екраните, која што веруваше во мене од почетокот и за огромната поддршка што ми ја дава секојдневно во работата. Усогласен женски тим сме и одлично функционираме. Сузана, Искра, Ирена, Слободанка и Ивана се женската утринска сила во Тв Алфа.

ЖМ: Се сеќавате ли на вашиот прв телевизиски настап и како гледате на истиот денес?

-Бидејки студирав социјална работа и социјална полтика, истовремено работев и како менаџер во нашите семејни фирми, па така комуникацијата со луѓе, истражувањата и одговорноста не ми беа непознати. Паралелно на сето ова во нашето семејство растев со луѓе кои имаа искуство со настапи пред камера. Да спомнам дека ми престоеше и пријателска обука од редакциските колеги пред да се појавам на Тв екраните. Мојот прв тв настап беше да снимам прилог во Домот за деца без родители 11 Октомври бидејки сум Дипломиран социјален работник, за емисијата „Семејна палета“ а првиот настап во живо беше разговор по повод денот на крводарителството во емисијата „Добро утро добар ден“ која одеше во недела на Македонската телевизија. Навистина ме радува фактот што од тој ден наваму трае таа љубовна ТВ магија, со која влегувате преку ТВ екраните кај луѓето во нивните домови, канцеларии и срца. Со секој еден прилог и разговор ги едуцирате и информирате гледачите и слушателите, а воедно им помагате на најразлични теми од животот.


ЖМ: Со оглед на тоа дека водите утринска емисија на Алфа ТВ веројатно станувате и порано. Како почнува вашиот ден, кои се вашите утрински ритуали?

- Станувањето рано наутро навистина не ми преставувало проблем бидејки така и ја започнав мојата ТВ кариера-токму со утрински емисии. Паузата која ја имав од ТВ екраните исто не ми го промени начинот на рано станување- одгледав две прекрасни деца на кои денот им беше испонет со разни активности од изгрејсонце. Јас сум утрински човек, ги сакам утрата, и тишината на новиот ден, наутро најдобро функционирам. Утрото ми е омилен дел од денот. Деновите кога сум на утринска емисија станувам во 4 часот наутро и сакам дел од утрото да го поминам сама со себе-тоа се само мои минути. Рамислувам, читам и слушам тивка музика за да не ги разбудам домашните. Се подготвувам за емисија и за сето она што го носи новиот ден. Со годините научив кои бои ми стојат најдобро за пред камера и како најбрзо да се подготвам за работа. Преферирам да сум секогаш позитивна и насмеана и така  да влијаам на работите кои ќе се случат во денот. Секогаш одбирам да сум смирена и професионална на ТВ екраните. Од ритуалите ќе ги споменам праќањето на смс пораки како потсетник на гостите за да не задоцнат во емисија , ставање на омиленото парче накит кое ми носи среќа и преглед на синопсисот за тековната емисија.


ЖМ: Со кој го пиете првото утринско кафе?

- Кафе не пијам, но затоа сок, чај или некој здрав напиток може да се напијам по завршување на емисијата или со гостите и колегите на работа, а кога сум слободна најчесто е тоа дома со семејството но, сакам понекош да седнам на нес кафе кое го пијам само во малското кафуле во моето паркче “Бротче” во населбата Козле.


ЖМ: Што е она што ви дава енергија во текот на денот?

- Семејството пред сѐ, успехот и радоста на моите деца кои се моја најголема гордост (Ана е полуматурантка и сега ми е најинтерсна бидејќи ме потсетува на мене кога бев на тие години (се смее), додека Стефан полага испити од прва година на факултетот ФИНКИ) љубовта на мојот сопруг и неговите успеси, средбите со моите родители (Мишко и Соња од кои ја наследив љубовта кон уметноста и патувањата), сончев ден, мирис на цвеќе, порака дека сум помогнала на некому со нешто, убава песна, фактот дека сум здрава и најблиските до мене исто.


ЖМ: Колку време ви е потребно да се подготвите за емисија?

- Ако пред две децении ми требало до еден час, сега се петнаесетина минути.

ЖМ: Што ве исполнува најмногу во професијата новинарство?

-Можноста постојано да учам, да осознавам, да се надградувам. Телевизијата е моќен медиум со кој верувам дека можам да помогнам некому со некаква информација, идеја, настан, рецепт, мисла, дело, да поттикнам хуманост... Имам можност да запознаам луѓе кои се светски признати и луѓе кои со својата скромност и не себичност планини поместуваат. Медиум каде можам да ја изразам мојата креативност.


ЖМ: Професијата е таква што трпи и критики, како реагирате вие на критика?

- Во секоја работна професија критиката треба да делува мотивирачки бидејки таква е и целта да се поправи тоа што нечини. Одсекогаш сум почитувала право на туѓо мислење, совет, критички осврт кон мојата работа. Особено ги ценам забелешките од колегите од седмата сила, но подеднакво важна ми е и публиката. А, ме радува што и моите најблиски се секогаш со реален коментар кон мојата работна ангажираност. Ме исполнува фактот дека секогаш може нештата подобро да се направат.


ЖМ: Успехот секогаш е производ на заедничка работа, каков е тимот со кој соработувате вие?

-Најверојатно јас ја имав таа среќа секогаш да работам со луѓе кои си ја сакаат својата работа. Гледачите го гледаат финалниот производ, а тој е така спакуван благодарение на луѓето позади камерите од уредници, продуценти, реализатори, организатори, монтажери и техничка екипа...Кога станува збор за прилог, интервју или цела емисија секогаш ја имам поддршката од колегите на кои сум им неизмерно благодарна. Функционираме како едно големо ТВ семејство.

ЖМ: Имате ли неостварена професионална желба?

- Ја сакам медицината која ми е неостварена желба (меѓу домашните важам за доктор во домот, тука сум секогаш за прва помош - (се смее)) а исто така и дипломатијата ме привлекувала одсекогаш (можеби тука има влијание и фактот дека мојата тетка Јана беше долгогодишен шеф на протокол, мојот татко Мишко беше кандидат за градоначалник, мојот дедо Петар беше генерал).... верувам дека доколку нешто посакам искрено со своето срце ќе се оствари.


ЖМ: Каква е Ирена надвор од ТВ екраните, како изгледа еден ваш обичен ден, или после работа, со кого најчесто го поминувате времето?

- Најубаво ми е кога сум со моето семејство. Завршувам обврски околу домот. Со децата одиме кај моите родители (мора да истакнам дека мојот татко Мишко знае да зготви вкусни далматински и словенечки специјалитети и секако му нема рамен за домашно тавче гарвче и сарма, а мојата мајка Соња знае да не изненади со нов насликан цртеж), и кај родителите на мојот сопруг (мојата свекрва креира уникатен накит, слика икони и пишува книги а мојот свекор секогаш знае да ни раскаже некоја боемска случка од Дебар маало и нивната кафеана Идадија) убаво ми е кога ќе се слушнам со моите втори родители во Аркансас - Америка каде завршив средно училиште, како и со драги пријатели кои ги имам низ целиот свет. Се радувам кога пазарам во моето пазарче во Тафталиџе, кога ќе си поприкажеме со продавачите за се она што ни се случува кај нас и околу нас, од нив учам многу. А, особено ми  е мило кога моите деца сакаат да ме запознаат со нивните пријатели, сакам да се дружам со младите бидејки ме враЌаат во детството и младоста. Секогаш пред се сум мајка и најдобар другар на моите Стефан и Ана.


ЖМ: Како полните батерии кога не сте на работа?

- Сакам да патувам, уште од моите средношколски денови кога на 16 години заминав сама да живеам и учам во Америка каде завршив средно образование и матурирав, па до ден денес сакам да посетувам најразлични земји и да запознавам различни култури од светот: Кина и Хонг Конг, Куба, Бали, Сингапур, Америка, Тенерифе, Канарски острови, Малта, Европа... Мојот сопруг е голем љубител на музиката, не ретко знаеме да отидеме на некоја светска дестинација само за да посетиме некој од концертите на U2, EdSheeran, TOTO, Влатко Стефановски ....секако тука се и домашните концерти, промоции, изложби кои со задоволство ги посетуваме. Инаку најмногу ги полнам батериите во моето паркче во населбата Козле каде израснав. Знаеме на ден или два да отидеме до Маврово, Крушево, Берово. И секако тука е и мојот незаменлив Охрид ( за мене најубав на свет ) мојот бисер кој секогаш ме враќа во живот и ми два непресушна енергија. Има нешто исконско во тој град. Мојот бисер на светот. Сакам кога имам можност во текот на годината да отидам и до мојата втора дома Словенија ( бидејЌи имам потекло и од таму).

ЖМ: Ваша особина која најмногу ја сакате и ја поседувате е?

- Оптимизмот и не откажувањето. Додека човекот е жив може сѐ да поправи, а со работата може да постигне многу.

ЖМ: Стилот е однос кон животот, најблиските, работата, а не само тоа како ќе се облечеме. Како би го опишала твојот стил на живот …

- Културен се надевам. Се обидувам да сум секогаш толерантна, дружељубива и комуникативна. Моите пријателства траат долги години и се со взаемни почитувања. Секој ден го градиме семејството, ја одржуваме љубовта и грижата кон своите најблиски.


ЖМ: Имате специфична нијанса на бојата на коса. Дали отсекогаш е таа ваш заштитен знак, или ја преферирате во последно време?

- Како Тв лице знаев често да експериментирам со бојата, должината и формата на косата. Па така од црна рамна и куса коса, преминав во костенлива, црвена, медова, руса до бело-сива и долга коса. Еден период имав и розева или пинк а оваа сегашна нијанса е бакарно црвена по која сум претпознатива. Шишките чинам од секогаш биле мој заштитен знак.


Ирена Ставрова