Бодибилдерката Мери Акиевска „гази“ со победи на домашен терен: „Ме радува кога не сум само јас жена на сцената, убаво е кога сме повеќе“

Трикратната светска шампионка во бодибилдинг со исто толку освоени златни медали,
Мери Акиевска повторно „гази“ со победи на домашен терен.
Имено, изминатиот викенд во Скопје се одржа државно првенство во бодиблидинг, на кое Мери освои нова титула, која е гаранција за следното скалило од нејзиниот нов предизвик.
„Нова титула и прв натпревар за годинава, државно првенство – квалификации за следни чекори, балканско првенство. Освоив прво место во мојата категорија „Wellness fitness“, изјави Мери за Женски магазин.
Успехот е неминовен доколку си дисциплиниран и имаш силна желба дека тоа што си го зацртал сакаш да го оствариш. Така и со Акиевска која не прави горди Македонци.
„Моите подготовки се преку цела година и веќе како професионалец во овој спорт тоа ми е секојдневна рутина и навика. Месец и нешто пред сцена треба да се ставам пред строг режим и подготвена сум за на сцена“.
Во подготовки за натпревар се подразбира построг начин на исхрана. Секој внес на храна да биде строго контролиран за да резултатите на телото бидат видливи.
„Конкретно мерење на храната, протеини, јаглени хидрати, масти, колкав внес на избалансираната храна, временската рамка, оброци, буквално сè се мери. Доволно време за сон, рано легнување и рано станување, два тренинга дневно, а понекогаш и три доколку е потребно“.
Во однос на суплементите во периодот на подготовка се дозволени во овој спорт. Под суплементи се подразбира додатоци во исхраната за брзо заздравување и енергија, како и витамините кои се неопходни.
Учеството на жените во категоријата „Wellness fitness“ на државните првенства кај нас е во помал број во однос на оние првенства кои се организираат во другите земји.
„Во споредба од изминатите години како за Државно првенство, имаше мал број на жени. Посебно во мојата категорија за годинава бевме три што е убава бројка за кај нас. Ме радува бидејќи не сум сама или со уште една девојка, но секако многу поубава е глетката кога има конкуренција и ќе се натпреварувам со повеќе жени“.
Мери постојано е во кондиција и подготвена е да застане на некоја голема сцена која секогаш и е предизвик.
„До сега бев на безбројни балкански натпревари, може да кажам секоја година. Но приоритет ми се големите сцени каде што имам поголема конкуренција и работам на квалитетна форма за такви големи сцени и натпревари, каде што треба да се докажам. Засега е ова Државно првенство како за почеток да се одбележи годината, за следните предизвици нема да откривам ќе оставам на времето, а вас ќе ве изненадам со нова титула од голема сцена“, вели Мери.
Габриела Додевска ГлигоровскаПрочитај повеќе:
Предизвик ми се нови титули, но пред сѐ сакам да се остварам како мајка, да основам семејство и да ја пополнам празнината од моето минато: Интервју со Мери Акиeвска, трикратна шампионка во боди-билдинг