Предизвик ми се нови титули, но пред сѐ сакам да се остварам како мајка, да основам семејство и да ја пополнам празнината од моето минато: Интервју со Мери Акиeвска, трикратна шампионка во боди-билдинг
Мери Акиевска, е единствената боди-билдинг девојката од Македонија на која и успеа да освои три златни медали на светски натпревари. Последниот медал го освои во Шпанија, со кој предизвика многу позитивни коментари во јавноста и направи да се чувствуваме погорди како нација со овој спортски успех.
Мери има 24 години, родена е во Крива Паланка, но уште од нејзините тинејџерски години кога се запишала во средно училиште е со адреса на живеење во Скопје. Изминатиот период покрај тоа што зборуваше во јавноста за нејзините успеси во спортот, ја отвори душата и раскажа детали за нејзиното тешко детство. Како мала таа и нејзината мајка биле жртви на семејно насилство од татко и сопруг, алкохоличар.
Мери Акиевска во прво лице зборува за Женски магазин …
Се опишува како борец со цел да го промени минатото, и дека се жртвува за подобра иднина. Се пронашла во спортот бидејќи тоа ја прави среќна. И се надева дека еден ден тоа што вложува во себе ќе и се исплати.
Еднаш можеби случајно се освојува Светска титула, може да се случи истото и втор пат, но трет пат да се одбрани титулата и да се остане на врвот, тука успехот веќе има посебна тежина, посебно освоен во нормално време, без пандемија и препреки, вели Мери.
Со боди-билдингот почнала да се занимава на нејзини 19 години, кога го имала и првиот натпревар.
„Со бодибилдингот конкретно како натпреварувач се занимавам од 19 години, од првото мое натпреварување на 29-ти април, па се до ден денес без пауза. Моите гени се токму тоа што се бара во овој спорт посебно во мојата категорија „Wellnessfitness“, уште од самиот почеток добив многу видливи промени на моето тело и до ден денес работам на тоа за подобра и поквалитетна форма“, вели Мери.
За да се дојде до совршена форма, тренинзите се секојдневни и без пауза, исто така и исхраната кон која треба строго да се придржуваш.
„Формата се работи преку цела година, но има период кога го темпирам времето до натпревар и работиме на дефинирање на телото, чистење на мастите, за да изгледа се како што треба да покажеме што имаме сработено и секој мускул да дојде до израз. Оброците секогаш се мерени до грам, се состојат од протеини, природни масти и јаглени хидрати“, раскажа трикратната светска шампионка во боди-билдинг.
Утринско-дневната рутина на Мери е поврзана со тренинзите кои имаат различен интензитет во зависност од тоа кога се натпреварите.
„Кога сум во завршна фаза на подготовки правам по три тренинзи. Наутро рано на празен стомак кардио, потоа тежински тренинг и последен тренинг стомачни“, вели Мери.
Дисциплината во тренирањето е иста како и со исхраната. Строго мерена и балансирана храна. За неа непознат е списокот на „забранета храна“ бидејќи консумира само тоа што ќе и донесе посакувана форма.
„Кога сум во подготовки никогаш не правам „чит деј“ туку од самиот старт до крајот на последниот натпревар, јадам само тоа што смеам и што е дозволено. Многумина после некој натпревар прават „чит деј“ но тоа кај мене го нема. Мојот фокус е последниот натпревар“, раскажа Акиевска.
Дрес кодот на жените кои се занимаваат со боди-билдинг го наметнува светската боди-билдинг федерација, па изборот на бикините и високите потпетици не е случаен.
„Бикините што ги носиме на натпревар се наменети посебно според критериуми и барања од страна на официјалната федеравија IFBB, но и во секоја категорија се бараат поразличен изглед на бикини, како и во мојата. Луксузните бикини со Сваровски кристали привлекуваат повеќе внимание и оставаат впечаток од самото светкање. Морам да кажам дека не можеме да си дозволиме често да ги менуваме бидејќи цената се движи од 1000 евра па нагоре. Високите потпетици строго мора да се иста висина, стандард 10 сантиметри според критериумите“.
Специфичност во изгледот на боди-билдинг категоријата е што учесниците на натпреварите имаа видно потемна боја на кожа која ја добиваат со посебен крем за самопотемнување и која е задолжителна.
„Во боди-билдингот е најважна формата, но за да се истакне тоа сите ние користиме боја за потемнување со која ќе ги истакнеме сите наши делови од телото и тоа не каква било боја туку специјално наменета и дозволена за користење во нашата федерација на IFBB“.
Секогаш сака да изгледа убаво и да се чувствува удобно, но ретко оди во шопинг, поради обврските. Но кога има можност најчесто купува патики, од кои никогаш не ѝ е доста, како и тренерки, од кои е зависна. Секогаш сакам да изгледам убаво и да се чувствувам удобно. Кога би бирала помеѓу високи потпетици или патики, бела патика, е нејзиниот избор.
Кога е на плажа реакциите се интересни и од посилната и од понежната половина. Најчесто добива многу прашања, со што на некој начин ги мотивира луѓето.
По национална, балканска, европска, три светски титули и Арнолд класик титула, следниот предизвик за Мери е да влезе во Pro, па потоа Mr. Olympia.
„Но пред сè треба да внимавам на моето здравје, да основам семејство и да ја пополнам празнината од моето минато. Фамилијата е богатство“, вели Мери.
Габриела Додевска Глигоровска