„Ние сме „сарма“ од сѐ она што го има во нашиот систем, човекот мора да верува во нешто“: Елена Антоновска во нашиот подкаст „КАЖИ ШИФРА“
Ви прикажуваме уште еден мал сегмент на третата епизода од подкастот КАЖИ ШИФРА на Женски магазин, подржано од Фактор.мк. Поткастот ќе оди премиерно утре во 10 часот.
Гостинка ни е Елена Антоновска, професионален сертифициран коуч акредитиран од Интернационалната коучинг федерација (ICF – PCC), тренер и сопственик на Ars Lucida – World of Wellness во Скопје.
Ментор и мастер учител за личен и професионален развој, при што листата на вештини и методи кои влегуваат во нејзиниот домен на работа е долга. Во март 2017 година е прогласена и за најуспешна жена менаџер за 2016 година од областа на личниот и професионалниот развој.
Во нашиот разговор зборуваме за многу нешта кои директно го засегаат човекот- на психичка и на физичка база. Сите животни теми, како да станеме подобра верзија од себе, кои се начините за да бидеме среќни, суштината на нашето битие, општествените стеги и норми, леснотијата или тешкотијата на животот, енергијата, како се постигнува внатрешниот мир неопходен за се што правиме, создаваме, љубиме, помагаме...Во секвенцата од видеото подолу, Антоновска објаснува за фрекфенцијата на нашето тело. Сѐ што постои вибрира со некаква фреквенција. Фреквенцијата всушност претставува брзината на движење на одредени честички наречени електрони и протони кои се наоѓаат во атомите и молекулите од кои се состои секоја супстанца или материја. Секој објект, животно, растение, човекот, а и воздухот околу нас има своја вибрација. Секој орган, ткиво или клетка кај живите битија има своја единствена фрекфенција. Научните истражувања покажуваат дека нарушувањето или дизбалансот на овие фреквенции предизвикува состојба на болест, инфекција, оштетување. Кога на пример вирус или загадена храна ќе влезе во телото, тие можат да ја променат природната вибрација на телото или на некој систем во него.
Истото важи и за дизбалансирани емоции и мисли, кои креираат пореметување во однос на физичкото тело, а со тоа го менуваат нормалниот вибрационен образец на телото. На човечкиот организам можат да влијаат надворешни фактори, со кои сме во резонанца или не, односно тие се корисни за нас или не. Ова вклучува храна, воздух, околина, простор и секако други луѓе. Физичкото тело не функционира само за себе, туку е во нераскинлива врска и со нашето однесување, емоциите, мислите, ставовите и убедувањата и уверувањата. Со малку зборови, или сме во резонанца, односно во нашата природна вибрација и во здравје, или сме во дизбаланс, неусогласеност и во болест.
Погледнете: