„Не ни размислувам на таа Ирина што бев пред 2023 година, мајчинството ме промени“: Интервју со планинарката Ирина Камиловска

Планинарката Ирина Камиловска, со години освојуваше врвови во светот, а адреналинот беше тој што ја водеше во секој еден следен предизвик. По успешните планинарски приказни за кои се зборуваше во јавноста, одекна за една од најубавите љубовни приказни кај нас.
Едно заедничко телевизиско гостување на Ирина и Павле им ги промени животите. Се запознаа во „Нешто конкретно“, од каде започна нивното ново животно патување. Сега на патувањето кое започна во пар, има место за уште двајца мали сопатници, кои им ги исполнија срцата со љубов. Нивните две дечиња малиот Јосиф и неговата сестричка Лена.
Да се биде мајка со полно работно време е една од најдобро платените работи, земајќи го предвид тоа дека платата е чиста љубов. Ирина не ги замени планините, само ги стави на пауза за да може да се посвети на една најважна животна улога – мајка.
Ирина Камиловска за Женски магазин зборува за животниот предизвик да се биде мајка на две деца, за активното спортување додека беше бремена, доењето, исхраната, планинарење на мајките со нивните деца …
ЖМ: Сега кога сте мајка на две, синот Јосиф и ќерката Лена како гледате низ призмата на мајчинството. Како да се направи баланс помеѓу сите предизвици на една мајка?
- Мајчинството е најблагородната работа што ми се случила во животот, но исто така и најодговорна. Секоја мајка се соочува со предизвици, особено тазе мајките. Но како и секоја друга, така и јас успеав со многу љубов и работа да ги надминам предизвиците и стравовите со првото дете, па кога се роди и второто навистина не почувствував некаква голема промена кај мене во тој поглед. Едноставно работите се добро познати, и апсолутно си подготвен за сè.
ЖМ: Ќе може ли да ни направите една компарација на првата и втората бременост?
- Благодарна сум на Бог што и двете бремености ми беа навистина лесни и уредни. Освен тоа што во првата бременост повеќе си дозволував „да каснам некоја брза храна или „благце“, друга голема разлика не видов. Па токму поради тоа и килограмите што ги качив беа поголеми во првата бременост. (се смее)
ЖМ: Колку ве промени вас како личност мајчинството?
- Премногу. Не постои единица мерка со која може да се измери промената кај мене откако станав мајка. Од девојка која беше голем авантурист и зависник од адреналин, до мајка која е стопроцентно посветена на децата, дотолку што понекогаш не ни размислувам на таа Ирина што бев пред 2023 година.
ЖМ: Мајчинството изморува, очекувањата дека мајките се секогаш весели и исполнети не се секогаш такви. Како се носите сега кога ја имате малата Лена и Јосиф?
- Мајчинството исцрпува да бидеме искрени. Тоа е постојана физичка и ментална работа, 24 часа 7 дена во неделата. И навистина, мајките ниту се секогаш весели и исполнети, ниту може да бидат. Јас сум природно многу позитивна и весела личност, но откако сме дома четиричлено семејство, имам и јас свои моменти кога ми треба малку мир во себе. Ќе излажам ако кажам дека секој ден е перфектно организиран, без нервози и проблеми.
ЖМ: И во двете бремености не го изоставивте планинарењето, пешачењето, немавте ниту страв да не нешто недај боже ви се случи, ниту пак ви беше тешко. Напротив на сите оние Инстаграм приказни кои ги објавувавте изгледавте задишана (нормално), но полна со енергија и живот. Колку ваквата физичка активност ви помогна вам во самиот процес на пораѓањето и што им препорачувате на идните мајки, кои можеби бременоста ја сфаќаат како состојба во која сметаат дека не смеат да се движат?
- Планинарењето е дел од мојот живот повеќе од една деценија, и не го изоставив воопшто додека бев бремена и со двајцата. Но не можам да кажам дека тоа ми помогнало во самиот процес на раѓање. Имав релативно лесни пораѓаи, но тоа не можам лично и одговорно да го препишам на мојата активност планинарење, бидејќи нема научни истражувања дека токму ваква активност помага во процесот. Но тоа што можам да го препорачам на сите мајки, доколку имаат уредна бременост, да бидат активни! Бременоста не е болест, и треба да се движат. Од друга страна, секоја безбедна активност за време на бременоста, ќе ви помогне полесно физички и ментално да го поминете периодот од 9 месеци, и уште полесно да го направите закрепнувањето на вашето тело, кое е премногу кревко откако ќе родите.
ЖМ: Какви коментари добивавте на социјалните мрежи за тоа што физички бевте активна за време на бременоста?
- Секогаш позитивни и коментари на поддршка од моите следбеници. Поголемиот дел не беа ни изненадени, бидејќи тоа им било очекувано од мене. (се смее)
ЖМ: Дали сте од оние мајки кои постојано бараат совети од веќе искусни мајки или форуми за одредена проблематика, или ја користите вашата интуиција, па го правите она што вие сами сметате дека е најдобро за вашето дете?
- Секоја мајка знае што е најдобро за своето дете. И ова не е клише муабет, туку вистината е дека мајката најдобро си го познава детето. Никогаш не сум била дел од форум, и никогаш не сум барала такви совети онлајн. Но имам две групи на Вибер со мајки, каде што секоја од нас бара совет од другите доколку е во недоумица за одредена работа.
ЖМ: Кој е вашиот став за доењето? Колку е значајно мајката да добие соодветна едукација за доењето навреме, уште пред породувањето?
- Доењето според мене е најважниот дел за мајката и бебето откако ќе се роди, нераскинливата нишка помеѓу нив. Јас одев на часови за доење во Бебелогија, кај сертифициран советник за доење Јасна, на која вечно сум и благодарна, и секаде ги препорачувам! Соодветната едукација е неопходна, и жално е што треба самоиницијативно да бараме вакви типови на едукации … Но, за среќа ги има!
ЖМ: Што се однесува до храната, дали внимававте што консумирате, и имате ли храна на која посебно сте навлечени додека бевте во блажена состојба?
- Интересно е дека во бременоста со Јосиф многу сакав да јадам кечап. (се смее) Имав луди комбинации на кечапот, кои не можете ниту да ги замислите …
Што се однесува до исхраната сега, освен мешункасти растенија, друго сè јадам. Нив ги избегнувам за да немам подуеност на стомакот Лена бидејќи е доенче, а исто така ги избегнував и кога го доев Јосиф.
ЖМ: Колку Јосиф беше поразличен од Лена како бебе и обратно?
- Тоа се две деца од иста мајка и ист татко, а се толку многу различни … Не ми се веруваше дека може да се роди второ бебе толку драстично различно од првото.
ЖМ: Како ја прифати Јосиф сестричката?
- Со многу труд, многу внимание, многу работа со Јосиф, успеавме да направиме постаро грижливо братче. Несомнено ја сака премногу, и е многу внимателен со неа, што особено ме радува. Јосиф со неговите годинка и половина успеа да го прифати новиот член на семејството без никакви големи проблеми.
ЖМ: Улогата на таткото исто така поеднакво е важна во процесот на родителство. Колку Павле учествува во целиот процес на родителство?
- Павле е прекрасен родител на двете деца! Ми помага премногу, а сега со Јосиф се како најдобри другари, и се обидува максимално да е вклучен во целиот процес на родителство. Јосиф го обожава татко му. Го емитира секое негово движење, секоја негова рутина наутро … навистина „бондот“ помеѓу нив двајца е силен, и мене тоа ми е преслатко. Лена е сè уште мала, доенче, и најчесто ја бара мама.
ЖМ: „Мајки на Водно“ една иницијативна која случајно се создаде и имаше убав одзив. Продолжувате ли со оваа иницијатива наскоро?
– Од месец април повторно се активира нова група „Мајки на Водно“. Се надевам ќе има исто толку успешен одзив како ланските две групи. Прекрасни дружби кои прераснаа во вистински пријателства помеѓу мајките.
ЖМ: Минатиот месец имавте еден убав повод за славење, тоа е годишнината од брак. Две години заеднички живот исполнет со многу љубов. Како ги славите обично овие убави моменти?
- Оваа година прв пат славевме годишнина од брак со две мали деца дома. Успеавме да „избегаме“ од дома на една пијачка додека бабата ги чуваше Јосиф и Лена, но верувајте дека тоа беше само 1 час. „Duty call“. Сепак, овие моменти се најубави кога сме сите четворица дома заедно. Тогаш се чувствуваме исполнето и комплетно.
ЖМ: Дали е Павле романтичен и знае да ве изненади без причина?
- Павле е вистински џентлмен, и тоа го препознаваат многумина кај него. Јас веќе не се изненадувам кога ќе ми купи подарок или цвеќе или ќе зготви јадење. Тој точно знае кога ми е потребно такво нешто, и го прави тоа од сè срце за мене, за нас. И никогаш не чека повод или причина за истото.
Габриела Додевска Глигоровска